Сутерен.мк

Корупција во ЕУ парламентот

Белгиски судија подигна обвинение против четири лица осомничени дека примале пари и подароци од една земја во Персискиот залив, со цел да се влијае врз одлуки на Европскиот парламент.

Како што е познато, во петокот во Брисел беа уапсени пет лица по спроведувањето на најмалку 16 претреси поврзани со истрагата, за тоа дека една заливска земја платила значителен износ пари, со цел на тој начин да влијае врз одлуките на пратениците во Европскиот парламент.

Во спектакуларната акција се одземени речиси 600 000 евра во готовина, неколку мобилни телефони и компјутерска опрема. Во соопштението на белгискиот обвинител се наведува дека иследниците на Федералната судска полиција веќе неколку месеци се сомневале дека една земја од Персискиот залив влијаела на економските и на политичките одлуки на Европскиот парламент.

Белгиските медиуми веднаш се посомневаа во Катар, домаќин на Светското првенство во фудбал. Оваа земја беше цел на критики за правата на работниците, особено за оние кои работат на изградба на стадионот за првенството, како и за позицијата на ЛГБТ заедницата во земјата. Треба да се каже и тоа дека властите на Катар ги негираа обвинувањата за вмешаност во големиот корупциски скандал.

Гркинката Ева Каили

Но, со оваа земја е поврзано и името на Гркинтата Ева Каили, која веднаш ги загуби своите овластувања поради поврзаност со истрагата за корупција во Брисел. Грчката европратеничка беше уапсена во петокот во Белгија, заедно со другите осомничени за подмитување.
Ева Каили беше одговорна за земјите од Персискиот залив во рамките на нејзината функција потпретседателка на ЕП. За време на нејзината неодамнешна посета на Катар, таа ја нарече земјата „лидер во правата на работниците“. Според изјавата на белгискиот обвинител, Катар таргетирал функционери „со значајна политичка и/или стратешка позиција“ во Европскиот парламент, испраќајќи им „значителни суми пари“ и „важни подароци“.

Веднаш не беше јасно дали Каили е една од обвинетите во случајот. Нејзиниот кабинет не одговарал на телефонските повици од медиумите, ниту одговарал на електронските пораки со барање да го коментира случајот. Но, владејачката грчка социјалистичка партија ПАСОК во меѓувреме соопшти дека ја исклучиле Каили од членството, што се толкува како потврда на информациите за нејзината вмешаност. Засега не е потврден идентитетот на обвинетите лица, како и на ослободените, па не се знае точно дали Гркинката е на списокот.

Обвинителството во Брисел соопшти дека бил претресен домот на уште еден европратеник во саботата, но повторно не објави за кого станува збор. Членот на Белгиската социјалистичка партија Марк Трибења потврди дека станувало збор за неговиот дом и дека му се одземени компјутерот и мобилниот телефон.

Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони изјави за италијанскиот телевизиски канал РАИ 3 дека станува збор за „многу сериозен случај“. „Доколку биде потврдено дека некој земал пари за да се обиде да влијае на мислењето на Европскиот парламент, тоа ќе биде една од најдраматичните корупциски приказни изминатите години“, додава Џентилони.

Потврдувајќи дека ЕП стои цврсто против корупцијата, претседателката на оваа институција Роберта Мецола ја потврди својата подготвеност да соработува со сите релевантни органи за спроведување на законот и правосудството.

Европскиот парламент следнава седмица би требало да гласа за предлогот за продолжување на безвизните патувања во Европската унија за граѓаните на Кувајт, Катар, Оман и на Еквадор. Некои пратеници, поради скандалот, предложија дискусијата и гласањето да се одложат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *