Мараја Кери би можела да биде казнета со 20 милиони долари, бидејќи наводно со својот хит од 1994 година „All I Want for Christmas Is You“ ги прекршила авторските права.
Во тужбата која ја поднел текстописецот Енди Стоун, покрај американската пејачка е обвинет и коавторот на нејзиниот хит, Волтер Афанасиеф.
Мараја Кери ја објави оваа песна во 1994 година како дел од нејзиниот албум „Merry Christmas“ и оттогаш се смета за еден од најголемите божиќни хитови.
Меѓутоа, во правните документи приложени до американскиот окружен суд во Луизијана, Стоун тврди дека тој бил коавтор на таа песна во 1989 година и дека никогаш не дал дозвола за нејзино користење.
Во документите се наведува дека Кери и нејзините соработници „свесно и намерно учествувале во кампањата“ за кршење на авторските права на Стоун за песната. Се додава дека извршиле и „дела на неосновано богатење со неовластено присвојување на работата на тужителот“.
Стоун бара отштета од 20 милиони долари.
Албумот „Merry Christmas“ беше издаден од „Columbia Records“ на први ноември 1994 година, а станува збор за најпродаваниот американски божиќен албум на сите времиња, продаден во повеќе од 15 милиони примероци ширум светот.
Извор…