Сутерен.мк

Измачена душа

Дарлинг, мојот живот е хаос. Никогаш не сум бил полошо. Велат дека без падови животот не е интересен, но кај мене тие падови се пречести. Животот ми задава болка се почесто. Имам девојка со која идам речиси 2 години и во текот на овие години многу се каравме. Таквите караници стануваа пречести што морав и некои од нив да ги избегнувам со лаги и слични работи.

Најлошото е што од ден на ден станувам се поискомплексиран. Друштвото оддамна ми се распадна, а толку убави моменти поминавме заедно. Поосамено никогаш не сум се чувствувал. Семејството ми збори дека ако продолжам вака сите другари ќе ги изгубам. И знам дека се во право. Но, до кога ќе терам вака ни сам не знам. Како да се ослободам од овие мисли, ни јас не знам. Едноставно секој ден ми е одмилен. Знам дека не ценам ништо што поседувам, ама не можам повеќе. Ми треба нова промена, а не знам како да ја направам.

По Нова година донесов одлука да се променам, но сепак слабо ми оди. Се обидувам и да го изградам мојот карактер. Те молам, дарлинг посочи ми го вистинскиот пат, бидејќи сам не можам никако да си помогнам.

Кристијан

Кристијан дарлинг, колку години имате? Од каква социјална средина потекнувате? Кои се тие подеми и падови? Какви се тие болки? Која е девојката? Кои се тие мисли? Кои, како, каде, што, кога…? Премногу прашалници ми наметнувате за да можам дури и најсубјективно, од сите можни субјективни, какви – такви мислења да дадам! Јавно.
Патот никој не може да ви го посочи. Колку и да звучи „амерички“, вистинската насока е во секој од нас – што ни треба (не по што копнееме), што не весели (не што изгледа кул во очите на другите), што ни е удобно да носиме (а не она што ќе се промени за три месеца), што сакаме да јадеме (не рецепти од лакирани нокти), со кого сакаме да муабетиме (никако кај треба да бидеме видени), како сакаме да се чувствуваме (не како е пожелно да живееме)… До бескрај е листава.

Не се измачувајте себеси – живејте нормално.

Отпешачете денес два-три километра и бидете задоволен со тоа. Прочитајте девет страници од книга и заспијте мирно. Помогнете и на комшивката при пазарењето и одморете попладнето. Прашајте ја мајка ви како е, испијте едно кафе со татка си и не излегувајте вечерта. Јавете се на другарот да му честитате роденден, што и да е, но не одете на прославата, па изгледајте некој добар филм.
Финтата е да се чувствувате – само – за грам подобро од вчера. Вие и другите покрај вас, заради вас. Малите напредоци, ситните победи го прават долгорочниот план наречен – живот. Насмејте му се на животот и тој ќе ви возврати!
Мислам дека малку е доцна за некоја градба на карактер без разлика на вашата возраст зашто, убедена сум дека тој процес завршува некаде околу шестата година од животот, но секако верувам во усовршување/канализирање во секаква смисла на истиот. (Што би рекол Марк Твен – карфиолот не е ништо друго освен една обична зелка со факултетска диплома.) Што би рекла Дарлинг – почнете го денот со тоа што кога ќе ве прашаат како сте, речете едноставно и расположено „добро“.
Не можам, а да не кажам дека малку ме јаде и јанѕа од вашево хаотично писмо…

За многу од маките во душата е залудно очекувањето дека ќе поминат со добра волја и проста доверба во подоброто утре. Некои здравствени состојби не се изразуваат во бројки и не можат лесно да се видат.

Можеби треба да поразговарате и со некое стручно лице, кое ги познава модерните, успешни и едноставни рецепти. Некој, кој знае дека во „лечењето“ главниот адут е разбирањето, сочувството, вербата во оздравувањето и давањето на дел од себе си….

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *