Пингвините сепак не се примерни брачни другари и симболи на „вечна љубов“ во животинскиот свет, покажа нова долгогодишна студија на мегаколонијата на мали пингвини во Австралија. Додека многу видови пингвини се сметаат за социјално моногамни, идејата дека тие ги избираат романтичните партнери за цел живот е распространето погрешно разбирање, пишува РТС.
Ова е случај и со малите пингвини на Островот Филип во Австралија, кои често наоѓаат исти партнери од година во година. Сепак, експертите сметаат дека стапката на „разводи“ понекогаш може да достигне и до 50 проценти.
Во период од 12 сезони на парење, научниците од Универзитетот Монаш пребројале 250 „разводи“ меѓу колонијата од скоро илјада парени пингвини. Тоа е скоро 21 развод годишно меѓу 2000. и 2013. година. За да се стави сè во перспектива, годишната стапка на развод во САД е околу 2,4 бракови на илјада, што е скоро 10 пати помалку отколку кај видот на мали пингвини.
Целата мегаколонија на Островот Филип брои повеќе од 37.000 мали пингвини, но стручњаците објаснуваат дека нивниот пример е добар индикатор за тоа што се случува на поширок план.
Како што е често случај и кај луѓето, на одлуката на пингвините да останат или да се разделат често влијае и фактот дали имаат потомство.
„Кога е добра година, често остануваат со партнерите, иако понекогаш се случува нешто и од страна“, објаснува екофизиологот Ричард Рејна од Универзитетот Монаш, кој ја проучува колонијата веќе 20 години.
„Меѓутоа, во лошите сезони за размножување можат да се обидат да најдат нов партнер за следната сезона за да ја зголемат шансата за успешно парење“, додава Рејна.
Се покажало дека малите пингвини не се премногу верни, но тие не се единствен вид пингвини кои ја рушат нашата илузија за „вечна љубов“.