Граѓани во Паркот на револуцијата во Кочани палат свеќи во чест на жртвите што загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Во пожарот загинаа 59 лица (меѓу кои и малолетни), а 155 се повредени. Според последната изјава на министерот за здравство Арбен Таравари, 47 пациенти ќе бидат пренесени во здравствените установи во соседството на понатамошно лекување, а утре во земјава пристигнуваат специјалисти за изгореници.
Меѓу починатите има и членови на бендот „ДНК“ кој имал концерт во дискотеката.
По кратка блокада на Кочанската болница роднините на загинатите решија да се повлечат и да дозволат телата на нивните деца да бидат однесени на обдукција.
Голем дел од родителите на хоспитализираните лица ноќта ќе ја поминат во Скопје бидејќи повеќе од 80 лица беа хоспитализирани во скопските клиники. Десетици лица со потешки повреди веќе беа пренесени во соседна Бугарија, Србија и Грција со итна помош од соседните земји за да добијат соодветен третман таму.
Трагедијата се случи изутринава околу 2:40 часот, кога, според првичните информации, била активирана пиротехника на подиумот, од чии искри се запалила звучната изолација на таванот, по што пожарот брзо се проширил. Речиси да нема семејство што нема близок меѓу настраданите.
На помош први дошле жителите што живеат во близина на дискотеката налик на хангар, која се наоѓа во тесно улично грло, каде што куќите се густо збиени. Околу 2:30 минути слушнале силен тресок, а веднаш потоа и пискотници од дискотеката и повици за помош.
Очевидци велат дека во обид да се спасат, бидејќи помошната врата зад сцената била блокирана и не се отворала, ги кршеле стаклата за да ги извлечат децата од објектот веќе зафатен со пожар. Неофицијално, во тоалетите од дискотеката биле пронајдени дваестина мртви тела.
Дискотеката работела само во текот на викендите бидејќи тогаш се враќале младите од универзитетските градови, а доаѓале и од другите најблиски градови.
Денеска Кочани остана во тишина, која одвреме-навреме ја кршеа лелеците и пискотниците на најблиските, дел од нив чекајќи пред кочанската болница, а дел пред лентата на која пишуваше „Стоп, полиција“.