Оваа одлука е донесена по 15 години, девет месеци и 22 дена и најмалку 237 милиони барања на корисници. Да потсетиме, Твитер во април твитна дека опцијата се тестира, а сега конечно ќе биде достапна.
Сите овие години компанијата „бега“ од оваа опција, тврдејќи дека „има нешто благородно во оставањето грешки на екранот“. Имено, и Твитер се плашеше од злоупотреба на опцијата, односно дека корисник чиј твит ќе привлече внимание на јавноста може да ја промени првичната верзија и со тоа да доведе до ширење на дезинформации.
Сепак, нивните аргументи продолжија да бидат контрааргументирани од незадоволните корисници, па дури и Илон Маск, пред да се откаже од купувањето на Твитер од 44 милијарди долари, го фаворизираше „копчето за уредување“.
И така поминаа години и години, додека вчера компанијата објави дека одговорила на „молитвите“ на своите корисници!
Засега опцијата „уреди“ прво ќе им биде овозможена на вработените во компанијата за интерно тестирање, потоа на корисниците на нивната претплата на „Твитер блу“ услугата, а компанијата на крајот, иако не прецизираше кога, може да ја овозможи за сите корисници на платформата.
Со цел да се спречи злоупотреба на функцијата, Твитер поставува заштитни мерки. Корисниците ќе имаат право да уредуваат твит само 30 минути по неговото објавување, а времето на уредувањето ќе биде видливо. Со кликнување на него, другите корисници ќе можат да ја видат историјата на модификација.