Првото прашање кое ми го поставија, post factum, беше – како го фатив? Според проценката на докторите со кои зборував, најлогичната дата беше неделата, на 14 декември, во Веро Џамбо. Сакав Мечката да има празничен дом, прва Нова година му е во странство, па се напикавме во „ коронарник“ со светки и лампиони! Тој за среќа, не се зарази.
Во средата качив висока температура, но брзо ја спуштивме. Чувствував и вкус и мирис, сезонскиот грип кружеше наоколу, „шта зна дете, шта је сатурација!?“
Наместо да летам за Белград, фините госпоѓи од „Air Serbia” ми го сменија билетот и Калија Киселички, со леопардова бунда и куфер, се упати да ги реализира идеалите за Горчливите солзи на Петра Вон Кант во Австро-унгарскиот хотел во Сремски Карловци.
Во фаза на делириум, со веќе развиен билатерален процес во двете белодробни крила, оставав и бизарни инструкции на француски за српска манекенка која требаше да има снимање во Париз?! Во неделата, кога килограм месо дневно го заменив за едвај една изедена мандарина, ми стана јасно дека не е на арно. (Добро е што воопшто ми текна!?) Испив панцеф, витамин Д, витамин Ц… Во понеделникот сабајлето, бев да се тестирам. Кога ми јавија дека сум позитивен, отидов на преглед во „Жан Митрев“.
(Сатурацијата е чудна работа, а особено Ковид сатурација! Бидејќи еден мој бивш, Марк, беше дел од лидерите на кризниот штаб во Лондон, ми објасни дека гледал случаи на луѓе со сатурации 60, кои имаат кохерентни разговори, а кои во нормални услови би го шокирале организмот.)
Нејсе. Се паркирав до палмите, ми зедоа крв, направија рентген и ме оставија да чекам – надвор или во автомобил. Во чекалната има едно столче! Целата слика е доста патетична, бидејќи сакате да верувате дека во 21 век, во ек на пандемија, ќе има три – четири столчиња најмалку!? Но не, ова стоичко столче, седеше само и стана мое.
Докторката веднаш загрижено ми кажа дека наодот на белите дробови е катастрофален и дека и без лабораторија сум за хоспитализација! Вели, ќе ме чини 6 000 евра без третмани, дека ќе ми се јави некој од администрација и ме замоли да чекам надвор!? (На плус пет степени. Добро е што не беше минус дваесет!)
Првата работа што ме шокираше: зошто нема некое информативно ливче, кое стандардно се дава на позитивен тест или пред хоспитализација, на кое зе запишани можностите за избор на вашето лекување – државно, приватно, модуларно, хибридно…!? На прашањето, кои ми се другите опции, добив едно студено „не знам“! Знаеш ти дарлинг, многу добро знаеш, ама ок. Дури и да сте Македонец, со лична карта, без GP, тазе населен сеедно, мора да има опција! Ама, не ви се дава.
И „док палме њишу гране“, а вие сте во илузија дека внатре ве чекаат Фројлајн Марија, ангели и харфи, ви се јавува рапав глас со траги од дијалект (одвратен сноб сум, знам!) и ви вели: 12 000 евра уплатете инаку, прием нема!
Во моментот сте подготвени да дадете една солидна годишната плата ( 12 илјади евра би не хранеле сите дома 12 месеци комотно, сосе мачките), која ја немате, секако. Па веднаш почнувате да пресметувате на менталниот абакус од која картичка колку можете да извадите, што имате во сеф, од кого можете да позајмите… Знаете дека никој ни сто евра нема да ви позајми (реално, од кај ќе ви ги најде!?), па почнувате да се ценкате со докт’ро од источните краишта кој на крајот ќе ви рече „снајди се, па бујрум“, додека ситурацијата ладно ви паѓа до шеесет.
Со помош на несебичниот и вечно подготвен за помош, Трифун Костовски, во улога на супер херој – slash самовил (а и самиот поминува низ ужасен период), се направија некои магии и ми беше дозволен влез за помала сума. Со Мечката (збрлаена) од 100 банкомати, па парите од фиоката за гаќи, па леле теглата за Божиќ, па чекај и од бугарската… извадивме 6 000 евра во денари. (Како Цеца и Лидија Величковиќ кога одат да прават нелегални трансакции во ФК „Обилиќ“ бевме!)
Во нова фармерка, Тимберленд 49 – ки, црна ролка, антилоп моторџиски кожњак, шешир и задолжителната Вествуд марама, се упатив – на нозе – да умрам во клиниката „Жан Митрев“, но не пред на благајната на рецепција да избројам 370 000 денари, и потоа да се упатам во количка, во приемната соба.
Цимерот ми беше некој штипски директор (нема ваљда фаца од маало да видам таму, нели!?), кој личеше на Јул Бринер и можев да го замислам како клекнува во костим за капење од 20 – тите години, за да испушти гасови. Да, и во очите на смртта бев инфантилен идиот!
Откако се избањав (со кој памет ме пуштија во таква состојба!?), ми беше кажано дека не можам да ги облечам моите Ралф Лорен пижами, туку дека ќе ми дадат болнички. Најфино им објаснив дека имам 160 кг. и речиси сум два метра и дека нема шанси да ми најдат нешто децентно! Резултатот беше фантастично забавен!
Добив „спавача“ за дебели жени. Долната ивица ми беше на половина мандало, отворен задник, машничка од страна… Личев на една од грациите на Рубенс – со јајца!
За време на ноќта ми паднала маската, сатурацијата стигнала до 50, семејството телефонски ми било предупредено дека сум многу критичен, побарани и уплатени се уште 3 000 евра и со гол газ и развеан патлак, борбата можеше да почне утредента – на интензивна.
Патем, и вечерав и појадував. Ваква свиња, двапати не се раѓа!
(продолжува)
( Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)