Канцерот на дојка кај жените во Македонија е најчеста причина за смрт од сите видови рак веќе 13 години наназад, според извештаите на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ).
За термин за ехо и за мамографија жените во Македонија, и оние кои се заболени од рак на дојка и за редовен преглед чекаат повеќе од еден месец. Борејќи се да преживеат во систем во кој јавното здравство е речиси урнисано, пациентките се пред избор – да плаќаат приватно или да бараат чаре во странство.
Канцерот на дојка кај жените во Македонија е најчеста причина за смрт од сите видови рак веќе 13 години наназад, според извештаите на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ).
Докторите специјалисти во Северна Македонија со закон имаат можност да работат по работното време ако нема редовен термин и пациентот доплаќа за ангажманот на хируршкиот тим.
Во приватните болници во Скопје, операција на една дојка е од 100 илјади денари нагоре, во зависност од сложеноста на интервенцијата и од тоа колку време пациентката ќе остане во болница.
Основните ехо и мамографија чинат секоја по околу 6.000 денари, без дополнителни анализи. Во приватните лаборатории цената е нешто пониска, по околу 3.000 денари.
Сумите се недостижни за многу пациентки во Северна Македонија, каде просечната плата е околу 41.000 денари, според последните податоци на Државниот завод за статистика.
Тоа е речиси најниска просечна плата на Балканот и на дното на европскиот просек.
Според Сојузот на синдикати, примањата на 22.000 работници се речиси двојно под просекот – земаат минимална плата во износ од 22.567 денари.
Во Северна Македонија, и покрај статистиката дека во 2023 година речиси секој ден умирала по една жена од карцином на дојка, во државното здравство нема доволно термини за ехо и за мамографија.
Пред околу една година здравствените власти направиле и промени и во начинот на упатување на пациентите за оваа дијагностика.
Ако до тогаш матичниот лекар ги внесуваше во системот „Мој термин“ и терминот веднаш се гледаше, сега ниту докторот нема увид кога би било снимањето. Лекарот закажува, а пациентот добива смс-порака кога да се јави на преглед. Колку ќе чека – не се знае.
Вториот начин за закажување е преку Програмата за скриниг на рак на дојка што Северна Македонија ја воведе во 2015 . Препораката е сите жени од 40-69 години да прават мамографија еднаш во две години. За пациенти со зголемен ризик, мамографијата се препорачува еднаш годишно.
Нема податок колку пациенти се пријавиле во системот и чекаат за скриниг.
Пациентка веќе оперирана, уште не добила термин за ехо
Но, за пациентите и за нивните матични доктори двата начини на закажување се нетранспарентни и комплицирани.
Затоа многу жени принудно пропуштаат прегледи што можат да им го спасат животот.
„Розовиот октомври“, месецот посветен на кревање на свеста за ракот на дојка, Македонија го дочека со поразителна статистика.
Бројките се дека од година во година незапирливо расте бројот на починати, но и на новозаболени од оваа болест.
Во Македонија најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот 2010-2023 година е ракот на дојка.
Според извештај на ИЈЗ за смртноста од рак на дојка 2010-2022 година, 310 жени починале од рак на дојка во 2010 година. Дванаесет години подоцна, овој број се искачил на 356.
„Во анализираниот период се забележува тренд на пораст на бројот на умрени жени од рак на дојка“, пишува во извештајот на ИЈЗ.
Или, безмалку секој ден во годината умирала по една жена од болест за која лекарите велат дека во голем процент се лекува ако се открие навреме.
И бројот на новозаболените галопира во периодот 2017-2023 година.
Во 2023 година, најголем број од новозаболените кои побарале помош на Клиниката за онкологија имале канцер на дојка – вкупно 1007 пациенти.
На позитивната листа на лекови, што државата ја ажурира во септември по 10 години застој, не беше ставен ни еден онколошки лек. Таква можност здравствените власти најавија за по Нова година.
Одделот за карцином на дојка на Клиниката за онкологија работи со 7-8 специјалисти. Тие имаат по околу 4.700 пациенти годишно, или по 400 пациенти месечно по лекар.
Бирократијата, недостигот на лекари и на термини го отежнуваат патот до рана дијагноза.