Сутерен.мк

Игор Џамбазов: Боли кога ќе сфатиш дека си можел многу

Можеби би било претерано, ако се рече дека се работи за своевиден феномен. За сензацијата наречена Игор Џамбазов. Можеби…

Како потомок на едно од ретките вистински ѕвезди на овие простори (внук е на Петре Прличко), Игор сигурно дека ја наследил извонредната смисла за публицитет. Имал колебливи воздигнувања и падови, но тој денес е пак, на врвот! Цела нација се чини игра (и извикува) „Џандар збира!“ Една од главните причини за тоа сигурно е и Игор – фасцинантниот козер со креативна имагинација. Кому најголемата слава не му се случи во професијата, туку во некои други, ТВ води.

Како и да е, останува прашањето околу нели, феноменот Игор Џамбазов овде, на овие простори, кои речиси, строго, не дозволуваат случувања на сензации од овој вид. Тајната на неговиот „случај“ е можеби во тоа што овој Џамбазов никогаш грчевито не ни тежел кон популарноста. Што е само доказ плус дека најдоброто им се случува на лежерните луѓе. На  оние кои се романтични сонувачи, а сепак, практични и разумни. На подготвените на се.

  • Како воопшто се случи ова?

– Не ми паѓаше на ум дека ќе станам ова што сум денес. Особено не во овој правец. Не знам, се се случи така…

  • Изненадени сте од оваа ситуација?

– Не. Свесен сум дека некои работи ми се случуваат само мене. Како што некои им се случуваат само на другите. Не постојат курсеви за станување ѕвезда. Тоа е дел од тебе. Некој ген, харизма… нешто што го имаш или не. Тоа треба сепак, да се негува, да се оформи. Кај нас за добар водител се смета или некоја згодна женска, која поим нема што зборува или пак, добра новинарка, која знае што зборува, ама изгледа несмасно.

Не велам дека јас сум некое совршенство без маана од ТВ водител, но јас кога го правевме „Џандар збира“, цели шест месеци работев на себе. Од гардероба, до коса, очила, движења, сценарио… Не сакавме впрочем, да сме подобри, туку најдобри.

Зад мене стои еден цел тим од луѓе кои се грижат за мојот сценски настап. Значи, нема никакви тајни, туку работа. Што не сум водел во животов?! Од 70-годишнината на уривањето на шталата на Пеце во Валандово, до Мис на Прдејци. Нормално, се поради тоа да заработам нешто. Ништо не е случајно. Сум работел постојано. Само, се случи „Џандар збира“, се случи организација, професионалност, , одговорност… па така дојде до ова.

  • Како се чувствува славен човек?

– Мислам дека во Македонија не може да се зборува за слава. За популарност да, ама за слава?! Овен тоа, ако се зборува за вистинска популарност, мислам дека тоа го имаат првенствено (што е страшно) политичарите. Но добро… Чувството? Моите колеги често велат дека не им е битно дали се популарни или не. Лажат. Популарноста годи. Многу.

Сега, со „Џандар збира“ за прв пат почувствував како е да се биде во центарот на вниманието. Искрено, понекогаш, во некои ситуации, се чувствувам како Кардељ во посета на партиската ќелија во Постоинска јама.

  • Нели е по малку и товар таа популарност?

– Уште од мал ми беше многу јасно дека е добро да се биде популарен, но дека тоа носи и зафрканции или можат да те фрли во амбис: да се занесеш да. Само сепак, мислам дека како прво, таа нели, популарноста, не може да земе такви размери, а и малку сум стар за некои работи.

Меѓутоа, ова со „Џандар збира“ ми создава и одговорност. Почнувам да добивам чувство дека правам ешто добро. Луѓе ми се јавуваат дома, ни чуени – ни видени, со молба да учествуваат во квизот. Иако, јас најмалку околу тоа можам нешто да сторам. Само, чувствувам некаква обврска кон нив, кон нивните барања.  Се јавуваат со толку доверба, со надеж дека ќе им помогнеш.

Како и во секоја игра, така и во оваа, не можат сите да учествуваат, ни сите да добијат. А чувството кога ќе ги видам среќните добитници е прекрасно! Се радувам со нив, како што се радува и целата публика што ги гледа. Има нешто хумано во тоа шоу. Многу хумано.

  • Како реагираат вашите колеги?

– Мислам дека се радуваат. Ако е некој љубоморен според мене, тој е глупав. Работа има за сите. Проблемот е во себеценењето и упорноста.

  • Колкав Ви е хонорарот во „Џандар збира“?

– Голем за наши прилики, мал за она што го правам.

  • Трпи ли театарот поради „Џандарот“?

– Не. Не сум одиграл „топ тен“ улоги од типот на Хамлет, крал Лир…, но сум задоволен од она што сум го играл. Додека една генерација на актери живее заедно, некој ќе биде Дон Кихот, но некој мора да биде и Санчо Панса, па и Розалинда. Се обидувам кон секоја улога да се однесувам како кон изннадување. Изненаден дека ете, баш јас сум ја добил. Како кон последна дадена улога. Како кон последна шанса.

  • Што би сакале во моментов да одиграте в театар?

– Мислам дека сега е вистинското време да одиграм еден нормален, здрав Дон Жуан. Да, би сакал да го „направам“ токму него. Баш би бил добар Дон Жуан!

  • Колку сте приватно Дон Жуан?

– Едно време страшно „мирисав“ на него. Бев некоја македонска варијанта на Дон Жуан. Се зборуваше за тоа многу. За тој мој некаков си промискуитет. Дури, едно време, чаршиските муабети ми залепија и хомосексуални афинитети. Веројатно сум посегнал по нечија „сопственост“, па да се затскријат од повредата, ме сместија во некаква си група. Губитниците секогаш смислуваат разно – разни етикети. Во секој случај, одамна на тоа поле сум смирен. Сега ја имам Искра.

  • Кога сме веќе кај Вшата сопруга… Во нејзината желба да стане актерка се чини, главна виза сте и Вие?

– Па, сигурно дека јас сум и виза. Не очекувате белки тоа да е продавачката во дисконтот во мојата зграда?! Меѓутоа, ако мислев дека не ја бидува за глума, немаше никогаш да инсистирам на тоа. Пиесата „Двајца во Еден“, во која играме нели, двајцата, покажа како „генерална проба“ дека Искра е актерка. Таа работи на себе како актер, учи, се изградува… Морам да кажам дека многу ми е мило што колегите ја прифатија, што и помагаат, што го делат моето мислење.

Искра им покажа на оние од ФДУ, кои ја одбија, дека згрешија. Инаку, сигурен сум дека ним воопшто не им е грижа за ова што го зборувам. Сепак, таа докажа дека образованието нема никаква врска со талентот. Само што мислам дека најдоброто од себе го дава пред камера. Изгледа многу необично, многу интересно пред камерата.

  • Изгледате фасциниран од сопругата…

– Таа е мојот мотор! Мојата секретарка, бодигард, готвачка (додуша, лоша), учител по компјутер… Таа е едно чудо. Море, едно чудовиште од човек. Секоја и чест. Само јас би можел неа да ја истрпам и само таа може мене да ме истрпи.

  • Дали сте надмен?

– Тоа треба другите да ги прашате. Сепак, мислам дека не.

  • А, се чувствувате ли супериорно?

– Се чувствувам супериорно, ама за своја душа. Тоа чувство не го покажувам, не ги навредувам другите со тоа. Супериорен да – внатре, во себе, за себе.

  • Дали Игор Џамбазов е среќен човек?

– Не. Професионално не сум среќен, зашто ќе се случат некои превирања во театрите што ќе доведат до вистинска војна меѓу актерите. Некои ќе работат, некои не. Ќе се поделиме, ќе се отуѓиме меѓу себе. Сум направил многу будалаштини во својот живот, а сум со намера да седнам на сред плоштад и не да штрајкувам со глад, ами да свирам по цел ден. Дотаму ќе ме однесат со оваа негрижа за театарот. Не сум тип на лидер, ама сум буцкало, па сигурно некој ќе ми се придружи. Па да видиме кој повеќе ќе издржи.

  • А, приватно?

– Имам проблеми како и сите други. Она што длабоко ме унесреќува е болеста на мојата мајка. Сега, што многу ме радува, се чувствува многу подобро, па цврсто се надевам и верувам дека од оваа битка ќе излезе како победник.

  • Вие сте актер, музичар, ТВ лице… Каде се чувствувате најбезбедно?

– Кога пишувам. Сам, со својот компјутер. Сакам да напишам (и го пишувам) роман. За овој свет, светот на театарот. Сонувам за тоа еден ден да се занимавам со пишување и исклучиво само со тоа. Малку невозможно е да се живее така, ама убава е мислата. Иако, знам дека нема да завршам како писател.

  • Како ќе завршите?

– Во некое кабаре, бар… покрај бело пијано, дотеран, како свирам некоја чудна, своја музика. Музика со приказни, некои шансони, романси… Како некој вид Леонард Коен. И, остарен.

  • Не можам да Ве замислам стар…

– Јас можам. Ќе бидам многу симпатичен педесетгодишник. Подздебелен, подоќлавен, сосема побелен и весел.

  • Не Ве плаши староста?

– Не.

  • Староста значи немоќ…

– Затоа и треба се што може, да се направи сега, во ова време. Сигурно многу боли кога ќе сфатиш дека си можел многу, а си гиу пропуштил приликите. Многу тажно завршуваат луѓето кои се затекнати од староста, кои не ја очекуваат. Јас се подготвувам за неа.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1997 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *