Граѓаните денеска излегоа на протест против изградбата на 17-катница во Општина Карпош, за која реагираа дека ќе донесе бетон, ќе го уништи квалитетот на живот, а притоа ќе направи сообраќаен хаос и ќе ја загрози безбедноста на оние што треба да стигнат до Воена болница.
На протестот помеѓу бензинската пумпа на „Макпетрол“ и болницата „Жан Митрев“, каде е предвидена висококатницата на „ЗСФ КОМ“, граѓаните преку транспарентни порачаа „Скопје сака да дише“, „Правда пред профит“, „Нашето здравје не е играчка“, „Брзата помош треба да е брза“, „Преку Стевче ни е“…
Татјана Стојановска од иницијативата Независни за Карпош, пред присутните рече дека општината треба да се стреми кон зеленило и јавни добра, наместо кон бетонизација.
„На општината и’ треба инфраструктура, канализација, дрвја, паркови, игралишта за деца, живот за граѓаните. Згради имаме – воздух немаме! Карпош е на граѓаните, не е ниту на Стевче, ниту на вработените во општината, а најмалку на градежниците. Карпош е на жителите на општината и тие одлучуваат што сакаат, а што не. А, законот проценува што е во ред“, потенцираше Стојановска.
Нејзината соборка-советничка во Независни за Карпош, Невена Георгиевска, потенцираше дека еко-активистите и локалните бараат правда и поништување на спорното конзерваторско мислење што го карактеризираат како „криминално“. За него веќе реагираа дека е издадено со цел да даде зелено светло за градење на комплексот згради со 419 стана плус деловен простор, со 2.000 жители и најмалку 1.000 возила.
„Зошто протест? Затоа што можеме да ги смениме работите. Бараме институциите итно да постапат и да го поништат тоа нелегално добиено конзерваторско мислење. Со нелигитимното позитивно конзерваторско мислење – оваа издадена дозвола не е важечка. Значи, има надеж, затоа сме тука. Да кажеме дека ова нема да го премолчиме. Сите инволвирани во овој процес треба да сносат одговорност. Ние нема да застанеме, ќе продолжиме и понатаму, меѓутоа прво мора да се сопре (мислењето). Бараме од Министерството за култура да постапи итно, со цел штетите од нелегално добиената дозвола да бидат што помали за општината“, рече Георгиевска.
Според советникот од Левица Бранко Ристов, проблемот датира од 2012 година, но волјата на граѓаните не е слушната.
„Се потрудивме најмногу што можевме да се донесе суспензија со план да се направи ревизија за да се сопре ова лудило. Не ми е јасно кој има потпишано вакви проекти, од министри, инвеститори, службеници до градоначалници? Овој простор тука со децении е планиран да биде болнички комплекс. Која безбедност ќе се осигура за нашите сограѓани ако не може да стигнат до болница?! Тука веќе има закрчување во сообраќајот. Мора да имаме во глава дека се работи за болници, сега има застој од саат време и замислете плус илјадници коли во хаосот во Скопје!“, рече Ристов.
Инаку, против изградбата деновиве реагираа и од „О2 Иницијатива“. Според еко-активистите, северниот дел на градежната парцела со површина од околу 1.690 м² влегува во границите на Споменикот – Воена болница и има режим на заштита од втор степен.
Јужниот дел на парцелата од околу 2.880 м², пак, е во границите на Контактната зона на Споменикот и е со режим на заштита од трет степен.
„Потребно е да се обезбеди Конзерваторско мислење од НУ Конзерваторски центар – Скопје, како услов за издавање на одобрение за градење. Овие два различни делови од градежната парцела имаат различен режим на заштита, а објектот истовремено треба да се гради и во границите на Споменикот – Воена болница во Скопје и во границите на неговата Контактна зона, за што се водат различни постапки за одобрување. Ништо од ова не е испочитувано! Како резултат имаме само едно криминално позитивно конзерваторско мислење кое е уште на сила!“, потенцираа од „О2 Иницијатива“.
Од Општина Карпош, пак, вчера соопштија дека на локацијата со ГУП од 2012 година е предвидено домување, по што локалната самоуправа донела Детален урбанистички план во 2013 година, со кој на оваа локација е предвидено колективно домување.
За тоа, велат дека согласност дале Град Скопје, како и министерствата за транспорт и врски, за култура и за одбрана, а во меѓувреме Уставниот суд ја отфрлил иницијативата за оспорување на ДУП-от.
„Има дури 4 согласности за оваа локација од надлежното министерство, а кои се однесуваат на урбанистичкиот план и на идејниот проект кој бил доставен до нив. На 21-ви ноември 2023 година Управата за заштита на културното наследство издала согласност, а потоа од Националната установа ‘Конзерваторски центар – Скопје’ тричлена комисија позитивно се изјаснила на 27-ми декември 2023 година“, соопштија од Општина Карпош.
Според Карпош, лажни се тврдењата дека градоначалникот Стевчо Јакимовски ја потпишал градежната дозвола, бидејќи тој се откажал од овластувањата во урбанизмот и целокупната надлежност ја пренел на раководителите на овој сектор на 15 август 2023 година.
По ова, Независни од Карпош излегоа со контра-реакција, објавувајќи потврда за одобрување Урбанистички проект, потпишана од Јакимовски на 6 октомври 2023 година.