Точно една година откако ја поминав македонско-бугарската граница. Ја поминав пешки, буткајќи три куфера, оставајќи ги Живко и мачките во Софија…
Си дојдов дома. Потсвесно со намера да умрам. Колку и морбидно ова да звучи, после така ужасна година, изморен, остарен, дебел, бавен, се вратив дома да си починам. Или да починам?!
Очигледно доаѓа возраст кога повикот на сирената од родниот крај е пресилен да му се одолее. Се сеќавам на хроничниот умор. На стресот. На сецоните ноќи. На безобразните разговори со тимот на Ралф, на одмор во Бајроновската вила на Сицилија. Се сеќавам на вкусот на Естерхази во Сахер помешан со срамно боцкање под мишки дека оваа зима може да донесе крај на сé.
Време беше. Да се живее или да се умре. Но не како досега. На денот на Бастилја, иронично, два дена после испит француски зачекорив на македонско тло, како 42-годишен, без лична карта, со пасош, со шизофренично партнерство со бугарско-грчка фабрика, притиснат од секоја страна ја поминав границата пешки.
Влегувајќи во стариот стан, вклучувајќи ја климата, наоѓајќи се себеси во таа Екс-Ју колиба беше релативно лесно. Рептил, Веро, здраво комши, ми дозволи како некој дементиран волк самотник да почнам да се обидувам да реплицирам тоа што го оставив зад себе, цела екипа, фабрика, агентури, од кауч на Партизанска.
Сам, самцат. Првите шест недели поминаа како низ некоја магла. Меланж на стрес, нелојалност, измами од бивши соработници, тужби, финансиски голготи. Стандард. Одеднаш, некако, како некоја дисфункционална армија на глувчиња и птички Пепелашка почнаа на дистанца да ја шијат колекцијата. Фотосесија со Портрет, виртуелен саем во Њујорк, учество на видео конференција на Америкаскиот саем за долна облека, крунисано со договор за изработка на колекција за Antropologie за Америка, Англија.
Што би се рекло “so far, so national velvet”. И одеднаш, тагау! КОВИД, интензивна, ќе се умира.
Живко е депортиран (за сето тоа повеќе во Македониум 3, го сакам триптихот како формат) и останувам сам, со долг Ковид-19, на кислородна подршка само со пет мачки.
Од моите пријатели, ако можам така да ги наречам, тука беше само Сашка. Сите други мудро ќутеа, се лечеа, егзистираа, ама не беа тука. Одлична животна лекција.
И додека забрефтан, со сатурација што флуктуира од 80-90 се обидував да водам куќа, да пасам мачки и да преживеам, во мене се случи една пресвртница која ми докажа уште еднаш дека човекот од камен е правен.
Имено, со нешто малку пари во мојата американска фирма, се обратив до моето портфолио на клиенти, облеков костум или мојот еквивалент на сето тоа и шест недели по излегување од болница ги пронајдов вистинските производни партнери во Македонија (од злато се правени луѓево), моите лондончанки кои за разлика од моите скопјанки проактивно се сврзаа со моите Американки, моите Холанѓанки и моите Јапонки решија дека Игор нема да умре.
Реално, тие ја донесоа таа одлука наместо мене. Сашка, како вечен оптимист и пионерски чесна, во ноември ми рече да аплицирам за ФИТР грант за забрзан развој. Пред Ковид-19 (инстинктот е чудна работа) идејата ја отфрлив како смешна, се насмеав на типот на фирми што добиваат грантови и идејата брзо ја удавив во неколку мохита и потоа нели, отидов да цркнам во Жан Митрев.
Добив неверојатно разбирање од американските финансиери и од моите бизнис партери во Британија, САД и Јапонија и решив дека сум во позиција да направам нешто револуционерно во Македонија во мојата индустрија.
Комбинираниот бизнис модел, со фокус на full package фабрики кои можат да направат производ на највисоко ниво од скица до извоз ми се чинеше како најкредибилен начин текстилот да излезе од прангите на ЛОН-от. Такви фабрики во МК скоро и да не постоја (мислат дека постојат).
Во исто време марката Noblesse Oblige продолжи да биде глобален лидер во својот сегмент на млади марки. Успесите се редеа и нарачките пристигнуваа. Бев поканет да бидам една од 40-те глобални марки кои на светскиот саем за долна облека беа тргнати од контекст на долна облека и истакнати како лајфстајл марки со можност за забрзан развој.
Concepts Paris, светската водечка компанија за предвидување трендови за долна облека ме покани токму мене да бидам гостин за 2023 (имам цел дел на саемот во Париз само за мојот опус). Кога оваа колумна ќе осамне, ние од кауч на Партизанска ќе сме направиле извози до глобални ланци на продавници во два квартали почнувајќи од нула.
За да се постигне сево ова, се чувствував како Роки кога тренира пред последната борба. Само што место трчање по скали, моите склекови беа повици во Хаваи во пет изутрина, скицирање и на рака и на компјутер додека не ми истечат очите, правење метикулозни калкулации (цекој долар по 5 пати вртен пред да е потрошен).
Сево ова кулминираше со избор на дуќан/атеље во Стара Чаршија, во Безистен, со навистина издржана приказна со “slow fashion” и аплицирање на ФИТР фонд за забрзан раст за заем за етаблирање на оваа идеја во Македонија и отварање на минимум пет работни места. Додека да се врати Живко (во мај), јас веќе од човек на постела, станав човек кој четири дена неделно е на пат, кој има активни повеќе милионски кредитни линии во Америка и многу солидно портфолио на клиенти и нарачки и секако, огромна шанса за успех.
Прашањето беше само колку тој успех ќе се пренасочи во Македонија, а колку не.
Под диригентска палка на Коста Петров, човек кој е некој бизарен микс на спин доктор, PR и претприемач, а по скопски, како што и сум цврсто убеден, трчи-лажи, ФИТР е воден како хипстерска маркетинг агенција полна со buzz words. И жаргон, а во тој ветер и магла, освен дипломи од третокласни универзитети и излитени фрази од консултантски книги, нема да најдете многу.
Мојата индустрија пак, после приватизацијата ерадираше, цела категорија кадар што мисли и беше ангро, со малку чесни исклучоци водена од бивши криминогени директорчиња, што украдоа за време на транзицијата, работеа ЛОН, во кој Германецот сфати колку сме ние мрзливи и глупави, ни носеше скроено, а ние шиевми за пет пари.
Имаме една криминогена индустрија што ја водат рехабилитирани транзициски лопови или грант-џокеи кои некако, иако кога ќе ги видиш, не би им дал сатар у руки, а не нешто пософистицирано – со грантови прават мали локални фабрики во кои платата и понатаму е македонски минималец или помалку.
Поради невидливоста на оваа индустрија, таа е и идеален кандидат за корумпирано финансирање. Што мислам со ова? Место “full package” фирми со директни врски со пазарот, ние финансираме фирми кои земаат нарачки од трета или од четврта рака. Фирми без никаков капацитет директно да пласираат производ на Запад, а со давање ФИТР заеми даваме кредибилитет на нивните бизнис модели кои добиваат работа, а притоа и плаќање од финансиски осакатени диносауруси како Балкантекс од Бугарија, кои потоа даваат работа на наши производни куќи како Окитекс и истите ги даваат на фирми како овие што се наградени од ФИТР како бизнис лидери?!
Каква е оваа математика? Какви се тие фирми со долгорочна државна корист кога не создаваат интелектуална сопственост? Какви се тие фирми кои не оставаат зад себе никакво know-how? Фирми кои упорно држат една цела индустрија на ниво на плати од 200 евра и се за тоа уште наградени? Од кого?
Па од група експерти платена со државни пари, а ако отидете на јутјуб профилот на Коста ќе видите дека Марвин Лиао, бивш директор во Јаху е човек кој Коста го парадира на конференции (so 80-ties) во Тирана уште од 2014-та.
Почетничка грешка, ако мисли дека во 21-ви век за три секунди нема да видиме дека пајташите си ги собрал, им дал хонорарче и си играле ентерпренеурс. Еден од наградените проекти е и глампинг! Ова е маркетиншки еквивалент на глупата, грда, дебела другарка што последна купуе 501 и последна почнува да користи фрази.
Во свет кога 3Д принтање, софтвер за симулација на фитови, програми со сто отсто утрошак се реалност, Македонија преку недоквакани консултантчиња (Заев ги собира овие како глупача салфетки) финансира фирми без директен достап до пазарот, финансира гранки кои без радикална промена на модел на работа ќе мораат да останат на ниво на плати од двеста евра за да бидат компетитивни, кога човек што прави ветинг на проектите е добитник, кога комисијата се состои од пајташи на директорот на фондот (како бивши стратешки директор на Hemming Group од Лондон, доста повеќе знам за конференции и саеми отколку што изгледа), кога имаме земја каде што 99,99 отсто од фабриките не знаат да нарачаат ластик или да направат крој (со образование од браншата кое е толку катастрофално слабо, што подобро е да го нема), кога за работнички права зборува Маријана од „Санда“ која до вчера држеше жени во гаража во Влае, што очекуваме?
Кога едно пичлеме како Коста Петров овој сектор го води и дрибла, каде е бизнис заедницата да го распне овој “експерт“ што натуца англиски (гледајте му ги интервјуата на јутјуб и кринџајте), така ни е!
Што е епилогот на сето ова? Треба да ви биде јасно дека секако заем не добив. Добив образложение на “pidgin inglish” за тоа дека проектот не бил кредибилен. За Розентал и Џеј Пи Морган е, за нашиот Коста не е.
Пајташите не ги прочитале, ниту разбрале проектите.
Ми беше кажано дека мојата фирма нема позиционирање, ниту меѓународен профил, иако имам активни нарачки од повеќе огромни светски фирми и сум на глобален пазар со години како глобално признат експерт во моето поле. Оваа изјава сама по себе е скандалозна и бара некој да носи огромна due diligence одговорност. На моето екстремно остро писмо и фејсбук статус, се уште немам одговор од ФИТР.
Крајно безобразно и непрофесионално! Што се однесува до Безистен и продавницата, истиот го превзема ИВЗ, па нема да се отвара ни салонска продавница. Креативното студио на мојата марка се сели во Белград и проширува во Лондон. Мојата фирма од Хаваите ќе продолжи да работи со прекрасната партнерска фабрика која е единствената светла точка во овој бучкуруш наречен текстилна индустрија.
Настапувам во Париз во септември како македонска марка. Една од наградените фирми веќе не го произведува својот core производ. Притоа, една од наградените фирми во мојот сектор по 4-ти пат има профит од два милиони денари, точно толку колку да не треба да го врати долгот.
Успешните фирми добиваат заем, неуспешните грант.
Владата која ни ги донесе Коста Петров и Нина Групер да си ја чукне главата бидејќи ниту од марихуана, ниту од дигитални номади ќе процветаме.
Ни треба генерирање на интелектуална сопственост. Директни врски со пазарот. Сакаш да нахраниш некого за еден ден? Дај му риба. Сакаш да го научиш да е секогаш сит? Научи го да лови.
Не ја научивме лекцијата од распадот на Југославија кога целиот мисловен процес во индустријата се случуваше надвор од МК. Сега пак, додека Заев брка покемони придружен од негов тим консултантчиња, пред носот ја губиме шансата да направиме промена.
(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.