Доаѓањето на есента секогаш во мене буди контрадикторни чувства. Од една страна, тоа е мирисот на блокчињата во книжарницата зад техничко во раните 80-ти, фасадата на зградата на „Кнез Милош“ во Белград, дуњите на плакарот во с. Бистрица и жолтиот “Лавир” туш, кој никогаш немаше да го искористам, а за кој секоја година дигав скандал (скоро колку кога ја клоцнав продавачката во Трговски во потколеницата во 1984- та, кога ми кажа дека Пјер Карден не е за деца! (После, зашто маче педер!?) Или кога Џули кај Нада ме излажа дека ќе ме ишиша како Здравко Чолиќ, а ме направи како дете од чешки цртанки! (уште ти го памтам, кучко!) Исто така со секое заминување на летото, со навлегувањето на маглата и жолтилото, во главата ми одвонува „When you are old”, од William Butler Yeats, минливоста (поради фриволното лето) ме удира нешто помеѓу носталгија, блага депра и – мементо мори.
Обично, не забележувам дека цел август и септември сум по авиони на саеми и со џет – лег, и отечени стапала дека скокав во full blown. Октомвриската депресија, разблажена од идеја за Божиќ во Сахер, или некаде со камин и Денот на благодарноста во Калифорнија, што ми стана традиција во последниве десет години.
Елем, ковид/мовид, па оваа година, како на почетничко брдо за цицибан скијачи се спуштам кон поблага, посредовечна депресија, во старата дома, без патувања.
Се започна со прекрасната вечер кога јас, Живко, Ева и Љубац отидовме да го гледаме 8 ½ од Фелини. Фала богу што е црно бел, бидејќи не би можел да издржам уште една „гранде белеца“! Филмот е ремек дело, секако, зачинет со добра доза на потсетување на сопствената смртност. После следеше едно вечерно крешчендо, последно за летово, каде што отидовме со Ева во „Лајка“, облечени како две ѓаволски барбики. Таа дека воспитана, си отиде рано, а јас како непрокопсано говедо во четири наутро се вратив и бев искаран од Живко и од мачките како расипикуќа и недоветен.
И како што сум легнал да заспијам, овој отишол да фрла ѓубре, паднал, искршил телефон и после саат, се врати како тепан од „алфи – те“ на МВР!? На мојата блага депресија одлично одговара улогата на татко-мајка – хранител! Ја средив ранетата мечка и со сменет дисплеј на телефонот ја пратив во Бугарија да си ги плати сметките. Како домаќин на кого му е оставена куќата, имав повеќе време да се посветам на анализа на тоа што ме опкружува. Случајот со банката на Трифун, ме наведе да се запрашам за што сме благодарни и за што не сме благодарни!? И, каде ни отидоа принципите!?
„Еуростандард“ си отиде. Трифун ми е пријател. Се уште не можам да сфатам каков интерес НБМ имаше банката да ја затвори!? „Еуростандард“ не е „ТАТ.“! Не е пирамидална шема за штедење. Неодговорно работење имало. Но се работи за наводна дупка од рекапитализација од 15 милиони евра. Големина на капитален проект на една скопска општина! Зошто НБМ не стави нивен човек на бордот и не понуди пакет мерки да се спаси банката? Kaupthing не беше спасен во Исланд бидејќи во Исланд, како држава која според „Сатурдеј најт лајв“ извезува змејови, риби и вриштење (следете ја Бјорк), е и финансиски центар и си игра со суми 11 пати над нејзиниот БДП. РБС во Англија беше спасен со државен пакет од 800 милиони долари (тогашни 500 милијарди фунти). Банката оваа година, после повеќе од десет години, ја исплати својата прва дивиденда.
Проста математика би била дека во МК, ако направиме груба пресметка по БДП, сумата од 15 милиони би била капка во океанот за тоа што државата би требала да потроши за да ги стабилизира банките!
Да се разбереме. Менаџментот на банката усрал, да, ама Трифун и неготово семејство најмашки вложија сума од милиони евра за рекапитализација. Ова од НБМ, во најмала рака беше педерско! ОК, Трифун веројатно смета на многу луѓе тука!
Каков и да е, за разлика од другите транзициски милионери е човек кој нема да ве посрамоти во Њујорк или Париз! Човек кој за време на режимот, одеше на секој концерт на „Распеани скопјани“. Човек кој вработуваше кај него – за да помогне, а не од што имаше потреба! Камо статус за подршка од сите нив?! Неблагодарни копуци!
Македонски хипстер новинар кој ќе го наречеме Глувчето Мице кога истото Глувче требаше да мие чаши во барови зашто беше избркано од една телевизија, прибран е од Трифун да работи за него. Исто тоа глувче си фати богата девојка, И и се ушалта дома (верувам резултат на воспитување) ! И сега не труе цело лето се слики од бранцини и оради, секако, платени од друг. Статус на подршка за човекот кој му помогнал?! Неблагодарен копук!
Сите тие на кои Трифун со години им плаќаше по кафеани, им средуваше одмори, позајмици – шо и да е! Каде се? Ги нема. Неблагодарни копуци.
Негови роднини кои одеа на баци рака кај Олга се занимаваат со „Black lives matter” (секако доблесна кауза), но поддршка за нивниот роднина? Пази Боже! Неблагодарни копуци.
Еден наш познат ди-џеј скопска фаца го р’чнав за фестивал од наш познат онлајн сајт. Сајтот, изгледа посоветуван од некоја си маркетинг агенција, решил да станува бренд во сите сфери на животот и направил фестивал.
Реално, како да земеме скопска Железара да е покровител на модна недела и да се вика „Железни гаќи“. Прво ми беше кажано да заќутам, бидејки му биле пријатели. Кога моето р’чкање го претворив во аргументирано прашање за бренд синергии, одговорот помалку или повеќе – беше дека малку луѓе со пари има. Благодарен Копук.
Во Македонија, очигледно хвалоспеви се пеат кога некој има корист од вас. Од плаќањее сметки во кафеана, до врски за услуги, до покрупни дела. Овие луѓе се интелектуалци, дел на самопрогласената скопска елита. А функционираат како новинарот во „Зона Замфирова“ кој за две ракии пишува дека Мане е пустахија или како менаџери од „Џирло продаја“!
Ако мислиш дека некој е гомно и дека тој човек не заслужува подршка, не барај помош од него за после да ќутиш!. Ако треба да направиш нешто кул, не барај пари од било кого!
Треба на национално ниво да наyчиме да разграничиме квалитет и симпатија и да развиеме критичка мисла.
Само така, со болна искреност едни кон други ќе има прогрес и објективност. Колку и да боли, само на Запад можам да чујам дека нешто не било мој “finest hour”.
Инаку, бидете благодарни дека живеете во град во кој во рандом среда на пластични столици пред библиотека можете да го гледате Фелини на отворено. Во соседна ЕУ – Бугарија, на репертоар во 2020 – та, би била „Ратка Пиратка“! Толку потенцијал имате, а толку таа ситна користољубивост ве влече надолу…
(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)