Сутерен.мк

Игор Пачемски: La cuisine du mal

Оваа грозна година, политички доби уште погрозен епилог од тоа што го очекувавме. На голема врата се реинкарнираше ДПМНЕ, независната петричанка го „уби“ божиќниот дух, како некој Гринч. Мијалков е на слобода, проследен со еуфорична слика со неговиот шегрт, самонаречен диригент на скопскиот ноќен живот и редица фини дами, од новинарската, НВО секторот и генерални државни и општински паразити, кои “en masse” забораваат на својата “урбана приказна” и за бесплатна „црта“ (ред се редат мале), индиректно клањајќи се на удбашкиот џган, преку неговото отровно џуџе. C’est la vie!

Дедо Мраз изгледа стварно отиде во Норвешка да се попедерчи, бидејќи оваа година го немаше на плоштадот да ги израдува нашите најмлади сограѓани. Впрочем, каде растат, покрај партиски канџи и заби, ќе им треба и добра доза прагматизам – да бидат од мали нозе оперирани од бајки.

Ние сонувавме и ете до каде стигнавме! Напрајте ги кољачи од мали, да се знае!

Божиќ (јас по навика го славам непопуларниот, на 24-ти) и целиот адвент се вртат околу кујната. Асоцијациите се греано вино, опојно со арома на зимски зачини, мандарини, руска со вкус на сапун, бидејки неминовно имате грип (се сеќавате на неговото височество, грипот?). Микс на магла и портокалова светлина, како носталгичен живот гледан низ призмата на чинија од чадено стакло, полна со задоволства достапни само за празниците.

Тука секако се надоврзуваат и хетеронормативните вредности на “бата, сека, мама, тата, пас и кравата,вата,вата,вата”. Секогаш ми била интересна (иако очигледна) споредбата помеѓу родното огниште, ерго кујната и семејните вредности. Од “деца, кујна, црква” (kinder, kuche, kirche ), геслото на нацистите, до Апасиев и сељанката, Гоца Брк, Баба Гордана, Сања Лукаревска и други, сликани и окезени во монструозност од бел медијапан, во Македонија и десницата, но и левицата гравитираат околу светото кујнско огниште.

Е сега, знаејќи им ги педигреата на грото од овие, освен Баба Гордана чија претходна кујна верувам дека била од некоја Југоекспорт иверица, прашањето е, кој ви ги плати кујните? Во класно региментираниот систем на Англија (толку непопуларен, а толку всушност, мудар и прецизен), често се поставува едно многу навидум глупаво и снобовско, а всушност многу “проникливо“ прашање: „Did they buy own furniture?“ Дали си го купија сами мебелот? Секако, не станува збор за финанскиска неможност да се купи сопствен мебел. Туку за генерации кои имаат доволно интелигенција и рафинираност, да купат квалитет кој трае со генерации, а исто така и да се доволно естетски образовани да предвидат што нема да биде авокадо бања или тепих со ужасна геометрија кој ќе излезе од мода по десет години!

Во Македонија, одговорот секогаш е да! И за да биде трагедијата поголема, кај нас не само што бираме луѓе кои треба да си го купат мебелот, туку бираме луѓе на кои ние ќе треба да им го купуваме! Ова е само модерна верзија на дебарчанец кој прв пат гледа тоалет во своите крваво стекнати двесте квадрати во Градски ѕид.

Таквите луѓе и нивните потомци, залебени со државни функции кои мислат дека е услуга да те примат на состанок (претежно од социал – демократите), комбинирани со луѓе кои до вчера си го миеле задникот во корито во плевна (претежно од десницата), се доминантното врзното ткиво на новата Македонија, Северна или otherwise. Во нивните кујни од медијапан (дрвото не е нешто што ќе го видите во тие домови) се готви злото, сервирано во “доблесни, хетеронормативни” пакетчиња, во сина или црвена боја или во случај на “либерте” паразит, во шарено, откаченко пакување во согласност со  штанц – говорот на политичката коректност, ама инклузивни пакетчиња (за сите, освен верувам за жените од Куманово, кои во 2022-ра немаат мамограм, ама затоа, yeahhh Медуза).

Во секој случај, од оваа cuisine du mal, може само да ве заболи стомакот.

(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *