Сутерен.мк

Катина Иванова и Звезда Ангеловска: Маркесовска средба на две дами

Две жени, две маркантни личности од македонската театарска и филмска сцена, деновиве се здружени во една цел. На сцената на Македонскиот народен театар, при крај се подготовките за претставата “Сребрена свадба”, работена според текстот на Габриел Гарсија Маркес, “Љубовна расправа против еден седнат маж” односно, монодрамата на Катина Иванова, режирана од Звезда Ангеловска.

Две дами, сосема различни барем, на прв поглед, решија да се обединат преку Маркес и да се обидат да докажат дека се се уште љубопитни, дека се уште им струи под кожата љубовта кон уметноста, дека се уште се желни за истражувања и покрај 33-те години кариера на Иванова и 15-те на Ангеловска. Меѓутоа, не станува збор за никакви “јубилејни посвети”.

Не дека не ги сакаат прославите особено, ако се добро осмислени, но тврдат, ова не е таков случај. Како што ќе рече Иванова, “убаво е да се видат пријателите, да се почестат гостите, да се сумираат резултатите, да се разменат мислења и идеи… Едноставно да се дружат луѓето. Поводи и во минатото и денес има многу, но осмислени такви настани речиси, да нема. Тажно. МНТ во таа смисла барем се обидува преку манифестацијата Амфи да стори нешто во ова сиромашно време. Јубилеј на актер е сериозна и голема подготовка, а можности за такво нешто, искрено речено, нема. Значи, не е ова никакво одбележување на нешто.”

Всушност, велат, ова е само една средба меѓу нив двете, што пак, не е прва. Работеле заедно на многу проекти, па и “маркесовски” (во “Хроника на една ненајавена смрт”, што во режија на Валентин Светозарев пред една деценија, беше поставен во фоајето на сегашната македонска опера и балет), но сепак, ова е прв пат, да се на различни позиции: едната како актерка, а другата – режисер.

– Оваа монодрама, оваа улога сметам дека единствено прилега на актерскиот сензибилитет на Катина, која според мене, се разликува и како личност и како уметник на овие простори. Реткост е уметниците да бидат присутни сега и овде. Да имаат будно око, да светат со неизгаснатиот сјај и шарм што го имале некогаш и да ги доживуваш како безвременски. Да бидат присутни во ова време, да се прашуваат, да размислуваат, без ,”готови” или “мртви” одговори. Да не бидат само привидно живи уметници. Ете, низ таква призма ја гледам Катина, така таа ме инспирира, а така го доживувам и овој текст на Маркес – раскажува Ангеловска, која пред две години текстот (патем, единствениот што Маркес го има напишано за театар) и го донела на Иванова од Русија, на руски јазик.

Звезда Ангеловска

Магичниот шармер

– Го прочитав и се вљубив во него. Како и секојпат магичниот шармер на пишаниот збор, Маркес, ме зграпчи, а сега се реализира од едноставна причина што се појавија минимални услови за тоа – појаснува Иванова.

Двете дами зборуваат една за друга (при одвоени средби со потписникот на овие редови) со многу респект и доверба. Се познаваат речиси целиот живот.

– Пред да видам очи со моќен и магичен сјај како две ѕвезди, на една дипломска представа, таму во длабочината на сцената , ја знаев како ќеркичка на мојот колега Шишман Ангеловски. Потоа двете сјајни ѕвезди на Звезда дојдоа во мојата гардероба. Ја запознав како актерка и личност. Ретка, многу ретка – се присеќава Иванова и потенцира дека секоја проба со нејзината “бивша” колешка (Ангеловска магистрирше режија во Санкт Петерсбург и оваа “свадба” и е веќе четврта режија) претставува, празник.

– Нејзиното огромно познавање на актерското мајсторство, што не еднаш го потврдила, незиниот единствен пристап кон актерот е скапоцено доживување. Звезда има особена дарба да проникне во секоја пора на материјата што ја работи и од актерот да го побара најубавото во него. За неа како режисер зборуваат нејзините претстави. Доволно е само да се погледне “Маркиза” што неодамна беше премиерно изведена во Драмски театар.

Ангеловска со истата почит кажува дека едно од нејзините први искуства на сцената и е соработката токму со Иванова, како колешка, професионална доверба, што преминала и во приватниот живот.

– Безброј дискусии на тема – живот, театар, уметност… Еве сега, се појавуваме пак, двете заедно, но овојпат, на наша иницијатива, како потписници и автори на оваа претстава, на нашето заедничко размислување и поимање на нештата од наша страна. Секогаш, било да глумам или режирам, се обидувам да не го заборавам главниот непишан принцип во актерската игра: искрено да го почитуваш колегата. По тоа се гледа, колку се почитуваш себе си како уметник. Станува збор за ”потполно” прифаќање на партнерот, за вистинска меѓусебна доверба. Поинаку, секаков лажен модел на авторитет ви пропаѓа во вода.

Текстот пак, за кој се зафатиле нашите соговорнички е приказна за еден брак или можеби, поточно жена, која 25 години живее во навидум, идеално брачно гнездо, а всушност, некаде попат се изгубила дури и самата себе. Впрочем, лајтмотивот на драмата е и реченицата “ништо не е пострашно на светов како среќен брак”. Низ него меѓутоа, провејуваат и “општествени коментари”, толку препознатливи за ова наше време, алузии на нововоспоставените “елити”, (не)вредности, робување на малограѓанштината, на претставата за нас што патетично и ја сервираме на другите.

Режисерката на “Сребрена свадба” сепак, вели дека не го одбрала текстот заради некаква инспирација за политичко размислување. Напротив, таа тврди дека прашањето е повеќе дали кога сме во таков контекст ставени, не чувствуваме ли понекогаш дека сме се самокастрирале, самите себе, како луѓе!?

– Се обидував да се занимавам со една човечка животна приказна. Со субјективното доживување на светот во кој што е. Со неговото себеиспитување, за тоа, кој сум јас!? Дали сум она кое треба да бидам или, она што јас сакам.
Отсекогаш сум сметала дека на сите луѓе не им е очајно неопходна слободата. Некои се плашат од неа. Некои пак, имаат суштинска потреба да трагаат по неа. Се разбира, мислам на духовната слобода, поинаку не може ни да биде – тврди, таа. На слично мислење е и нејзината “спаринг партнерка” во овој проект:

– Тоа е баш, расправа на/за една жена, која љуби, која сака да биде љубена. Расправа од женски агол за сите убавини, достигнувања и заблуди во 25 годишниот брачен живот, не изземајќи се ни себе си во вината за тоа. Меѓутоа, бракот како основна ќелија на секое општество, не е возможно да биде изземен од политичкото милје на местото на настанот или земјата во која се живее- Иванова додава дека текстот потсетува на сите наши моментални состојби кој ги креираме ние самите, создавајќи си свет околу нас таков, каков што сме си го замислиле поточно, заслужиле.

– Ако малку знаеш, малку си видел, малку мечтаеш, малку создаваш. И тоа не е толку страшно како кога, ем не знаеш, ем не разбираш, ем сакаш да создаваш т.е. лошо да ги копираш другите. Во претставата, мислам дека ќе се препознаат многумина. Манифестациите на стеснетиот поглед и матниот ум секаде на светот се еднакви – вели, таа.

Катина Иванова

Храбри и искрени

Кој е пак, нивниот агол на гледање на институцијата брак, на улогата на жената во него? Дали и понатаму, не само овде, таа само преку мажачката го добива општествениот статус, без разлика на сите лични и професионални валоризации? Нашите соговорнички не се согласуваат со ваквата малограѓанска дефиниција за “реализирана” жена сметајќи дека единствено важни се индивидуалните способности, а не “озаконететите” врски.

– Се зависи од субјективното гледање на нештата. Сметам дека ,”општата констатација” може само уште повеќе да го обезличи човечкиот род, да го унифицира на некој начин особено, ако е целта само да се добие, како што велите, општествениот статус. Мене отсекогаш ме интересирал човекот како единка, маж или жена сеедно, со неговите лични вредности, затоа што единствено на нив можеш и да се потпреш. Сето друго излегува на крајот ирелеевантно.Тоа одамна го докажала и светската драматургија и тоа не само за малограѓанските средини, туку напротив, и во големите империи – категорична е Ангеловска, а Иванова, само кусо коментира: – Во историјата, жени кои кршеле и преиначувале правила, главно биле сами, релевантна била идеатеа и умот, а не брачниот статус. Што се однесува до машко – женското изедначување, тоа е неминовност!

Патем, “Сребрена свадба” е самостоен проект, потпрен врз креативноста и енергијата на овие две жени, кои, во последно време, се чини, како да не добиваат доволно ангажмани од театарските институции. Меѓутоа, велат, не се чувствуваат ни заборавено, ни запоставено.

Па не сме баш, сосема сами… За да ја направиме оваа претстава, ни помогнаа многумина пријатели… Инаку, не можам да се пожалам дека сум заборавена, но не мислам ни дека сум доволно ангажирана. Тоа изгледа е генерациски проблем, а актерот и кога умира сака да е на сцена, а камоли кога се чувствува моќен – вели, Иванова.

Ангеловска, тврди дека многу работи, но дека секако, жали што не е фокусирана на повеќе ангажмани во земјава.

– Не треба многу за да се направи нешто. Еве и со овој проект докажуваме дека со поддршка на неколкумина индиректни учесници, храбри учесници, како што сме и и ние двете и, искрени, може да се направи поприлично!

Што ќе рече, на почетокот на мај, публиката веќе ќе може да види што ќе произлезе од “маркесовската” средба на овие две дами. Не ги прашуваме што да очекуваме туку, што да не очекуваме од нивната “Сребрена свадба”.

– Мислам дека претставата не е за публика која не е барем ни малку познавач на делата на Маркес, или барем љубител на неговиот пишан збор.Точно, ова е монодрама, но отсекогаш сакам да експериментирам со нови, современи, изразни средства во актерската игра. Така, се на сцената се одвива навистина во зададените околности, сега и овде, и пред публика. Меѓутоа, не се работи за шоу, туку напротив, се разобличува денешниот мит за хероизмот кој е се почест денес, а се изразува преку скандалозноста. Сето тоа го соголуваме за да не потсети дека човекот е човек, дека најзагубен е кога е во потрага по сопствениот идентитет, кога не може да се пронајде себе, па го исмева другиот или го напаѓа, сеедно. Всушност, не знам за каков вид на публика е оваа претстава!? Дали е за малубројна или не, дали е за вистински љубители на уметноста или обратно, но верувам дека таа публика што ќе дојде, поинаку размислува, верувам дека таа веројатно е будна за она што ни се случува, сега и овде. И таа за мене е – вистинската – вели, Ангеловска додека пак, Иванова декларативно изјавува: – Очекувајте, очекувајте! Поинаква и убава претстава!

Жално е театарот секогаш да е како новороденче

На прашањето дали и кои критериуми се сменија во македонскиот театар, актерката и режисерка Звезда Ангеловска вели дека си ја почитува сопствената особина што не се става во улога на театарски критичар, театролог или слично.

– Тоа не значи дека немам сопствено мислење за современите тенденции во театарот. Напротив.Имам мислење за овдешните состојби и тоа секогаш го кажувам. Како преку работата, преку “Сребрена свадба” па и преку ова интервју, нели!? Мислам дека тоа е доволно.

Катина Иванова пак, вели дека секога генерација, носи своја естетика во театарот:

– Млади, вредни, умни, способни актери и режисери има многу. Што се однесува до критериумот, тој не се гради во партиските фотељи,тој малку по крваво се заработува и негува. И пред нас и по нас ќе има театар, но тажно е тој секогаш да се чувствува како новороденче.

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2010 година

Фото: Игор Тодоровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *