Откако министерот за здравство, Фатмир Меџити изјави дека жителите на Косово ќе плаќаат исти цени како и македонските државјани, Фејсбук се преполни со реакции.
„Косовските граѓани плаќаа двојни цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни и да има исти цени како за државата, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.
Професорката Мирјана Најчевска го критикува министерот за здравство Фатмир Меџити, кој вчера изјави дека граѓаните на Косово и Албанија ќе плаќаат исти цени за лекување во нашето здравство, како и македонските граѓани. Таа смета дека него институциите треба кривично да го гонат.
Во врска со ценовникот за давање на здравствени услуги на странци, Министерството за здравство информира дека до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги на странците со граѓаните на РСМ кои се неосигурани и плаќаат приватно.
-Потенцираме дека воопшто не станува збор за изедначување на цените помеѓу странските државјани и државјаните на РСМ, туку изедначувањето е со приватните пациенти кои не се здравствено осигурени, односно кои не плаќаат здравствено осигурување.Оттука,за овие промени не се потребни никакви промени во законот, бидејќи дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници односно еден ценовник за приватни здравствени услуги.
Со оваа промена на странските државјани се дава право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што се промовира јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава конкурентна на пазарот на трудот, се вели во соопштението од МЗ.