Како Гренланд го добил името?

Гренланд во последните недели повторно е во фокусот на светската политика поради американските претензии кон оваа автономна територија во состав на Кралството Данска.

Сепак, зад геополитичките наслови се крие прашање што многумина деновиве си го поставуваат: како е можно остров кој е претежно бел и под мраз да се нарекува Гренланд, односно „зелена земја“?

Одговорот е стар повеќе од илјада години и е поврзан со своевиден маркетинг, но и со фактот дека Гренланд не е насекаде ледена пустина.

Ледениот покривач навистина доминира на островот – гренландската ледена покривка зафаќа околу 80 отсто од неговата површина.

Меѓутоа, долж крајбрежјето, особено на југозапад, во летните месеци се појавуваат зелени површини од тундра, трева и ниска вегетација, додека во фјордите можат да се забележат пасишта и населби.

Токму тие зелени појаси биле најпогодни за живот, лов и скромно земјоделство, па впечатокот за „зелена земја“ бил реален барем во еден дел од годината.

Според преданието, името го смислил Ерик Црвени кога во 10 век од Исланд тргнал да населува нова земја. Наводно ја нарекол Grønland верувајќи дека луѓето полесно ќе се одлучат на преселба ако местото има „привлечно“ име.

Со други зборови, „зелената земја“ била своевидна покана и вешт контраст со ледениот Исланд, кој во реалноста често е позелен отколку што неговото име сугерира.

Нордиското име влегло во европските карти и администрација, а денешната данска варијанта само ја продолжила таа традиција. Во исто време, Гренланѓаните својот дом на јазикот калалисут го нарекуваат Kalaallit Nunaat, што во превод значи „Земја на луѓето“.

Овој назив потсетува дека островот не е само мраз, туку и заедници што живеат таму.

Иронијата на името денес е уште поинтересна, бидејќи поради повлекувањето на мразот во одредени подрачја се бележи ширење на вегетацијата – што значи дека Гренланд навистина, барем делумно, станува сè позелен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *