Нов Зеланд ќе се обиде да го упрости бирократскиот жаргон. Предложени законски измени предвидуваат владините документи да бидат јасни и концизни. Опозицијата вели дека нивната контрола и прилагодување ќе додадат на бирократијата
Сите го знаеме она дрн-дрн во правните документи, кои како да се напишани за да го збунат неупатениот читател, а понекогаш богами и намерно да остават дупки во одлуките или простор за широко толкување. Сега владата на Нов Зеланд се обидува да повлече дебела црвена линија со нов закон кој бара бирократите да користат едноставен, разбирлив јазик за комуникација со јавноста.
Контроверзниот акт го помина второто читање минатиот месец, по парламентарна дебата која е опишана како „живописна“, но треба да го мине и финалното гласање пред да стане закон. Парламентарка од Лабуристичката партија во поддршка на законот дури рецитирала и поезија од Вордсворт на говорницата, за да покаже дека за стилски фигури како „талкав осамен како облак“ немаат место во законодавниот дом.
Законот за едноставен говор, како што се нарекува, за оние кои го поддржуваат треба да обезбеди „јасен јазик како прашање на социјална правда и демократија“. И до сега во оваа земја имаше годишна награда за едноставен јазик која вклучува трофеј за „најдобра трансформација на реченица“.
Еве ја онаа која го доби признанието оваа година:
Во текот на годините ја тестиравме подготвеноста за иновации и адаптибилноста за промена на организацијата, направивме значајни помени поврзани со давањето приоритети и инвестиции, се придвиживме кон работење базирано на активност и бевме сведоци на тоа како тимовите низ целата земја реагираат со тоа што одвојуваат време да се фокусираат на суштински слаби точки.
a станала:
Тестиравме колку организацијата ни е подготвена да применува нови методи и да се менува. Го променивме нашиот пристап кон одредувањето приоритети и кон вложувањето и воведовме флексибилен работен стил за нашите вработени. Поради тоа, тие се фокусираа на решавањето на сопствените проблеми и на проблемите на клиентите.
Владините документи ги одредуваат најинтимните и значајни делови од животите на луѓето: нивниот имиграциски статус, разводите, правото на добивање социјална помош или дозволите за градење дом. Кога луѓето испраќаат писма со барања или поплаки тие ги опишуваат своите фрустрации и лутина затоа што се обидуваат да објаснат нешто што ги мачи, на што им се одговара со „сув“ и неразбирлив јазик. Ова може да ги демотивира воопшто да побараат помош и да се чувствуваат исклучени од системот.
И покрај оваа логика, законот не е поддржан од сите. Опозицијата тврди дека ова ќе додаде понатамошни слоеви на бирократија и трошоци, во форма на службеници одговорни за „едноставниот јазик“ без вистински да ја подобруваат комуникацијата со јавноста. „Да се изразам со екстремно едноставен јазик – ова е најглупиот предлог кој е пристигнат пред парламентот оваа сезона“, изјавил претставник на Националната партија која е во опозиција.