Сутерен.мк

Исфрустриран сопруг

Во брак сум пет години, имам две деца и маж кој многу го сакам и се до пред неколку месеци беше совршено. Добив унапредување и поголема плата и се се смени наопаку. Заработувам речиси трипати повеќе од мажот и тој почна да мрчи. Прво мислев дека има некој друг проблем, ама после сфатив дека уствари мене ми е лут. Секој ден ми забележува дека не сум доволно време дома, дека го запоставувам семејството и т.н. Не сакам да се расправам со него, ама како да ја подобрам ситуацијата?

Презафатена

Презафатена дарлинг, мажот ви има голем проблем. Личен, интимен, алтереговски, потсвесен и хемисферски, јавен и јаден – со себе!

И нема таков маж кој ќе ви признае дека ќе пукне од мака дека партнерката заработува повеќе од него! Патријахалното размислување го наметнува образецот – кога уморен маж се враќа од работа, дома го чекаат весели деца, топол оброк и умилна сопруга, а кога жената доаѓа во домот по напорните обврски – ја пречекуваат валкани, гладни и нервозни деца, безумен неред и исфрустриран мачо – мен. Зашто, кастрацијата не е во тоа што животната партнерка е толку високо оценета, туку дека неговата плата е помала.

За да се ублажат симтомите, ако имате енергија и волја, фалете ја неговата машкост во секоја прилика што ќе ви се укаже. Сеедно дали е закована шајка или купување на зелениот пазар. Барем додека структурата на домаќинството се уште не е драстично променета, а богами, натаму оди. Зашто жените денес се пообразовани од мажите и се подобри во извршувањето на задачите за кои како до вчера, можеа само да сонуваат. Набрзо мажите ќе станат понежен пол – жените се почесто заработуваат повеќе од нив. А богами и, отсекогаш биле понагрбачени, па редно е конечно и тоа да се среди.

Сепак, ова е идно започнато и не до крај дефинирано време. А дотогаш, додаека оваа тотално забаена и нефер ситуација не се среди, обидете се да му ја олесните положбата на сопругот – не ги нагласувајте своите амбиции и достигнувања, особено пред другите, а и децата. (А можете и да му најдете втора работа што искрено, не верувам дека ќе ја прифати – да сакал да заработува повеќе, сам ќе ја најдел, но тој само сака вие помалку да имате на сметката од него. Едноставно речено, да бидете Под него!)

Мислењето што е во сообраќај во нашава средина е дека жената која има кариера е работохоличарка, која или апстинира од секс па, заради тоа сите ја сожалуваат или е нимфоманка, што пак, ја прави пострашна од било кое друго живо суштество на градските улици.

Секако дека, доколку не успеете да му го смирите нивото на тестостерон, не доаѓа во предвид да ги запоставите своите работни обврски затоа што некој не може да се справи со еготрипот. Бркајте си ја кариерата, гледајте си ги децата (чии материјални потреби секојдневно растат) и да не ви чуе за неговата социјална импотентност.

Го потцениле?! Во ред, ако е толку способен, слободно нека си купи нов живот. Со пластична барбика во витрината. Ќе може да и дрнда што сака по цел ден…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *