Катанец и заклучени врати утринава на Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. На улицата во некогашнато Еврејско маало, на дофат од Широк Сокак, раздвиженост само од поранобудните битолчани, додека од членовите на Клубот, ни трага, ни глас.
Ваква беше денешната слика пред Клубот кој помпезно беше отворен пред само единаесет месеци, а веќе вчера беше избришан од Централниот регистар на Република Македонија. Ова, откако минатата недела, министерот за правда, Кренар Лога го потпиша решението со кое се одби барањето ова Бугарско здружение да го користи името на контроверзниот близок соработник на фашистите, Ванчо Михајлов, а по измените на Законот за здруженија и фондации, донесени пред четири месеци, во називот да не можат да се користат имиња на личности што се поврзвуваат со национална, етничка нетрпеливоост, геноцид или поддршка на нацизам и фашизам.
Битолчани задоволни од ваквиот развој на настаните. Велат, фаталната грешка била направена уште кога се дозволило да се отвори овој Клуб под таков назив, ама дека и сега не било доцна да се реагира за тој да биде трајно избришан.
„Треба да биде избришан, тоа е моето мислење. Грешката е уште во стартот, ова беше сето провокаторски од страна на Бугарија. Јас сум Македонка и си крепам македонштина“.
„Вистината треба на површина да излезе, како што сме учеле ние, а не сегашнава – извитоперена, вистина да прикажат што не е вистина“.
„Бугарите не не’ признаваат, нејќат ништо да слушнат за нас, и сега, како можам јас некој да признавам, а тој не ме признава мене како Македонец, а пред нив, пред сите сме“.
„Браво за тој што го направи овој чекор. Не требаше ни да се отвори, бидејќи фашизмот како што гледаме се уште работи низ светот, па не ни е потребен ни во Битола, ни во Македонија.
„Ова треба овде да се фати одма. Што го ставија, само создава тензии меѓу народот, ништо друго. Бугарите до кога ќе не’ малтретираат?! Ич не требаше да му дозволат да се отвори. Како прават тие таму? Одма другиот ден го растураат, а ние – аминџии цел живот“.
Телефонски се обидовме да стапиме во контакт и со претседателот на Клубот, самоосвестениот Бугарин, Љупчо Ѓеорѓиевски, за кого Обвинителството веќе постапува по кривична пријава за ширење на расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Но, тој не одговори на нашите повици.
За официјална Бугарија пак, одлуката за бришење на Клубот „Ванчо Михајлов“ од Регистарот на Македонија, била вознемирувачка, непринципелна и тенденциозна.