Сутерен.мк

Илинден на Мечкин Камен и Прохор Пчински

Празнувањето на Илнден на Мечкин Камен симболично почна со пристигнувањето на коњаницата и со положување цвеќе пред споменикот на илинденците. На манифестацијата, која годинава се одбележа под слоганот „Нашата сила за иднината“, присуствуваа претставници на Владата предводени од премиерот Димитар Ковачевски, претставници на други државни институции, на Армијата, на политички партии, граѓански организации и граѓани.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ го напуштија настанот со оценка дека станува збор за партиски митинг на СДСМ.

Официјалниот дел од прославата почна со интонирање на државната химна од оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова, во придружба на Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија. Следувеше обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски, кој нагласи дека Илинден е длабоко врежан во нашиот код. ,,Илинден е нашиот код. Тоа е идеја за заедништво и прогрес што гради мостови. Не руши”, порача премиерот.

Во духот на сплотеноста и вековниот стремеж за демократска и просперитетна заедничка татковина, на Мечкин Камен прозвучеа фолклорното друштво „Студио Фолклор-Скопје“, „Влашки хор-Крушево“, Национална установа – Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, а настапуваа и Национална установа – Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, како и Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија.
Прославата на големиот државен празник Илинден под слоганот „Нашата сила за иднината“ и годинава се одржа на повеќе локации – во Скопје, Пелинце, Крушево и во Смилево, во организација и координација на Владата.

Годинава, првпат по пауза од 18 години, Илинден се одбележа со македонски претставници и во манастирот „Св. Прохор Пчински“ на територијата на Србија. Претседателот Стево Пендаровски, кој ја предводеше делегацијата во „Св. Прохор Пчински“, положи венец со цвеќе на спомен-плочата на АСНОМ, поставена во манастирскиот комплекс, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.
По посетата на манастирот, каде положи цвеќе, Пендаровски им се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ и на поглаварот на СПЦ Порфириј затоа што, како што рече, ни овозможиле после 18 години пауза да дојдеме на ова свето место и да го одбележиме најголемиот македонски државен празник.

„Ова е местото каде што е формирана современата македонска држава и знаете од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место тука да го прославиме тој празник, па знаете, правевме некои алтернативни паралелни прослави во близина, меѓутоа не и овде каде што навистина е одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција во која 2 Август, тоа е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и оттука натаму се разбира дека, како велат старите, со сите нишани ќе доаѓаме да оддадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944 година“, изјави Пендаровски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *