За време на зимскиот одмор запознав еден господин десеттина години постар од мене, со кој си поминав преубаво. Ме нарекуваше најслатка на свет, ми велеше дека сум му многу интересна и дека сум интелигентна и дека никогаш не му било поубаво со некоја жена. Откако се вративме дома ( и тој е од Скопје) го снема. Не ми се јавуваше, не одговараше на моите повици. Потоа, повторно се споивме и ми кажа, речиси плачејќи дека во меѓувреме имал секс со некоја друга, но дека ете, тоа така му се случило, несакајќи. Маж е и го разбирам, а и хирург е, под стален стрес, ама, што вие мислите?
Мирна, 25, Скопје

Мирна дарлинг, знаете ли под колкаво ниво на стрес се врапчињата што не чекорат, ами скокаат со двете нозе или пак, слоновите, кои воопшто не скокаат? Крај нема на тоа, стресот да се употребува како оправдување за секоја безнадежна неспособност. (А во тоа дефинитивно, предничат докторите.)
Знаете како, некои дури и канибализмот го третираат како алтернативен начин на живот и искрено, во право се. Мислам, ако тргнеме по логиките, што не ретко се јавуваат на оваа страница.
Ама ајде…
Пред да ги исчешлате веѓите и го покажете помпезниот ентузијазам за вашиот хирург и адреналинот што просто тече од вашите уши, знајте дека на девојчиња од десет години им се вели дека се слатки, интересни се оние кои сме ги сметале за будалетинки, ама ете, некако не изненадиле, а интелигентен е секој кој не не дави со нутриционистички рецепти.
Вие, со своите речиси три децении, за некој кој ве сака/посакува треба да сте возбудливи, неверојатни, спектакуларни, суштество на кого не му е гајле за раноразни градски пицајзли и транзициски кариеристи туку за една врста која се уште не одумрела – фино воспитани млади господа, кои ја поздравуваат чистачката во влезот и не тресе глупости од типот „изгледаш здраво“, а всушност, мисли „дебела си.“
Меѓутоа, ај се од претходното да тргнеме настрана: за неверство нема никаков изговор. Особено е будалест овој – дека е маж, па и хирург, па не е ни врапче, а ни слон…
Прељубата не се случува баш така: „знаеш, малку се сопнав на нејзината вагина“… Можеби не е планирано, но секако е присутно сознанието дека, ако се дознае ќе влијае врз вашиот однос. Нема проблем што може некому да му биде алиби за неверство.
Изневерување е изневерување без разлика кога, како, зошто, каде и со кого (му) се случило.
Е сега, вие малку сте се занеле и со тоа што „романсата“ се случила за време на одмор, а тогаш критериумите се далеку под некој основен градски протокол. Сеедно на локацијата, вашиот хирург е се, само не господин…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)