Сутерен.мк

Игор Пачемски: Кармен

„Кармен“ отсекогаш била педерски бал. Од борбата на двете „Кармен“ во Калгари, кога Катерина Вит и Деби Томас се бореа за Олимписко злато (поубавата и потрадиционалната Кармен победи), до Јулија Мигенес и нејзината „огнена мачка“ верзија на фаталната циганка, “camp” ремек делото на Жорж Бизе има се што е потребно за да предизвика старо-теткински воздишки: Traje de luces, mantilla, офицерски чизми, рози во косите, фламенко бравадо (aye che arte) и секако, драматично умирање на хероината.

Во Македонска опера се одомаќинив по трагично лошата „Pagliacci“ спасена од сценографијата на Илина Ангеловска (лондонскиот тренинг се гледа од авион) и младиот ансамбл, slash хорот во чии гласови лесно се препознаваат идни солистки (мажите како по обичај, се послаби).

Иако мислев дека полоши костими од тие на Никола Булески нема да видам сепак, еве, имало повеќе кандидати за оперската „Барбара Декс“ (награда која се доделува на најлошо облечениот претставник на Евровизија, крстено по несреќната Барбара и креацијата сошиена од нејзината мајка). За разлика од познатата англиска – “to make a silk purce out of a sow’s ear”, тоа што го видов беше обратното! How to turn a silk purse into a sow’s ear!

Да почнеме со позитивното, а тоа е дека оркестарот е фантастичен. Didn’t miss a beat. Дувачките инстурменти, кои обично знаат да зафучат некој тежок фалш, беа беспрекорни. Николина Јаневска (Carmen) , вокално беспрекорна. Како и Сандра Митровска (Micaela), Ана Ројдева Талевска (Frasquita) и Соња Пендовска – Мадевска (Mercedes).  Зоран Сотиров (Don Jose), доста подобар од Ристе Велков (Escamillo).

Хорот, особено женскиот дел, фантастичен. Во очи паѓа темпераментната Серафина Фантаузо за која сепак, сметам дека би била добра солистка, бидејки е исклучително харизматична. Покрај тоа е луда како дрогирана жаба и е гласот на Зета Македонија со музичка кариера која се протега од Тетово до Охрид, преку фестивали од сомнителен квалитет и видеа во врвот на Скопје 2014, каде што “Цвета од Македонија” пее со Дедо Мраз, се проектира како античко сесловенско божество, но пред се, прави „фр, фр“ со сукњите, ерго во улогата на пратечка Ромка, со огрмони можности на пафкање на фламенко здолништата. Андалузиски, жената е на седмо небо. ДАЈТЕ И УЛОГА! Пари ќе платам да ја гледам!

Е сега, за она другото. Сценографијата на Елена Иванова (Бугарија) е неверојатно лоша. Севилја (еве ви линк на вики https://en.m.wikipedia.org/wiki/Seville) има историја како дел од Калифат. Пустата, веројатно понесена од бугарската желба за демонстрирање блискост со шпанскиот темперамент (Банда дел Падре, “Искам да см портокал, в твојта сангриа“) доловува некој бизарен микс на „Багдадскиот крадец“ и работилницата на Џепето. Арапските килими, иако историско егзактни, не прават ништо за да ја доловат Андалузија.

Во првиот чин, “брилира” и костимографката, која од една расна убавица како што е Николина, прави проститутка изгубена во работилницата на Џепето. Како дизанјер на долна облека, забележувам примери на еклакантно незнаење од тоа како да се облече жена со големи гради. Од Eye Que („бабо сплети ми цицка“) на Алек Бимбиловски, до овој монструозитет во кој беше облечена Николина. Здолниште кое го пресекува телото на погрешно место, лош градник и блуза која од раскошното деколте на Николина прави “море од цицки”, една расна убавица ја трансформира во “frump”… Николина, која е сама по себе исклучително секси, дали поради локалните инхибиции или поради срам или поради некој бизарен момент на лудило, во однесувањето гравитира од Елена Ристевска во „Нинанајна“ (најгорд момент на македонски сценски курварлук) до “откачена” средношколка од „Карев“ (Карпош 3 е одговорен за многу нешта!) која “штосно”врти со очињата.

Во првата сцена е визуелно осакатена и Micaela, која е облечена како Ленче Делова/Шенка Колозова во „Македонски народни приказни“, со руса, монтирана плетенка, падната од страна (Кармен ли е, Рапунзел ли е?!) која некако, беше ставена во улогата на Паца од „Солунски патрдии“. Костимите во вториот чин не беа ништо подобри, опсесијата на Македонките со машки шешири, можеби дојден преку Билјана Ристиќ или Сабина во „Неподносливата леснотија на постоењето“ (Лајза во „Гуд бај мај либе хер“ не стигнала до нив, Fosse не ни е нивото) и добиваме бизарна мешавина од Gaucho, Argentina, Cinco de Mayo и секако, ДРУГ КОНТИНЕНТ.

Кога племето на Кармен заспива во сеното и се гледаат роговите на бикот, очекувам “O’ little town of Betlehem” да ми го запее Даниела Мартиновиќ, а во третиот чин, сценографски сме префрлени во LesMiserables, каде што Don Jose со бела коса (silver fox си е човекот, ама перика бре?!) во алиштата изгледа повеќе како Жан Валжан, отколку како “jilted lover”. Кармен во меѓувреме е претворена во попадија, во попска одежда со табард од жакар. Дали носеше некоја икона, не забележав. Среќна слава, Ивко!

Кулминацијата на костимографскиот хорор, се случи во последниот чин, кога Кармен, се претвори во Дајан Перне, култната модна блогерка од Париз (инаку Американка која се прави Французинка – ужасен, фејк и лош човек!) во фустан кој сепак го оцртува струкчето на Николина, но од пусто незнаење, тешките карнери го повлекоа трикото и добивме ефект на “чокаја” хибридизирана со Morticia Spice, а не на femme fatale подготвена да умре, И тоа на корида. На моменти целата кореографија е повеќе „Кармен Џоунс“, отколку „Кармен“ (мјузикл направен по „Кармен“, што исто вреди да се види) со тешки примеси на Макфест и сценски движења од мјузикл. Моќното Paso Doble, тука изгледа како ревијален танц од „Танц со ѕвездите“. Кармен имаше еден момент на заводливо мешање со кастањетите што траеше повеќе од минута! (Милка Ефтимова три седишта од лево, подигна веѓа тука, “resplendent” во црн брокат со фуксија акценти.) И наскоро потоа Кармен умре.

Најтрагично е тоа што во сцената на коридата, целиот фокус на костимографката беше морето црнила кое, иако е доста егзактно по боја, крие многу детали на изработка, а токму тоа недостасуваше во костимите на солистите. За да имаме модерна, Gotham Project meets Rosalia Кармен, треба да имаме една перфектна класична „Кармен“ на која ќе се надоградуваме. Ова не е прашање на буџет. Ова е прашање на незнаење, немање доволна визуелна култура и пред се, на лошо одбрани кадри! Ова не е солистички концерт. Ова е опера, а тука, визуелното е битно речиси, колку и музичкото.

Скопје во моментов, што се однесува до жени го има можеби и најдобриот локален ансамбл. Во секој случај, подобар од еден бастион на операта како што е Софија! Николина, Сандра, Ана и Соња (и секако да не заборавиме на Серафина) имаат иднина и се возбудливи и едвај чекам да ги видам како Турандот, Елса од Brabants или како Cho Cho San.

Како позитивна забелешка, иако сценографијата беше неспорна нула, ја поздравувам културната размена со Бугарија. Додека „Охридско лето“ го масакрираа оние две криминогени сељанки, МОБ гостуваше во Бугарија, во Варна и реакциите се одлични. Инаку, најзабавно ми е е дека акронимот МОБ е ист како кратенката за мафија. Па така, од пералница за пари, МОБ и покрај пропустиве, станува една сериозна институција, бидејќи од музички аспект немаше криминал. Оркестарот и ансамблот пееја за “сите пари”!

П.С: Кармен, дрмни две ракии пред настап, пушти коси ветар да ги носи и, блескај!

Оркестар: 4,9

Вокалисти: 4,5

Сцена: 1,8

Костими: 2,1

Средна оценка: 3,4/5

****

(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *