Сутерен.мк

Игор Пачемски: Македониум 3 – Средината

За оваа вињета имав големи планови. Ковав освети. Ковав хвалопсеви. Сакав да биде како еден мој говор за Оскар. Или Златна бубамара. Сеедно.

Мојата ко-колумнистка Јасна Котеска ме уби во поим. Нејзиниот до болка искрен исказ, за сопругот кој ја оставил по смс, за мајката која ја хранела 20 години да ја избрка од станот, за ранливоста, за болката, за осаменоста во истата, најпластично го расчлени проклетието на Македонецот.

Што можам да кажам после тоа, а да не звучи како pastiche? Дури и да го применам толстоевото секое среќно семејство (читај единка во 21-ви век) е среќно на ист начин, пак некако, сè ќе биде кажано. Така, не ми преостанува ништо друго, освен да се обидам да демистифицирам или потврдам некои закоравени верувања што се санкросанкт за нашиот народ и средина.

Во медиумите до скоро циркулираше една фраза за тоа дека доколку сакаме да оцениме колку културно е едно општество, треба да видиме како ги третира не тие на врвот, туку тие на дното, мислејќи на затворите. Јас пак, тука би додал, барометар за култура на едно општество е тоа како ги третира странците.

Сите митови за питом, мил, гостољубив народ, паѓаат во вода кога ќе се соочите со 9-ти спрат во Телевизија, оддел за странци во МВР. Токсичен простор, со токсичен персонал, странците (и кутрите Македонци кои ги придружуваат) како говеда се натуткани во сто квадрати, за време на корона, без права, закажани термини, без јаснотија за да бидат малтретирани од разни ондулирани партиски плавуши со изгорени коси кои на децата им решаваат домашно додека на Завод за вработување не испраќаат клучни документи за одобрување на престој. Еден систем полн со недостатоци кој ги крши елементарните човекови права е сигурно една од причините поради која Македонците имаат имиграциски тешкотии во странство. Tit for tat.

Можам да кажам дека покрај целиот анимозитет, мене во Софија, во Марија Луиза (дирекција миграција) ме третираа како принц. Живко после година дена малтретирање доби виза на шест месеци. За тоа беше потребен вистинскиот адвокат, многу трпение и волја и торба пари за да се крпат две домаќинства што би рекле Србите „ничим изазвани“. Јас ги имав тие средства! Замислете да ги немав?! Кај ќе најдеш на запад вакви пријатели?! Секаде, еве, јас да ви кажам.

Пред малку повеќе од една година, имаме слика од Барик. Мечето дојде со две пријателки од Софија. Едната уште ни е, другата не ни е. Бугарите патат од малку поблага форма на овој гнасен синдром. Со сите тие луѓе се видов точно два пати после тоа (освен со Давор, Ема и Нита). Сашка се уште не постоеше на сцената. Радмила, една од моите најсакани луѓе не ме удостои со присуство. Секако, кога нејзин близок пријател од Холандија дојде, се нацрта во „Сидро“. Моите прашања за тоа каде се купуваат закачалки, каде е најблиската пиљара (тука не сум живеел скоро 30 години) беа одговарани со доволно детали, да не станува збор за дрскост. Кога ја замолив да ми даде број од нејзиниот дечко што има оптика, дека видот почнува да ми се расипува, (пост-COVID, сега сè е во ред) одговор не добив. За истата бев доста поинтересен кгоа поштенскиот код ми беше Лондонскиот SW1W или SW1V од очигледни причини.

Предвестие на ова додуша, имав кога го направив мојот прв настан во МК во Luxantica и никој од моите пријатели од детството не дојде. Секако, дури и сублиминално во МК успех не се простува. Шлагот на тортата се случи кога пост COVID Живко се обиде да ми организира роденден, тазе излезен од болница, кога се спасив од лопатата на гробарот што би се рекло. Две или три од моите пријателки беа ОК со тоа да дојдат да ме видат. Мини Таска Балабанова, со дестилирана, витриолна фрустрација скриена зад faux politesse и ујдисана со не сум дилер, ама ќе ти најдам, врескаа како било сулудо да се собереме за време на корона (надвор, прележани). Откако на Живко му беше отчитана буквица за тоа како ова сè било неодговорно, истите секојдневно беа сликани на разни настанчиња на луѓе кои им значат. Или луѓе кои можеби, еден ден, би им биле корисни.

Само Ева го однесе Живко на кафе. Живко имаше нервен слом како последица на сè што ми се случи и донекаде, верувам дека неговиот момент на роденденски “care-bear” ќе го вратеше во нормала. Вистината е следната. Кога финансискиот статус ви е неизвесен во нечии очи, кога реално нема што од вас да добијат, 99,99 отсто од скопјаните исчезнуваат, ако поканата не звучи нешто како: „дојдете на шампањско, неколку пликчиња магичен прав ќе се појават и вас нема да ве чини ништо“. Дури би можел да кажам дека имам чувство дека на луѓето им беше криво што имав пари да се лекувам во „Жан Митрев“.

Џентлменки како Сашка Длака што и вода да пие дава пари, Ема и Ева секако, една слатка Маја што е во состојба последните пари да ги даде за скапо Prosecco за да ве испоштува дека е поканета на гости, Аманда и Драган (Англичани, што очекувате) и доколку можностите дозволуваат неколку драги пријателки чија финансиска состојба не дозволува паритет, се ретки. Всушност, ендемични видови во ова море на користољубие. Македонија е ефтина! А бе, ај!

Според моите пресметки за двајца, од кои едниот е странец, со сите давачки, осигурања, курци – палци, се потребни 3000 евра. Ни помалку, ни повеќе. Па за тие пари мајка му, ќе живеам во Берлин! Македонија може да понуди најефтина егзистенција во Европа, но доколку живеете како некој што купува на купони после војната. Било каков обид да се постигне стандард на Европската средна класа чини двојно, ако не тројно во многу аспекти од странство. Значи дали Македонија нуди value for money? Апсолутно не!

По стоти пат во животот (лекција која е време да ја научам) каменот од блиску доаѓа. Кога полн со ентузијазам отидов во ПУИК да земам (без попусти секако) дуќан во Безистен, ниту мојата најстара и најдобра пријателка, одговорна за Безистен како културно наследство, ниту нејзиниот внук, кој е директор на правна служба во ПУИК, не ми кажаа дека ПУИК се тужи со ИВЗ и дека моите планови се, во најмала рака, “futile”. Тоа класично „ќути си дупи си“, кое го гледаме многу често во форма на патриоти со бугарски пасоши или намерно некажување, некој наводно близок до вас, да се лизне.

Што сакам со сè ова да кажам? Луѓето спомнати за добро и за лошо, се спомнати без никаква тенденциозност. Моето мислење е утврдено. Дали тие критикуваните ќе ми се јават или лутат, реално, ме заболе. Дали направив грешка што се вратив во Македонија? Не! Апсолутно не. Малкуте вистински пријатели ги пуштија другиве гомна по WC со едно катарзично цунами. Знам на кого можам, а на кого не можам да се ослонам. „У се и у своје кљусе“ викаат Србите. Така и ќе биде. Додека со мајка ми продолжувам да имам комплексна и болна врска, барем знам дека моите лондончанки, њујорчанки, парижанки, белграѓанки и токијки, помешани со малкуте скопјанки и уште помалку скопјани, ми се/ни се доволни. Во ваква ситуација човек може само да го земе патот на повисока вредност.

Times, движење во лимитирани кругови, патувања, купување гардероба од странство, купување дизајнерски парчиња од луѓе чија креативна визија ја ценам (како Monozero) и going Dutch. Делење сметки. Чиста сметка, долга љубов. И ве молам, еднаш научете! Таа смешна учтивост која сте ја збркале со софистицираност и таа смешна безличност во облекувањето која сте ја збркале со елеганција не ве прави Европјани. Ве прави Словаци. Евентуално. Следната лекција. Papardelle Putanesca.

(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *