Низ историјата, на срцето како витален орган му се даваат различни епитети и значења, но денес најмногу го поврзуваме со љубовта. Како сето тоа започна?
Доколку зборуваме за срцето како геометриски симбол, тогаш со сигурност може да се каже дека се појавува уште од праисторијата. Еден од најдобрите примери е слика од доцниот неолит од Куева де лос Летрерос во Алмерија. На него се гледа антропоморфна фигура со опашка и рогови, додека во рацете носи нешто што личи на срп, а на крајот од еден од нив има срце.
Експертите претпоставуваат дека овој праисториски симбол најверојатно е поврзан со некој растителен елемент, а овој тип на репродукција ќе продолжи да се користи во антиката во медитеранската област.
За древните Медитеранци, оваа форма била претежно симбол за листовите од бршлен, воден лилјан и некои типови семиња. Како форма срцето може да се забележи и на монета од Кирена, на која биле претставени семките на изумреното растение силифиум, кое било многу ценето по своите контрацептивни својства. Со други зборови, срцето како симбол постои уште од античко време, но на почетокот повеќе се поврзувало со други работи отколку со љубов.
Ќе помине многу време пред срцето да стане симбол на љубовта, поточно додека концептот на дворска љубов не се воспостави во средниот век. Првите индиции за вакво нешто може да се најдат во романсата наречена „Ле роман де ла поире“, чиј главен протагонист е извесен Тибо. Имено, на една од минијатурите се гледа како маж и го нуди своето срце на својата сакана како симбол на љубовта.
Со текот на времето, овој геометриски симбол со романтично значење ќе стане широко распространет. Својот врв ќе го достигне кон крајот на 19 век со популаризацијата на размената на картички на Денот на вљубените, но нема да опадне ниту во иднина. Што најдобро се одразува во тоа што денес е идеограм за лајкување на повеќето социјални мрежи.