Од исхраната и квалитетниот сон до физичката активност, безброј фактори можат да придонесат за подобро здравје на мозокот. Но, едно ново откритие на научници од Универзитетот „Јејл“ може да изненади многумина.
Истражувачите анализирале снимки од мозокот на речиси 38.000 луѓе, од кои 19.964 жени и 17.607 мажи, за да ја испитаат функционалната поврзаност, односно начинот на кој комуницираат меѓу себе различни делови на мозокот.
Резултатите биле неочекувани: луѓето што имале деца покажале посилна мозочна поврзаност, особено во деловите задолжени за координација, движење и телесна свесност.
Иако овие невронски мрежи со текот на годините ослабуваат, кај родителите тој пад бил помалку изразен, независно од полот.
Ова укажува на тоа дека родителството може да обезбеди одредена заштита од когнитивни проблеми поврзани со стареењето.
Иако родителството знае да биде стресно, ова истражување покажува дека на долг рок може да има позитивно влијание врз здравјето на мозокот. Но, добиените резултати можат да бидат релевантни и за луѓето што немаат деца. Истражувачите не нашле докази дека придобивките се поврзани со биолошкиот процес на бременоста, што значи дека позитивниот ефект доаѓа од животниот стил, односно менталната и физичката активност, а не од самото раѓање деца.
Конкретно, истражувањето истакнува дека зголемената когнитивна стимулација, решавањето проблеми, мултитаскингот, емоционалната вклученост и физичката активност играат клучна улога во зачувувањето на мозочните функции.
Добрата вест е дека постојат начини за подобрување на здравјето на мозокот дури и без да се биде родител. Експертите препорачуваат секојдневно вежбање на основни вештини, како што се читање и математички задачи, што може да го забави когнитивниот пад.
Неврологот д-р Елана Клар нагласува дека решавањето крстозбори, играњето шах и решавањето судоку значително придонесуваат за менталната виталност. Покрај тоа, друштвените активности ги подобруваат расположението и енергијата, додека физичката активност може да го намали ризикот од деменција дури за 41 отсто, според истражувањата.