Исповед на една вирџина

Фатима Аслани, која живеела како маж 25 години бидејќи нејзините родители немале машки деца, ја раскажува својата голема тајна

Родена сум една мартовска ноќ во 1926 година, четврта ќерка на Хамза и Џељима Јупи, земјоделци од селото Нисора во близина на Сува Река. Имав околу пет години кога почнав да сфаќам дека сум девојче и малку да се прашувам зошто сите во куќата се однесуваат кон мене како кон момче.

Бев љубопитна зошто ме облекуваа поинаку од моите сестри Софија, Мета и Хајри, кога јас сум исто како нив – девојче.

Еден ден ја прашав мајка ми: Мамо, зошто носам панталони, а не шалвари? Наместо мајка ми, татко ми одговори на моето прашање. За момент престана да меле пченка на камената рачна мелница во аголот од собата. Ме зеде во скут и, галејќи ме по главата, рече: Ти си маж.

Ти си нашиот единствен син – Даљуш.

Но, тато, јас сум исто како Софија, Мета и Хајрија. Јас сум девојче.

Ти не си девојче, ти си наш син. Разбираш ли?!

Не можев да разберам што мислеше со тоа бидејќи во тоа време бев сè уште мала, но знаев и чувствував дека сум девојче, и покрај нивните приказни. Ме облекоа во машки пантолони, а штом косата малку ќе ми пораснеше, ми ја потстрижуваа сè до темето.

Секое утро, мајка ми ми врзуваше шал околу градите и го стегаше цврсто. Не знаев зошто го правеше сето тоа, ниту зошто, кога некој ќе дојдеше, ме заклучуваше во друга соба и ме криеше.

Не ми дозволуваа да излезам од дворот и да си играм со други деца. Татко ми, мајка ми или една од моите сестри беа секогаш со мене. Кога се обидував да го напуштам дворот, ме тепаа, а мајка ми и сестрите беа карани од татко ми, кој беше многу строг со сите во куќата поради мене.

Им велеше на мајка ми и на сестрите: ако Даљуш го напушти дворот, ќе ве убијам сите.

И тоа траеше 25 години.

Еден цел живот мачење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *