Свежото овошје и зеленчук се поздрави од конзервираните, замрзнатите или сушените
Свежото овошје и зеленчук генерално се сметаат за поздрави. Но, истражувањата покажуваат дека замрзнатата, конзервирана и сушена храна може да биде исто толку хранлива, зашто не се уништуваат витамините кои се наоѓаат во нив.
Истовремено, ваквото овошје или зеленчук е практична опција, зашто ви овозможуваат секогаш да имате залиха од некои производи на кои не им е сезоната.
Ако ги купувате, важно е внимателно да ги прочитате состојките зашто некои производи може да содржат додаден шеќер, сол или заситени масти.
Најдобро е да изберете од оние со што е можно помалку од овие адитиви.
Мастите се непријател број еден
Долго време се веруваше дека сите масти се штетни. Ова мислење се појави откако неколку истражувања во средината на 20 век ги поврзаа мастите со покачен холестерол.
Ова доведе до голем пораст на производи со ниска масленост, а мастите беа заменети со шеќер и рафинирани јаглехидрати.
Но, наместо да слабеат, многу луѓе почнаа да ја зголемуваат тежината уште побрзо.
Факт е дека не сите масти еднакви. Постојат здрави масти, како што се оние што се наоѓаат во маслиновото масло, јаткастите плодови, авокадото и рибата, а кои се корисни за телото.
Тие влијаат добро на срцето, мозокот и хормоналната рамнотежа, а го олеснуваат и апсорбирањето витамини.
Затоа, не треба да сметате дека само производите без маснотии се здрави.
Растителното млеко е поздраво од кравјото млеко
Многу луѓе веруваат дека млеката на растителна база, како што се оние направени од овес, бадеми или ориз, се поздрави од кравјото млеко, но тоа не е секогаш точно.
Дури и кога се гледа содржината на протеини, една чаша кравјо млеко обично содржи околу 8г протеини, додека чаша бадемово млеко содржи 1-2г, а овесното млеко содржи 2-3г.
Пијалоците на растителна основа често содржат и додадени состојки, како што се сол и шеќер, што може негативно да влијае на здравјето.
Значи, млекото од растително потекло не е секогаш похранливо од кравјото млеко.
Исхраната со малку јаглехидрати е најдобар начин за слабеење
Верувањето дека диетата со малку јаглехидрати е најдобра за слабеење и не е сосема точна.
Всушност, поважно е да се изберат вистинските јаглехидрати наместо храна со малку јаглехидрати.
На пример, зеленчукот, овошјето, мешунките, интегралните житарки, овесната каша, кафеавиот ориз и лебот од интегрални житарки се богати со растителни влакна, витамини и антиоксиданси, а помагаат и во борбата против болестите.
Иако намалувањето на јаглехидратите може да ви помогне да ослабете, целосното исфрлање намирници со јаглехидрати од исхраната може да претставува вистински предизвик бидејќи постои ограничен број на намирници со ваков состав.
Затоа е подобро да вклучите здрави јаглехидрати во вашите оброци и да уживате во исхраната.
Природните засладувачи се здрави
Честопати се убедуваме дека природните замени за шеќер како мед или сируп од агаве се здрава алтернатива, но телото и нив ги обработува на истиот начин како обичниот шеќер. Иако некои природни замени навистина може да содржат мали количини на микронутриенти, разликата меѓу нив и обичниот шеќер е минимална.
Пример се чоколадните колачи кои често содржат мед и јаткасти плодови, а се продаваат како „здрави“. Целиот шеќер, без оглед на тоа како е вклучен, има иста калориска вредност – 4 кцал на грам.
Важно е да се запомни и тоа дека консумирањето на замените за шеќер исто така треба да биде ограничено.
Се препорачува да не се надминуваат 6-9 лажички шеќер дневно, вклучувајќи го и шеќерот што се внесува преку соковите или преработената храна.
За време на бременоста треба да јадете повеќе овошје
Не сите овошја се корисни за време на бременоста.
Папајата (иако скоро и да ја нема кај нас) може да предизвика предвремени контракции бидејќи содржи латекс, што е опасно за фетусот.
Грозјето, ако се консумира во големи количини, може да ја зголеми телесната маса, што може да биде штетно за мајката.
Од друга страна, умерен внес на темно чоколадо може да биде корисно за бремените жени, бидејќи помага во стабилизирање на расположението и поддршка на имунолошкиот систем.
Истражувањата покажуваат и дека редовната консумација на темно чоколадо може да го намали крвниот притисок и ризикот од прееклампсија.
Преку овошниот сок го зголемувате внесот на овошје
Верувањето дека овошниот сок е добар начин да внесете уште малку овошје во вашата исхрана не е сосема точно.
Соковите содржат многу додаден шеќер, а една чаша може да содржи и до 30г – тоа се речиси 8 лажички.
Прекумерната консумација на шеќер го зголемува ризикот од многу хронични заболувања.
Најдобриот начин да го зголемите внесот на овошје е да јадете вистинско овошје, кое во себе содржи и растителни влакна.
А кога сте жедни, подобро е да изберете вода или млеко со ниска масленост.
Овесната каша е најдобар избор за појадок
Овесната каша не е секогаш идеален појадок, особено ако изберете пакувани алтернативи кои во себе содржат многу додадени шеќери.
Затоа избегнувајте инстант житарки за појадок – особено овесна каша. Овесната каша може да предизвика скок на шеќерот во крвта, проследено со нагло опаѓање на истиот и предвремено чувство на глад.
Подобро е да изберете храна богата со протеини (на пример јајца) со зеленчук и на тој начин да избегнете нагло скокање и паѓање на шеќерот во крвта.
За време на бременоста, треба да јадете за двајца
Колкупати сте слушнале дека бремените жени треба да јадат за двајца? Но, тоа не е вистина.
Според некои истражувања, во бременоста треба да додадете само околу 350 калории дневно.
Ова лесно може да се постигне со додавање 2 или 3 мали, здрави закуски, како што е банана со лажица путер од кикирики или неколку крекери.
Не се прејадувајте – малите додатоци на вашата редовна исхрана се доволни.
Смутито е здрава алтернатива за сок
Пиењето смути има многу придобивки – се зголемува внесот на влакна и на витамин Ц во организмот.
Но, интензивната обработка на смутито, особено индустриски произведените, ги ослободува шеќерите што природно се наоѓаат во овошјето.
Ова ги претвора шеќерите во „слободни шеќери“, што може да доведе до расипување на забите, да содржи вишок калории и да предизвика нагло зголемување на шеќерот во крвта.
Честото пиење смути наместо внес на цврста храна може да доведе до прејадување.
Ова е затоа што течната (или полутечната) храна не го задоволува гладот толку добро или долго како цврстата храна.
Затоа е најдобро да се пие смути во комбинација со друга храна, за време на оброците на пример, и да се ограничи бројот на внесени чаши дневно на максимум две.
Јаткастите плодови придонесуваат за зголемување на телесната тежина
И покрај тоа што се висококалорични, јаткастите плодови се здрава храна. Тие содржат протеини, влакна, витамини и минерали.
Според истражувањата, луѓето кои често јадат јаткасти плодови имаат помал ризик од зголемување на телесната тежина.
Вклучувањето бадеми во вашата исхрана, на пример како утринска ужина, ќе го намали гладот и е ефикасен начин за контрола на апетитот.
А јадењето 40 грама ф’стаци дневно ќе ја направи вашата исхрана побалансирана и похранлива, без да влијае на вашата тежина.
Авокадото е здраво и можете да го јадете без ограничувања
Иако авокадото е хранливо, богато со растителни влакна и масти здрави за срцето, сепак е доста богато со калории.
Препорачана количина во еден оброк е само е 1/3 од средно авокадо (50г).
Авокадо од 200г содржи 322 калории – тоа се повеќе калории од стандарден хамбургер.
Затоа, колку и да е здраво, препорачливо е да се јаде во многу мали количини.