Со нагло зголемен број на заразени и со два смртни случаи од коронавирусот заврши неделата што измина по подолгиот период на релативно мирната состојба во однос на пандемијата во земјава. Но, истовремено, сличен тренд е забележан и во повеќето други земји, а во некои од нив се зборува и за подготовки за таканаречениот есенски бран.
Експертите ја објаснуваат новонастанатата ситуација исто како и лани и преклани, со претходно олабавени мерки за заштита на јавното здравје, намалено внимание на граѓаните, поголема раздвиженост поради летните одмори и со поинтензивно користење на клима-уредите, кои побрзо ги шират аеросолите и вирусот.
Овдешните здравствени власти и лекарите, засега, не гледаат простор за тревога, освен во случајот на повозрасните и на хронично болните граѓани, но од Светската здравствена организација (СЗО), каде што регистрирале тројно зголемување на бројот на заразени во текот на минатиот месец на глобално ниво, повикаа на зголемена будност.
– Вирусот нема да исчезне само затоа што државите престанаа да го контролираат. Тој продолжува да се шири, да се менува и да убива – рече пред некој ден генералниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
Пораката ја поткрепи со под
Кон крајот на мај, на дневно ниво, биле заразувани по околу 150 000 лица, додека во последните денови од јуни, тој број се искачил на околу половина милион. Во речиси сите европски земји имало пораст на бројот на заразени со коронавирус, а на врвот од листата биле Португалија, Луксембург, Франција, Грција, Кипар, Германија, Австрија…
Во Македонија, бројките нагло се зголемија во последната недела од месецот што измина.
Директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, деновиве го илустрираше тоа со податокот дека на нејзината клиника во моментот имало десетина хоспитализирани пациенти, од кои неколкумина на кислородна поддршка, додека само една недела пред тоа, хоспитализирани биле тројца пациенти.
– Не велам дека треба да се внесуваат немир и паника, меѓутоа треба сериозно да размислуваме за пренос на инфекцијата сега кога движењето е драстично зголемено низ целиот свет. Дефинитивно треба да бидеме многу поодговорни од тоа што во моментов сме – оцени таа, прогнозирајќи дека бројките ќе растат.
И професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски, кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со коронавирусот, по последните бројки, се огласи на својот фејсбук-профил.
– Сѐ уште сме на почетокот на петтиот бран и бројките засега не се големи, или барем се навикнавме и на многу поголеми, па засега многу не се потресуваме. Сепак, во наредните денови и недели новите случаи ќе се бројат со стотици, а веќе се гледа почетокот на експоненцијалниот раст. Брзо ќе расте стапката на позитивни тестови, која достигна дури 17,6 отсто, што е мошне многу за толку рана фаза на бранот. Дневните броеви можат само да растат – напиша, меѓу другото, тој, прогнозирајќи притоа и зголемен број на смртни случаи.
Сепак, од Комисијата за заразни болести соопштија дека засега нема потреба од нови мерки за спречување на ширењето на ковид-19. Во моментов во сила се само обврските за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и во јавниот превоз, но на терен е очигледно дека ни тоа не се почитува, особено во јавниот превоз, каде што можат да се забележат повеќе патници без маски отколку со маски.
Последните информации говорат дека бројките се зголемени, пред сѐ, во туристичките места. Во Грција, каде што најчесто летуваат граѓаните од Македонија, претседателот и потпретседателот на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), Теоклис Заутис и Димитрис Параскевис, вчера одржале вонредна прес-конференција, на која истакнале дека најголемо зголемување на случаи на ковид-19 има во областа Атика, поширокиот регион на Атина, на островите во Јонско Море и во јужниот дел на Егејско Море, како и на Крит.
Нивната процена е дека таму сега има од 150 000 до 200 000 активни случаи, откако во изминатите три седмици континуирано се зголемувал бројот на заразени, пред сѐ на возраст од 18 до 24 години, но и бројот на реинфекции и на лицата што се лекуваат на ковид-клиниките.