Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Карантин е тест за нашиот живот, не за оценување!

Првиот викенд во карантин во Куманово заврши. Бројките за инфицирани, заболени и починати не се за охрабрување. Особено што стручњаците сметаат дека ќе се зголемуваат. Последователно на тоа ние ќе имаме најмалку уште еден викенд во карантин. Колку и состојбата да е сериозна некои луѓе притиснати од стравот дека ќе останат гладни побрзаа да го потрошат и последниот денар во обезбедување храна. Не знам дали толку им беше неопходна! И тоа во времето кога голем дел од моите сограѓани „преку ноќ“ станаа верници, та по социјалните мрежи најавуваа дека ќе ги практикуваат велигденските пости. И ние што не спаѓаме во таа група можеме да се испосниме два дена. Особено ако имаме на ум колку луѓе во светот немаат ниту еден скуден оброк дневно. Колку деца гладуваат од раѓање до крајот на својот живот. Колку болни луѓе не смеат да јадат толку колку што нивниот желудник би сакал. Жално!

Во таа трка да се обезбеди храна за два дена заборавија ли моите кумановци дека на сила се здравствени вонредни мерки и дека вирусот демне од секое агле! Очекував дека од ова зло ќе се извлечат добри поуки и ќе се разберат пораките од природата. Секој ден се помалку се надевам.
А природата пак, најдобронамерно ни испрати дожд и облаци, ни порача дека навистина треба да седиме дома. Сакале или не, треба и мора да седиме дома и да бидеме смирени и претпазливи. Трпение-спасение,препорачуваат и докторите. И нашите и од светот. А што е карантин, да се потсетиме. Зборот потекнува од Италија. Изведен е од зборот „куаранте” (четириесет). Имено венецијанските власти 1423-та година востановиле изолација на болните во траење од 40 денови. Се сметало дека сите заразни болести имаат инкубација помалку од 40 денови, така што тоа било доволно човекот да излезе здрав и да не е преносител.

Викендот во карантин по изолацијата дојде последователно. Чинам и за многумина кои го сфатија како подарено време за завршување на многу заостанати и недовршени работи. Така, меѓу другото си изгледав две балетски претстави од по два часа, за тоа време замислувајќи се дека сум во театарска сала. Прекрасно чувство, макар и виртуелно. Ха! Чувство кое оддалечува од џвакање храна за да си ги смириш нервите, а да го вознемириш желудникот. Духовната храна подолго останува во мене од онаа другата. И нека трае, си мислам, барајќи уште и уште од таков вид. Човекот може да издржи секакво искушение, ако сака. Реткост е да сака, почесто е да е принуден. Не сакам да речам дека така ни треба, но, навистина треба да си го зачистиме своето битие во кое во брзото и премногу површно секојдневие сме напластиле премногу непотребни и лоши чувства, спомени, агресија, непримерни зборови и однесувања.

Карантинскиот викенд помина и со многу јавувања од пријателите од другите градови. Да го слушнат моето искуство и можеби да го применат доколку и тие се најдат во таква состојба. Се смеевме. Не се жалевме дека нешто ни недостасува. Во ова време кога навистина се води битка за зачувување глава на рамења, мерките се за наше добро.Откако овој хаос ќе заврши во новиот бран на хаосот ќе ги согледуваме последиците и ќе „знаеме“ како требало,а како не.

И колку и да сакам на сето ова да гледам позитивно и смирено, некои од нашите политичари собирајќи поени за своите дебело платени функции долеваат отров. Секогаш најмногу ме иритирало уништувањето на здравствениот и образовниот систем. Здравствениот каков-таков се бори да се справи со епидемијата. Децении растуран, во кризата ги собира камчињата да состави мозаик. Ама образовниот талка ли, талка. А родителите кои имаат деца на школо се повеќе се исплашени и загрижени за успехот на нивните деца, на миг заборавајќи на нивното и на сопственото здравје и преживување. Наставниците загрижени како ќе ја изведат наставата за која не се целосно подготвени. Страхуваат да не останат без работа, без егзистенција. И згора на тоа неговото височество министер најавува и оценување он-лајн. Се сомневам дека знае колку услови има за тоа. Нејсе! „Не грижи се за тоа дека детето ќе ти остане неписмено. Многу министри се неписмени, па ништо не им недостасува,“ вели автор на еден текст од регионот, охрабрувајќи го неговиот пријател. Јас пак, кога би имала деца во основно или средно школо во ваква ситуација со двете раце би потпишала да повторуваат година, само да останат ментално и физички здрави. Наставниците, министрите и сите останати нека се грижат за нивните поени, бројки, успеси колку деца оштетиле, а колку и самите себе се „оштетиле“. Во интерес на зачувување на здравјето на нашата иднина!

Ме зачудува тоа што психолозите и педагозите се тивки. И тие изгледа се во шок од ова што се случува. Затоа пријатно се изненадив кога прочитав дека психологот м-р Марија Младеновска Димитровска од Битола, и како родител,а и како човек од образованието напишала за последиците од виртуелната настава. На крајот од текстот Младеновска Димитровска вели дека психолошките последици допрва ќе се чувствуваат. „Се позачестени ќе бидат и невротските и психосоматските реакции кај децата и кај сите, поради стресот од секојдневниот притисок. Физичкото и менталното здравје треба да ни бидат топ приоритети и затоа колку што можеме да го намалиме психолошкиот притисок и врз децата и врз наставниот кадар.“
А некои од учениците во карантинскиот викенд имале тестови. Можеби и оценките ќе им бидат намалени!
Qvo vadis, свету мој! Имаш ли душа homo sapiens?

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *