Сутерен.мк

Илија Милчин: Бев дете што оди на утрење!

„Моето прво учество во театарска претстава беше во основното училиште. Бидејќи сами подготвувавме костими, јас го ’позајмив’ жакетот на татко ми и го ’прекрив’ со мастикс лепило. Добив таков ќотек што го помнам и денес! Така започна мојата ’актерска’ кариера“

Неговите 76 години, во најголемиот дел се вградени во почетоците, растежот и врвните резултати, што македонскиот театар ги бележи во својата историја. Како актер – интелектуалец и како режисер со истенчено чувстви за јазик и сцена, Милчин е секако еден од луѓето без кои не може да се замисли историјата на театарската уметност кај нас, но и спомените за времето што останало, расфрлани низ дотраените костими, деловите од сценографија, или избледените фотографии од стотици претстави.

  • Првиот контакт со театарот – се сеќава Милчин – го имав на шестгодишна возраст, во 1924 година, кога заедно со татко ми отидовме да ја гледаме претставата што прилепските аматери ја имаа направено по текстот „Македонска крвава свадба“ на Чернодрински. Таа свечена атмосфера, тоа чувство кога публиката доаѓа и го полни салонот, мене тогаш ми прилегаше на празник.

Се чувствував како она дете, од расказот на Лаза Лазаревиќ. Кое за прв пат оди на утрење. Наскоро потоа, кога станав ученик, професорот по ликовно ми рече дека сум вистински антиталент за цртање, но дека имам смисла за сцена. Тогаш почнавме да ја формираме нашата театарска секција и во голем спомен ми е останата комедијата на Молиер, „Смешните прециози“. Особено по тоа што тогаш добив еден голем ќотек од татко ми.

Имено, бидејќи сами шиевме костими, сами правевме перики, јас го „позајмив“ од татко ми неговиот жакет, кој поради нашата самоукост во шминкањето беше целиот прекриен со мастикс лепило. И така почна мојата „актерска кариера“. Таа претстава, подоцна ја прикажавме и во Битола, Ресен и Охрид.

Спомените го навраќаат на времето кога, подоцна, станува член на работничко – студентскиот театар во Прилеп. Таа активност особено е жива во 1938 година, кога на репертоарот почнуваат да се поставуваат дела од Цанкар, Нушиќ, Гогољ, а се подготвуваат колективни рецитации на „Тутуноберачите“ од Рацин кои ја креваат публиката на нозе.

Неколку години потоа почнува војната, а меѓу две офанзиви, уметниците создаваат претстави кои се еден од камен – темелниците на македонската театарска уметност.

  • Заедно со Штабот на нашата армија, два месеца во 1944 година престојувавме во Горно Врановци, Велешко. Тогаш официјално беше формирано и одделение за театар од осум души: Живко Оџаков, Димитар Енѓозов, Христо Јанев, Славко Цветков, Надја Чобанова, Сика Цветкова, Иван Стефанов и јас.

Тоа беше составот на театарската група во Горно Врановци. А, многу често во нашите претстави, кога недостасуваа актери играа и Владо Малески, Јован Бошковски, Тодор Скаловски…

Дел од таа трупа „Кочо Рацин“, на трети април 1945 година, со претставата „Платон Кречет“, со Илија Милчин во насловната ролја, го удри темелот на Македонскиот народен театар, што значеше и победа на македонската национална култура.

Од таа претстава, па се до пензионирањето, пред 12 години, Милчин постојано е на сцената на МНТ, најчесто како актер, но многупати и како режисер, а од 1964 до 1969 година и како директор. Во една прилика тој меѓу другото, ќе изјави дека најмногу во својата кариера играл ролји од класичниот репертоар, почнувајќи од делата на Шекспир, па се до драмите на Крлежа.

Три години по стартот на МНТ и по неговата главна улога во „Платон Кречет“, Илија Милчин ја режира една од неговите најдраги претстави, „Малограѓани“ од Максим Горки. Потоа ќе потпише редица претстави како режисер, но вели: „Имало и режии за кои уште пред премиерата сум бил уверен дека творечките задачи во нивното создавање не сме ги решиле, но имаше и претстави за кои и денес сметам дека во значајна мера содржеа сценски вредности.“

Еден од трајните и благородни ангажмани на Милчин е и неговото залагање за чист, македонски сценски јазик. Неговото разочарување од јазикот што денес се говори на нашите сцени уште повеќе ја зголемува носталгијата по некои други, далечни времиња.

  • Ме лути многу денешниот сценски говор, вулгарностите, импровизациите кои од театарската уметност прават лесна забава! – вели тој.

Дека годините не значат ништо кога се работи за актер од величината на нашиот соговорник, доказ е и тоа што тој и натаму, можеби најактивно од сите свои генерациски колеги и денес игра на повеќе сцени низ Републикава.

Од времињата, од таа 1924 година е променето многу. Меѓутоа, чувството на празничност, свечена сериозност, чувството на возбуда, како кога прв пат се оди на утрење и денес со секое пречекорување на театарскиот праг е во него.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1995 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *