Зошто „подобро да си сама, отколку во лош брак“ се скрати на „подобро да си сама“?

Традиционалниот хетеросексуален брак, изгледа, не само што е надминат, туку полека станува и сосема непосакуван. Низ целиот свет, каде и да погледнете, жените се откажуваат од мажите

Да, жените сè уште влегуваат во брак, но ослободени од романтизираната идеја за „засекогаш заедно“. Тргнуваат на заедничко патување на создавање семејство, со мисла да стигнат „до кај што ќе стигнат“. А потоа, ќе видат. Разводот е опција уште од старт. Жените повеќе не мислат дека бракот е единствениот или најдобриот начин да имаат семејство. И повеќе немаат трпение за мажите.

Мудрите старици коментираат дека „жените денес ништо не сакаат да трпат“. Тие трпеле сè и сешто, држејќи се за стандардот на „добар живот“ – доволно е да не е расипник и насилник. А ако покрај тоа е и верен и не пие, што повеќе може да очекува една жена?

Можеби нивните очекувања биле реални. А можеби биле премногу ниски. Или пак нашите очекувања денес се нереални и премногу високи?

Како и да е, жените повеќе не чекаат на мажите да им „дојде памет“. Спремни се да живеат во свет без мажи и плус, активно го создаваат.

Во магазинот Њујорк Тајмс неодамна беше опишана функционална заедница на пензионерки во Тексас, која вклучува 11 жени, 9 кучиња и минимум драма (без мажи). А Елизабет Гилберт зборуваше за недостатоците поради кои традиционалниот хетеросексуален брак е лош избор за жените, во подкастот на Моника Левински.

Трендот не е нешто особено ново, ниту изненадувачки. Можеби се сеќавате на социјалниот клуб и работен простор само за жени, кој во 2016 година го основаа Одри Гелман и Лорен Касан, а беше затворен во 2022?

Идејата дека ни е подобро без спротивниот пол барем делумно влегува во мејнстрим – а можеби дури и го доживува својот врв.

Сето ова укажува на една вистина што многу жени ретко ја изговараат на глас. Иако долго време верувавме во хетеросексуалното партнерство и традиционалниот брак како основа за живот полн со среќа и љубов, тој може да биде потежок од самотијата.

Можеби и самите сте размислувале за тоа – кога ви здосадило да го „штелувате“ расположението во просторијата пред воопшто да го осознаете сопственото. Или кога ги преведувате чувствата на партнерот, додека вашите остануваат неизречени. Кога сте изморени од тоа да водите сметка за сè – од списокот за купување, преку закажаниот преглед кај педијатар, до организацијата на годишнината.

За првпат во историјата, на жените не им се потребни мажи за да опстанат. Имаме кариери, заработуваме, поседуваме имот и одгледуваме деца без мажи. Со тоа, традиционалниот брак го губи својот првичен смисол. Тоа значи дека одлуката за партнерство денес е избор, а не нужност.

Но дури и кога ќе влеземе во таа „слобода на избор“, изгледа дека повторно ја влечеме пократката сламка. Ако се задлабочите во податоците, се појавува неверојатен парадокс:

– Оженетите мажи се поздрави, поретко страдаат од депресија и живеат подолго од неженетите.
– Мажените жени пак, пријавуваат поголем стрес, помалку слобода и поголемо незадоволство.
Врските често функционираат како чамци за спасување, држејќи ги мажите „над вода“, додека жените веслаат исцрпено.

Разберете: и мажите и жените се ранливи во својата потреба да бидат избрани. Само што се изразува различно. Жените се научени да ја „заслужат“ љубовта така што ќе бидат пријатни, несебични или „мали“. Мажите се научени да ја заслужат преку постигнувања, доминација или преку тоа што своите емоционални потреби ќе ги стават на грбот на жените и ќе очекуваат потврда за возврат.

Сите сме учеле да ја мериме сопствената вредност преку надворешно одобрување, наместо да учиме да ја почувствуваме одвнатре. Врската што така се создава не е блискост – тоа е зависност маскирана во партнерство.

Жените често ја мешаат контролата со грижа, функционираат „преактивно“ за да го држат системот стабилен, а потоа им замеруваат на мажите што не се вклучуваат. Тоа се случува постојано, а да не го ни забележуваме.

Може да сте лути затоа што вашиот маж, на пример, не забележува дека на детето му се скинале патиките. Но ако малку подлабоко копате по тој гнев, ќе видите дека воопшто не сте му дале шанса. Секогаш скокате и решавате сè, затоа што не можете да поднесете на детето да му недостига нешто.

Со години сте го „тренирале“ мажот да биде пасивен и да чека да му кажете што да направи. А му кажувате дури кога ќе ви „пукне филмот“. Значи, го имате научено да реагира само на најгласните и најнепријатни команди (како и мајка му).

Префункционирањето на жените изгледа како лојалност, но под него се кријат контрола и исцрпеност. Она за што ги прозиваме мажите е токму она што нè држи заробени во патријархалните шеми. Се држиме до митот за мачеништвото, мешајќи ја жртвата со љубов.

Се спротивставуваме на поставување граници, затоа што нè учеле дека тоа е себичност – иако токму тие граници би можеле да станат темел на вистинска интимност.

Можеме ли сепак заедно?
Еве една подлабока вистина: традиционалните улоги не им служат ни на мажите.

Момчињата се учат дека емоциите, поврзаноста и самосвеста се слабости. Пораснуваат во мажи кои се емоционално и духовно неразвиени, отсечени од сопствената длабочина и од најблиските. Можеби живеат подолго, но тие дополнителни години често се поосамени и помалку исполнети. Подолг или поудобен живот без вистинска поврзаност не е некоја добивка.

Патријархатот, всушност, го саботира вашиот брак. Тоа е лош договор за сите.

Сепак, фрустрацијата што ја чувствуваат жените е реална и оправдана. Никој не треба да биде лепакот што сè држи заедно, додека партнерот никогаш не научи да го направи својот дел. Оснажувањето, меѓутоа, не доаѓа преку бес и исцрпеност, туку преку промена на образецот.

Во пракса, тоа може да значи да забележите каде велите „да“, а всушност сакате да кажете „не“.

Може да значи директно да побарате реципроцитет, наместо тивко да се надевате дека некогаш ќе се случи. Да дозволите „топката да падне“, наместо херојски секогаш да ја спасувате ситуацијата. Да му оставите простор на партнерот да интервенира (колку и да сте незадоволни од тоа како изгледа во почеток).

Револуцијата не е во тоа да се откажеме од мажите, туку во тоа да се свртиме кон себе. Можеби прашањето не е „дали е тешко да се живее со мажи“, туку: дали улогите што сме ги наследиле се тешки?

Почнете од себе и од својата улога: препознајте ги своите обрасци и „окидачи“. Во согласност со тоа, променете ги своите реакции, поставете граници и инсистирајте на нив. Не затоа што сте огорчени и „веќе не знаете што да правите“, туку затоа што ви е важно да имате длабока поврзаност – со себе и со другото човечко суштество.

Тоа е чин на секојдневно херојство за современите жени. Не само што го спасува односот, туку го прекројува традиционалниот брак во вистинско партнерство.

Не чекајте брачните проблеми да ве „турнат“ кон решенија:
дали тешките времиња навистина ве доближуваат како пар?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *