Православниот Божик го слават околу 260 милиони луѓе ширум светот – во земји со православно мнозинство во Источна Европа, како Русија и Грција, но и во заедници во Етиопија, Египет и на други места.
Обичаите се секаде различни. Празникот ги влече своите корени од со векови старата одлука на православните цркви да се одделат од Католичката црква и да го усвојат календарот што се разликува од оној што денес го користи поголемиот дел од светот.

Усвојување на стандардизиран календар
Несогласувањата околу тоа кога треба официјално да се одбележува раѓањето на Исус Христос датираат уште од 325 година, кога група христијански епископи го свикале првиот вселенски собир за да одлучат одредени прашања поврзани со верската доктрина. Една од најважните точки на дневниот ред на Првиот вселенски собор во Никеја била да се стандардизира датумот на најважниот црковен празник – Велигден. Решиле да се потпрат на Јулијанскиот календар, соларен календар што го вовел римскиот владетел Јулиј Цезар во 46 година пред новата ера, по совет од египетскиот астроном Созиген, обидувајќи се да го среди неуредниот лунарен календар на Рим. Но, пресметките на Созиген имале предизвици – ја преценил должината на соларната година за околу 11 минути. Како резултат на тоа, календарот и соларната година со векови сè повеќе се разидувале.
Големиот раскол во христијанството
До 1582 година, датумите на важните христијански празници толку многу се поместиле што папата Григориј Тринаесетти се загрижил, свикал нова група астрономи и предложил нов календар, познат како Грегоријански календар. Новиот календар решил низа сложени проблеми што се наталожувале низ годините и поголемиот дел од христијанскиот свет го прифатил.
Но, Православната црква не се согласила. За време на Големиот раскол (Шизма) во 1054 година, таа се одделила како посебна гранка на христијанството по многу насобрани политички и догматски разлики со векови. Православните христијани не го признаваат папата како водач на црквата.
Следењето на корекцијата предложена од папата Григориј би значело прифаќање на повремено совпаѓање меѓу Пасха и Велигден – нешто што било спротивно со светите текстови на православното христијанство. Затоа Православната црква го отфрлила Грегоријанскиот календар и продолжила да се потпира на Јулијанскиот календар.

Решавање на православната календарска криза
Затоа Божик се слави двапати во годината. Но, како православните цркви се справиле со тековната календарска криза? Во мај 1923 година, група православни водачи се сретнале за да го разгледаат ова прашање. Сеправославниот конгрес се одржал Константинопол (Истанбул) и ги обединил делегациите од црквите на Константинопол, Кипар, Грција, Романија, Русија и Србија.
Дискусијата била жестока: историчарот Арам Саркисијан пишува дека Руската црква била под притисок од болшевиците да го прифати Грегоријанскиот календар, откако тие го напуштиле Јулијанскиот календар кратко по почетокот на Руската револуција. Ревидирањето на календарот не било само религиско прашање: за црквите чиј опстанок бил загрозен под комунистичката власт, приспособувањето на календарот било прашање на опстанок.
На конференцијата, српскиот научник Милутин Миланковиќ предложил решение: нова верзија на Јулијанскиот календар што ги споделува датумите со Грегоријанскиот календар, но не ги споделува сите престапни години. Познат како ревидиран Јулијански календар, тој бил усвоен од неколку православни цркви, вклучувајќи ги црквите во Грција, Кипар и Романија. Тие цркви сега го слават Божик на 25 декември.
Но, други православни цркви, како оние во Русија, одбиле. А некои други, како Полска, го усвоиле календарот на Миланковиќ, а подоцна го напуштиле. Тие го слават Божик на 7 јануари до 2.100 година, кога ќе се помести на 8 јануари, бидејќи календарот продолжува да се разидува.
Православни божиќни традиции
Православните традиции денес се разликуваат во зависност од местото, на која црква ѝ припаѓаат, локалните обичаи. Но, за многумина, Божик е насочен кон побожни религиозни прослави. Традиционално, православните христијани постат 40 дена пред Божик, подготвувајќи се за раѓањето на Христос. Тие се воздржување од јадење месо, млечни производи, риба, вино и маслиново масло. По бдеењето на Бадник, самиот Божик се слави како еден од 12-те големи празници на Православната црквата, со одење во црква и семејни прослави дома.
Другите традиции се исто толку живописни и разновидни како местата од кои потекнуваат. Во Грузија, свештенството и луѓето облечени во религиозни носии парадираат низ улиците, пеат коледарски песни и одат кон црквата. Наречена Алило, поворката го добила името од песна што традиционално ја пеат децата на Бадник, одејќи од врата до врата и собирајќи пари и мали подароци. Тој обичај постои и на други места, како Романија и Грција.
Храната има централно место во православните божикни прослави. И тие традиции се разликуваат по региони. Во Русија, на пример, на Бадник се јаде јадење од пченица и ориз, често од заедничка чинија што симболизира единство. Понекогаш храната се фрла кон таванот; ако се залепи, според традицијата, тоа значи среќа. Египетските Копти го прекинуваат постот со јадење од леб, ориз и месо наречено фатах, а припадниците на Етиопската православна црква јадат чорба што често содржи пилешко од петел поделен на 12 делови, што ги симболизира 12-те апостоли, заедно со 12 јајца.