Сутерен.мк

Испревртена традиционалност

Долго сум во врска, ама тој никако да ме побара за жена! Дали да го сторам јас тоа, наместо него?

Драга

Драга дарлинг, да го сторите. Веднаш и без размислување. (Ама побарајте го за маж, а не себеси за своја жена. Тоа сте веќе, се надевам…) Не за нешто друго, туку барем, ќе бидете начисто што понатаму со себе, а особено, што со него, нели!?

Доколку ве одбие, поплачете некој ден и тргнете во потрага по некој поасален, ако пак, прифати, да ни донесете бајадера во Редакција. (Од поголемите.)

Ај, колку да ги појасниме околностите: современата жена ги ничкоса традиционалните правила во врските бидејќи секоја четврта слободна девојка се забавува со тројца мажи (!?) истовремено, просечната женска излегува со петмина во текот на една година, а секоја трета е подготвена да му понуди брак на своето момче. Завиден просек, нема што.

Меѓутоа, велат, денот кога жена треба да побара некој да се ожени со неа е 29 февруари, а тој веќе помина. Конфузно. Е сега, 54 отсто од мажите тврдат дека би биле среќни кога партнерката би им предложила брак, 16 проценти од нив би биле на седмото небо од истиот предлог, а едно од седум момчиња се ужаснува и од самата помисла на тоа. Утешително.

Како и да е, претходните податоци зборуваат дека времињата и тоа како се променети и дека се помалку припаднички од понежниот пол чекаат на некому, некогаш, нешто да му текне. Кога превземаш иницијатива има едно прекрасно чувство. Се вика контрола на ситуацијата….

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *