Површноста е непоколеблива во своето спокојство. Уште повеќе: ограниченоста е од мермерна цврстина – се што ќе и се спротистави, ќе се разбие од неа самата. Глупоста се сака самата, таква каква што е, останатите се неважни. Таа е сила, што држи до себе, што кокетира и владее.
Кога поединци, личната егзистенција сакаат да ја претворат во есенција, ефемерното во бесмртно, кога ги разоруваат фундаменталните значења за да го забодат знамето на своето минливо, но штетно делување, во што очекуваат да се претвориме ние останатите, срамежливи дојденци на оваа планета, кои знаат дека единствената света вистина е да не му наштетиш никому со своето постоење?! Значи, во што очекуваат да се претвориме ние, оние чија глупост станала материја!? Оние, кои преку изразувањето јавно на своите примитивни нагони и желби, ги изразуваат општествените конфликти, сексуалните инхибиции и општата инфериорност!? Создавајќи ,,митови,,, ние зборуваме за себе повеќе, отколку што сакаме.
Зборот ми е за ќерките и синовите, кои ни криви ни должни, се втурнати во материјата што ја имитира идејата. Нема ни да излезат од таму. Затоа што таквите родители толку многу ги има, толку се упорни и со толку многу добро здравје. Да те здоболи желудник.
Сакам да проговорам за поколенијата кои доаѓаат, а кои се нели, нашата неодминлива иднина. Иднина во розово. Со розови ултра, куси здолништа. Со розови панделки во нивните веќе, ондулирани косички. Со розови прамени во нивните исфенирани фризурчиња. Со розов кармин на нивните устиња, со кои секое утро појадуваат млеко и кекси. Со розово сенило на очињата, кои допрва ќе ја формираат својата вистинска боја. Со розови чорапчиња на нивните неразвиени ножиња. Со розови, припиени блузичиња врз кревките плеќи. Така, целите бојадисани во розово, стегнати цврсто и розово, со изглед на совршено розова, недозреана барбика, со неотповикливата подршка на своите родители, ни ја ветуваат нивната и наша, дречливо розова иднина.
Нашето потомство, во распон од четири до дванаесет години, со доза на цинизам, можат да ги објаснат сите проблеми што секиден ги мачат нивните старатели, а очигледно и нив самите!?
Тие мали човечиња, што утре би требало да бидат големи луѓе, ушите ќе ви ги распараат со држењето лекции кои би требало да им се достапни само на полнолетните. Вклучете телевизор и ќе видите како детуле, од шест, седум години стокмено, како да го нудат за продажба, зборува (уште почесто, пее) за големите љубовни страдања, страстите што го растргнуваат, копнежи, срцебиења… Човек да се зачуди како тоа нежно тело, покрај сите тие жестоки чувства воопшто, останало во еден дел!? Пеат за главни типки и фраери, за мода и разни тренд додатоци, за пари, слава… За кој што е, чиј е… Тие деца, пеат за секс, суета, моќ. За она што нашата пинк иднина ќе ја направи исфрустрирана и неупотреблива сегашност.
Зошто впрочем, тие малечки душички би си играле со кукли и џамлии, кога можат тоа да бидат самите? Зошто би учеле да станат и останат романтични, чесни, одговорни луѓе, кога нивните законски воспитувачи здушно им кажуваат дека ова не е најлошиот можен свет? Тој може, и тоа како, со нивна помош, да стане – полош.
Зошто да слушаат приказни за пепелашки и принцови на бел коњ, кога нивните мајки знаат дека останаа само коњите?
Велат, така прави светот. Да, така прави лошиот дел од светот…
Бранка Д. Најдовска
зевзекманија.мк, 2006 година