Сутерен.мк

Измами со терапиите за болните од рак

Неправилности во пописот на резервите со лекови и начинот на кој вработените во Клиниката управувале со лековите, утврдиле ревизорите во извештајот за работата на универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија за 2023 година. Ревизорите посочуваат дека евиденцијата за приемот и издавањето на лекови од аптека до единиците на Клиниката се врши со задоцнување, а податоците за вредноста на лековиите кои клиниката ги добивала преку донации воопшто не се внесувале во финансиската евиденција.

„Во текот на 2023 година Клиниката примила лекови во вредност од 33 милиони денари по основ на донации, но овие податоци воопшто не биле внесени во финансиската евиденција„, велат од Државен завод за ревизија.

Покрај утврдените неправилности, ревизорите во извештајот се воздржуваат од мислење во однос на вистинитоста на финасиските извештаи на Клиниката, бидејќи токму за начинот за управувањето и издавањето на лекови Обвинителството веќе води истрага. Станува збор за големиот скандал кој изби на Онкологија, кога беше обелоденето дека на Клиниката е разработена криминална мрежа за препродавање на скапи лекови за лицата болни од рак. Во овој извештај пак, во однос токму на биолошката терапија за лицата болни од рак се тврди дека истата лани ја примиле само 24 отсто од пациентите.

„Одобрениот условен надоместок од Министерствтото за здравство не е доволен за вклучување на сите пациенти кои според медицинските индикации би можеле да ја примаат терапијата. Од добиените податоци, пациенти кои терапијата ја примаат во дневнаболница чиј број во 2023 година изнесува 54.423 утврдивме дека само 24% се приклучени на биолошка терапија„, велат од Државен завод за ревизија.

За опремата на клиниката, ревизорите укажуваат дека таа поседува три линеарни акцелератори кои од областа на радиотерапијата дневно опслужуваат од 180 до 200 пациенти, но и дека има уште два такви акцелератори кои воопшто не се употребуваат.

„Првиот акцелератор е набавен во 2014 година и е во вредност од 2 милиони и 900 илјади денари и се очекува да биде ставен во функција до крајот на годината. Другиот акцелератор е добиен по пат на донации во 2016 година во вредност од еден милиони и 715 илјади денари, се чува неотпакуван во царинско складиште за што годишо се плаќаат 189 илјади денари„, велат од Државен завод за ревизија.

Единица за централна подготовка на терапијата со цитостатици, односно КАТО системот исто така се уште не е во функција, а за негова набавка се потрошени 162 илјади евра. Ревизорите посочуваат и дека на Клиниката постојано се зголемува бројот на пациенти, а бројката од 35 доктори и 96 лица останат медицински персонал во 2023 година била далеку од доволна да одговори на потребите на пациентите. За случајот со злоупотребата на лекови на Клиниката за Онкологија осомничени се двајца екс директори и тројца доктори, а истрагата на обвинителството и натаму е во тек.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *