Деновиве масовно се препишува статистиката на АЦЕА, којашто покажува дека во моментов Грција има најстар возен парк во ЕУ – податоци за Бугарија нема. А како е во Македонија?
Во најновата статистика што ја објавува лоби групата на производители на автомобили во Европа, АЦЕА, Грците возат најстари автомобили. Просечната старост на возниот парк што го сочинувале 5.495.927 патнички автомобили во 2022 година, изнесува 17,3 години. Колку во просек се стари македонските автомобили?
Грција, Естонија, Латвија, Полска, Литванија. Тоа се водечките пет земји по староста на возниот парк. Податоци за тамошните автомобили, Бугарија не доставила. Исто и Малта. Понискиот стандард во споредба со другите земји не мора да се поврзува со староста на возниот парк. Хрватска, на пример, иако е 4-та земја во ЕУ по стандардот на живеење – од долу, поточно според куповната моќ, со староста на возниот парк од 13,3 години, повеќе е во средината, отколку на дното.
Уште еден добар пример се Словенија и Италија. Иако Словенците се две места подолу од Италијанците, според куповната моќ, нивните автомобили во просек се понови за околу половина година. Разлика од половина година значи многу повеќе отколку што може да се просуди со лаичко заклучување. Тоа е исто како разлика меѓу 0,1% од сто автомобили и 0,1 процент од милион автомобили.
Секако дека и оцената на домашните препородавачи на користени автомобили, што ќе кажат дека македонскиот возен парк бил стар во просек меѓу 12 и 16 години, уште од старт е утнат, затоа што со малку познавање на математиката, просек не може да биде меѓу 12 и 16 години. Просекот може да има само една вредност.
Држава/Возен парк/Просечна старост
Грција/ 5495927/ 17.3
Естонија/ 849294/ 16.6
Латвија/ 769345/ 15.2
Полска/ 26457659/ 14.9
Литванија/ 1347548/ 14.7
Словачка/ 2721252/ 14.7
Унгарија/ 4091975/ 14.6
Шпанија/ 25644595/ 13.9
Португалија/ 5560000/ 13.6
Хрватска/ 1836016/ 13.3
Финска/ 2740393/ 12.9
Италија/ 40213061/ 12.5
Исланд/ 236824/ 12
Холандија/ 9233107/ 11.7
Словенија/ 1221702/ 11.2
Франција/ 38856492/ 10.8
Норвешка/ 2876313/ 10.8
Шведска/ 4980543/ 10.7
Обединето Кралство/ 37050775/ 10.3
Германија/ 48763036/ 10
Швајцарија/ 4768843/ 10
Белгија/ 5877949/ 9.8
Ирска/ 2292748/ 9.1
Австрија/ 5150890/ 8.9
Данска/ 2794055/ 8.9
Луксембург/ 448454/ 7.9
Чешка/ 6425417/ 15.9
Романија/ 7865186/ 14.9
ЕУ/ 12.3
Колку тогаш навистина се стари македонските автомобили?
Според најверодостојна статистика од Заводот, просечната старост на патничките автомобили во Македонија во 2022 година била 19,5 години. Не станува збор за разлика од само две години, зад најлошите возни паркови во ЕУ, туку проблемот со којшто се соочува земјава е многу посериозен.
Истата таа статистика, што е неспорно точна, наспроти божемниот просек од 12 до 16 години кај препродавачите на користени возила, при малку повешто разгледување, открива дека во Македонија во 2022 година, постари од 10 години биле 429.000 патнички автомобили, односно 88,7 проценти од возниот парк. Тоа не е ништо помало од катастрофа.
За споредба, во 2004 година, долги години пред да се случи „револуцијата“ кога 50.000 терачи на стари автомобили со бугарски таблици, се заканија дека ќе ја блокираат државата, ако од нив се бара да ги префрлат возилата на македонски таблици, а со тоа и да платат данок, што дотогаш нé штитеше од бугарскиот отпад, просечната старост на возниот парк изнесувала 15,4 години, односно само 67 проценти од автомобилите биле постари од 10 години.
Автомобили стари до пет години, сочинувале 12,2 проценти од возниот парк во најдобрата година според тоа гледиште, во 2010 година, во годината на нападот со бугарските стари автомобили. Оттогаш, возниот парк е во постојано умирање. Во 2022 година, само 3,1 процент од возниот парк го сочинуваат автомобили стари до 5 години. Четирикратно е смален уделот на автомобили стари до пет години.
Дали тоа е до стандардот? Или можеби е нешто друго? Во времето кога во Македонија се возеа најмлади автомобили и кога возниот парк не умираше, Македонците возеа Пунто и Поло. Времето на Југо и Стокец беше одминало долго пред тоа. Македонија возеше нормални автомобили, какви што може народот да си дозволи.
Меѓутоа, под влијание на бугарските разбирања за автомобили, што и самата ЕУ не ги вклучува во своите статистики, се расипа и македонскиот поим за автомобил. Место ново Пунто и Поло, стана подобро крш бемве донесено од бугарските отпади. Да се глумело. Германците велат „мер шајн алс зајн“, односно се потсмеваат кога нешто само изгледа вредно оти свети, но внатре е гнило.