Во Петок треба да одам во Хаг да заверам полномошно за затворање на два телефонски броја од Телеком. Упорно ги плаќам година и пол и некако, овој чин изгледа доста финален. Како едно збогување со Балканот.
Се надевав дека ќе ми се случи Лондон, кога се чувствував како сочна бубачка во мрежата на голем, дебел, но бизарно заводлив пајак кој со секое вшмукување на мојот животен сап, ме правеше се позависен од него. И ми се случи.
Македонија ми е како акварел врз кој заврнало, бои кои се разлеваат една во друга, некако како хаотична последна секвенца од сон којашто за нано секунда испарува.
Гоце замина да биде дипломатски мачор во Албанија, а Пуфа и Картонче под надзор на уредничката (кој би рекол дека некој кој знае да биде толку абразивен, имал толку мила страна?!), се дебелеат и освен сметки за Хабидом и барањата на Невена Пачемска за хидро пептид и неколкумината блиски останати, како никогаш и да не сум живеел таму.
И поарно, ќе речете, што ќе ти е таа проклета ветрометина од која со векови се излева тага, меланхолија и неуспех.
Туку, бидејќи веќе сум оддалечен од родното огниште и не се чувствувам компетентен да коментирам дневно-политички осврти, не пишував подолго време. Се додека една вест, не ме чепна…
Туку, чекајте да ви раскажам како си поминав вчера (сабота, 22-ри април).
Со Мечката, како награда, еднаш на три месеца наоѓаме време да одиме на некој културен настан.
Lucas Debargue, реномиран млад пијанист, под диригентската палка на новиот ни маестро Lorenzo Viotti (швајцарски Италијанец со француски акцент – преубав пустиот, ама метар и пеесе), понудија во Concertgebow вечер на две симофонии. Една на помалку познатиот Karol Szymanowski, а втората, (и буквално втората) на Sergei Rachmaninoff (кој на слики, боже ме прости, личи на шинтерски шегрт), што Tom Ewell и ја свири на Мерилинка на клавирот, додека оваа го стенка името на композиторот чекајки прстен.
Имавме најефтини седишта (по периметарот, од сега секогаш ќе купувам такви карти – место за моите нозе (сепак сум 195 цм) колку сакаш, а сите амстердамци беа испоседнати баш таму, додека ложите беа резервирани за тетки од Гелдерлаанд, кои над нивните монструозни комплети, имаа кабаници за дожд, а ла жолти пајчиња на стериоди.
Lucas пред секоја симфонија кажуваше кратки анегдоти, кои без да навредат и инсинуираат дека публиката е составена од дрводелци, ја објасни причината поради која пијаното е клучен дел од делото на Szymanowski и како дувачкото соло на Rachmaninoff може да ве расплаче со својата тивка меланхолија. Врвни беа,
Lucas Debargue за првпат изведе своја toccata (тој е и композитор) и целата работа ме натера да помислам дали овие луѓе би им попречиле на своите колеги од џез оркестар да делат простор со нив и како во една паланка се гради мит за култура сврзан со наводно возвишување на истата до прохибитвни височини недостапни за плебсот, и колку всушност тоа е погрешно.
Да бидам концизен, во Скопје класичната музика и џезот, освен во ултра тесен круг на елитата (немакедонска, секако), навлегуваат после ослободувањето и тоа не веднаш, туку откако се завршени мелиорацијата, пелцовањето и описменувањето.
Не велам дека Блага Видец е Зинка Кунц, но за нас некако е. И пее џез. Шпато, Скопје, поздрав до оркестарот, Шаховска олимпијада, МСУ… Сето тоа во нашиот свет е еднакво важно.
А ова пиштење на Филхармонија ми е на ниво на селски даскал кога ќе земе да пишува писмо до министерот, користејќи реченици за кои мисли дека министер би ги користел.
Како еден вистински селски даскал од Санџак што преведуваше во фабриката со која работам и почна писмо до една култна марка што им ја донесов за производство, место со “pleased to meet you” со “elated to preface you”… Почекај сестрите Бронте потсуќните да си ги наместат, куре.
Вака ги замислувам и писмата на брајчински даскал чии потомци паламудат по НВО и медиуми. Корените се тие. Јазикот на перцепираната парохијална привилегија.
Како и пувањето за Kunsthalle Wien и МСУ и самозадоволните фаци на art groupies (реално, само Мира Гацина и Бојана Шемова имаат право “а” да кажат за темата).
Меѓу другото, јас во МСУ не се чувствував добредојден како граѓанин. Ако јас не сум се чувствувал добредојден, можам да замислам како се чувствувал обичниот (не дека сум јас нешто пре-необичен) граѓанин за кого оваа колекција била наменета и кој никогаш не ја видел скриена по подруми, а и самиот тој не се чувствува добредојден во оваа институција.
Пак тој пуст елитизам и градење непробојни ѕидови спречувајќи пристап до културата.
Бојана Шемова и нејзините часови и објаснувањата на Ема Попивода што е тоа bel canto се единствените две ситуации на беневолентно пренесување на знаење на непретенциозен, неелитистички начин во институција или на концерт што сум ги видел во Македонија.
За да биде неделава подобра, Мирко Попов ме блокираше бидејќи ја нареков Битола паланка (што реално и е). Вториот контра-аргумент пак, на нашиот градски фраер беше фелацио – дека ЛГБТ, хехенце…
Во негова чест и во духот на културниот елитизам на градот, предлагам сите активни педери на Гриндр (апликација за gay запознавања за секс) да се класифицираат како Лабин, а сите пасивни, како Дојрана, бидејки пристапот кон култура во МК е очигледно, ебење во здрав мозок.
(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk