Илина Митревска: Не е важно колку пати ќе паднеш, туку колку пати ќе станеш

Младата сопранистка Илина Митревска од Скопје, (дипломирала на Конзерваториумот „Џузепе Тартини” во Трст, каде и продолжува со магистерски студии, под менторство на реноминираниот сопран – Паолета Мароку), својот музички пат го започнува во средното музичко училиште во Скопје, каде што студира со Гонца Богоромова Краповски.

Во овој образовен период, учи и се усовршува со некои од најистакнатите оперски фигури на својата земја, како Ана и Игор Дурловски, Ѓорѓи Цуцковски и Славица Петровска Галиќ.

Митревска настапувала на сцени низ цела Македонија и балканскиот регион. Нејзината уметничка формација е збогатена со учество на бројни мастер-класи со светски познати маестри како што се: Николас Ишеруд, Фјоренца Чедолинс, Раме Лахај, Алесандро Валентини, Благој Нацоски и Лоренцо Рагацо, Нели Мирициоиу. Сценската уметност ја усовршува со режисерката – Вивиен Хјувит. Илина соработува со Бугарскиот младински оркестар во 2020, под раководство на маестро Христо Христов, како и концерт заедно со Македонската филхармонија во 2021-та.

Одржува солистички концерти во различни градови, вклучувајќи повеќебројни рецитали во Рим, Трст, рецитал во Виареџо, Тоскана, во Скопје и во Културниот центар во Софија. Особено значајни се двата рецитала одржани во историската црква – Света Софија во Охрид.

Талентот на Илина Митревска е признат на бројни меѓународни натпревари, каде што освоила бројни награди. Лани, пак, Илина потпиша договор со Интернационалната агенција за менаџмент ACE international Opera Agency.

Како и кога откривте дека токму операта е вашата љубов?

Од секогаш си знаев дека сакам да пеам. Еве до ден денес немам точно објаснување зошто, но од многу млада возраст почнав да одговарам дека кога ќе пораснам сакам да бидам соло пејачка. Мислам дека беше „Сестра Анџелика” од Џакомо Пучини првата опера која ја видов на телевизија. Ме преплави со емоции, ме фасцинираше. Се сеќавам само дека си реков: „И јас би можела тоа да го правам”. Години подоцна и дипломирав со истата таа опера…

Најверојатно си знаев во себе, уште пред да ме преслушаат. Му верував но тоа музицирање по дома, на пеењето под туш. Потоа во прва година средно сменив смер во Илија Николовски – Луј и отидов на приемен испит по соло пеење…

Кој беше моментот/ личноста што пресудно ве мотивираше да се посветите на оваа кариера?

Мојот татко. Имам огромна среќа што родителите ме поддржуваат бескрајно, и двајцата. Но, пресудниот момент ми го донесе татко ми, и тоа во две реченици. Мајка ми секако ме поддржувала, но она ја претставува таа предупредувачка страна. Знаејќи што подразбира да се биде уметник, знаејќи ги предизвиците на театарот, мајка ми си ја зема улогата да ме припреми, да ме предупреди, да ме натера да размислам два пати. И за тоа денес сум и благодарна. Татко ми никогаш не ми дозволи да се фокусирам на негативните страни на мојот избор, не сака да слушне да се оддалечам од музиката… Сега сфаќам всушност колкава среќа е да се има таков баланс.

Како изгледа еден ваш просечен ден – вокално загревање, физичка кондиција, јазични вежби?

Многу го сакам радиото така што наутро ми почнува денот со „Класик фм“, кога сум во Македонија строго „Џез фм“, или можеби некој подкаст… Пешачам до факултет, таму сум најпродуктивна, најмногу знам да вежбам до пет часа со паузи, и да, имам и денови кога не пеам или пак денови каде само учам нова улога, меморирам мелодии. Најчесто кога вежбам почнувам одма со некоја арија сега веќе искрено не практикувам долги вокализи, распевања. Повторувам често на клавир и веќе научени дела да им најдам некои нови проблематики да ги подобрам. Честопати знаеме да се договориме со колешките заедно да вежбаме, или еден свири, друг слуша, трет пее, искрено си кажуваме се трудиме да најдеме што повеќе маани една на друга… Имам среќа што за пријатели имам прекрасни, амбициозни уметници и некако со љубов учиме еден од друг. Од физичка кондиција 10 000 чекори на ден ми станаа нешто сосема нормално и мислам дека тоа и без да забележам, ме одржува. Трчам, кога нема силни ветрови, што во Трст се и најнормална појава. Во последно време и пилатес… Секоја чест до оние што одат, но јас имам одбивност кон вежбалните. Дикцијата „Итаљанска“ ја вежбам сама дома со потцртување каде имам дупли вокали, отворени/затворени. За францускиот имам книга за изговор и фонетика со која си помагам. Тука е и професорката која го говори одлично, а германскиот малку сама бидејќи имав прекрасен професор по германска дикција на факултет, а понекогаш барам помош од пријателките од Германија.
Кои вокални техники или совети намногу ви помогнаа да го проширите регистарот или да го зајакнете гласот?

Лично, ја сметам италијанската школа за најсупериорна. Таа многу се залага и за визуелното, односно и самото лице да е релаксирано додека се пее. Воглавно да не се става никаква тензија на вилицата, се повеќе и повеќе гледам резултат од таквата работа. Покрај тоа, има еден навидум едноставен совет од Марија Калас кој го практикувам: „Да си ја размислиш фразата во себе пред да ја испееш”

Колку е важна работата со корепетитор и диригент за подготовка на нова улога?

Прилично важна, всушнот и неизбежна. Пијанистот му помага на пејачот да ја слушне целосната слика, не само нашата линија и нашиот текст. Диригентот ги спојува сите, и пред се ја спојува суштината на музиката напишана од композиторот, со неговата лична визија.

Кој композитор најмногу ве „погаѓа” – и зошто?

Емотивно, најмногу ме допираат Чајковски и Моцарт. Чајковски има посебно место во моето срце. Покрај неговата инструментална и вокална музика, прва љубов ми е всушност балетот, и до ден денес го следам светот на балетот, ме фасцинира и бескрајно го почитувам.

Моцарт, пак, или го сакаат или пак не можат да го поднесат пејачите. Јас уживам додека пеам Моцартови улоги, во тоа негово генијално лудило, кое што е всушност само едноставност, логика. Искрено мислам дека музичарите пресериозно го сфаќаат Моцарт и затоа делува страшен…Треба повеќе да си го уживаме Моцарт…

Досега, која улога ви претставувала најголем предизвик, а која најголемо задоволство?

Најголем предизвик би рекла Доницети и неговата „Лучија од Ламермур”. Доницети спаѓа во периодот на Белканто, тој и е врвот на белкантото според мене. А „Бел-Канто” во превод е буквално „Убаво-пеење”. Така што, се треба да е беспрекорно, дури и свените на лудило и хистерија треба да звучат кристално чисти и пак… Убави. Најголемо уживање ми претставувала до сега Музета од „Боеми” од Џакомо Пучини. Улога што има преубав развиток од вториот акт до крајот, не може да не се заљубиш во неа, вокално е уживање да се спрема, ти дава некое чувство на слобода како улога… И вокално и карактерно.

Како се подготвувате за драмски лик што живеел во сосема друго време и култура?

Важно е да се подготвиме темелно, дури и да не ја спремаш целата улога, да е само некоја арија за аудиција или за концерт. За среќа јас навистина уживам да читам, посебно класици. Ако ја спремате Травијата, не може да знаете за каква жена станува збор и што ја опкружувало Виолета Валери ако не ја прочитате „Дамата со Камелиите”. Едноставно нема поента да се пее Саломе, ако пред да ја научите музиката на Штраус, не го прочитате Оскар Вајлд. Истото важи и за историските опери како Кралиците Елизабета, Мариа Стуарда на Доницети. Треба да ја прочитате нивната сторија, да погледнете документарец. Исто како актерите, се информираме и се ставаме себеси на местото на една жена од 18-от век. Мене, пак, тоа ми е најголемо уживање, ме возбудува, ме мотивира што поубаво да и се посветам на музиката.

Што ве приземјува кога настапувате пред публика од илјадници луѓе?

Целта е да се достигне чувството дека пееш сам за себе. Да заборавиш на публиката, да се сконцентрираш сам за себе. Таа трансформација се случува во првите страна отпеана. После тоа воспоставен ти е фокусот, телото некако ти ја прифаќа атмосферата околу тебе, и полека дури почнуваш да црпиш сила од сета таа публика што те гледа. Барем за мене е така. Не е лесно, но е еден убав, возбудлив процес.

Како се справувате со тремата непосредно пред да се крене завесата?

Тремата и не е толку лош знак, јас не се обидувам да ја тргнам, туку да работам со неа заедно. Ми помага тоа да се фокусирам на интонацијата. За да не ми летаат премногу мислите. Не на техничката позиција, не на опкружувањето туку само на мелодијата што треба да ја отпеам. Важно ми е во тие моменти да го мислам тоа што го пеам, да уживам.

Има ли современи композитори или нови опери што ви се возбудливи и би сакале да ги изведувате?

Да, дефинитивно постојат преубави модерни опери кои вредат да се погледнат, за жал, во Македонија особено, но и во Италија не се толку склони на промоцијата на модерната опера. Лично, сонувам да ја изведам улогата на Евридика од истоимената опера. Неодамна ја имаше премиерата во Метрополитан операта во Њујорк, а композиторот е премлад, моментално во неговите 30-ти ако не се лажам.

Морам да ја спомнам и Операта „Саатите” или „Тхе хоурс” од Кевин Патс, ремек дело со премиера во 2022 година базирано врз истоимената книга и филм. И двете опери се на англиски јазик, ги препорачувам дури и на оние кои не се сметаат за обожаватели на класичната музика.

Кој совет би и го дале на некоја 15-годишна девојка која сака да стане оперска пејачка?

Под еден – следи си го инстинктот. Многу е важно да не го игнорираш внатрешното чувство. На крајот на денот ти си го носиш гласот во твоето грло. Ти си ги чуваш емоциите во телото.

Второ, биди стрплива, се има свое време. И не, не е кога ти ќе одлучиш. Нема правило, твое е во секој момент да си најспремна што можеш. Тоа што е твое, е да работиш на себе, и да се исправиш после секое паѓање.

Трето, кое можеби е клише ама честопати го подзабораваме… Не се споредувај со никој!

Како беше за време на КОВИД-от во Италија? Сама, далеку од дома…?

Страшно беше. Имав едвај 19 години. Се поздравив со моите и тргнав со еден автобус кон град во кој не сум била никогаш. Сама, а уште толку обврски те чекаат кога ќе стигнеш. Документацијата за во Италија е искрено неподнослива. Во време на КОВИД беше се уште понеорганизирано. Беше престрого за КОВИД-от, немаше одење на факултет ако немаш две дози вакцина. Тоа ми беше најстрашниот и најосамениот период во животот, но од друга страна, пак, ме зајакна, после тоа бев спремна на се.

Би се вратиле ли да работите и живеете во Северна Македонија и, зошто не?

Кој длабоко во себе не посакува да се врати во татковината и таму да може да цвета професионално?

Секако дека би се вратила, но Македонија треба да им даде пред се можност, да им даде значење на младите кој во странство успеале да ја докажат способноста, и кога ќе се вратат тие да бидат пречекани со ентузијазам, да им се даде поголемо значење од она што го добиле во странство. А, само они знаат колку трнлив бил тој пат. Затоа, патот назад дома треба пред се да им биде топол, отворен, овозможен. Што можеме, еве, на пример, од Италијаните да научиме? Тие знаат од малите нешта да направат нешто големо, препознаваат талент, способност, и ги промовираат дури и малите успеси, особено во уметноста. А, малку време во странство ми требаше за да сфатам – ние сме еден ретко способен народ. Полни сме со неискористени таленти. Морам тука и да ја пофалам Италија, никогаш не сум седнала некаде и да слушнам околу мене политички разговори. И сосема е нормално, бидејќи тие луѓе во последната недела биле во театар, биле на концерт, посетиле изложба, биле на некакво културно случување на плоштадот, гледале филмови на ТВ, не само вести. Си доаѓам дома, пак, и со моите врсници немам тема на разговор, е тоа го прави недостатокот на културна сцена во едно општество. Со тоа ќе стремиме само кон „Отупување” и декаденција на еден инаку духовно богат, способен, паметен народ. А, за живот, нема поубав од нашиов!

Таква блискост меѓу луѓето нема никаде. А, од мајка природа, имаме се.

Што прави една млада оперска пејачка кога не пее?

Што ли правам… Наоѓам нови композиции што би ги пеела. Кога не вежбам, на некој начин пак вежбам, ги слушам другите пејачи, црпам инспирација или пак… Им наоѓам маани. И така многу се учи. Си ги преслушувам часовите со менторката, одново и одново. Инаку гледам многу филмови, читам што има на омилениот ми он-лајн магазин, тоа ми е втора страст. Сакам барем еднаш во месецот да седнам сама со кафе и книга, тоа ми стана ритуал. Одам кај другарките и честопати готвиме нешто заедно. Ги ставам слушалките и пешачам покрај море. Преферирам џез свирки наместо дискотеки. И понекогаш се знам да се фатам за микрофон на караоке.

Кој е најважниот совет што ви го дале родителите?

Не се најдобрите оние кои успеваат, туку најиздржливите. Не е важно колку пати ќе паднеш, тику колку пати ќе станеш.

Потоа, елиминирај се што не те исполнува во животот.

Овие совети звучат дека се едноставни, но не се. И гледам секој ден се повеќе да ги практикувам.

Бранка Д. Најдовска

Фото: Роберт Јанкуловски
Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *