Сутерен.мк

Коѕијас: Односот на ЕУ кон Северна Македонија е недозволив

„На Северна Македонија ѝ ветивме влез во ЕУ и имаме обврска тоа да го испорачаме”, рече поранешниот грчки министер за надоврешни работи Никос Коѕијас, на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор.

Коѕијас, во чие време беше постигнат Преспанскиот договор и кој е еден од потписниците, вели дека проблемот не се само нападите од противниците врз Договорот, туку и недоволниот ангажман за негово одржување од владите што го донесоа.

„Договорот е како бебе и ние не направивме доволно за да го заштитиме и растеме”, рече тој, особено осврнувајќи се на недоволните заеднички активности меѓу двете земји во различни области.

Коѕијас и тогашниот македонски министер за надворешни рабопти Никола Димитров на 17 јуни 2018 во Нивици, Преспа го потпишаа Преспанскиот договор, со кој се реши 30-годишниот спор за името со Грција. Македонија доби ново уставно име, Северна Македонија, и беше примена за 30-та членка на НАТО.
Коѕијас на конференцијата во Атина кажа дека властите во двете земји мора да имаат сериозен и одговорен однос кон имплементацијата, но и дека фактот што сега политички фактори уште го оспоруваат се должи првенствено на потфрлањето на ЕУ да си ги исполни сопствените обврски кон Македонија.

„Влезот во ЕУ за Северна Македонија беше ветен. И што направи ЕУ? Прво француското вето, за менување на методологијата, па потоа дојде ветото од Бугарија. Што треба ние сега да сториме? Да ѝ речеме на Бугарија – е ние вас нема никогаш да ве пуштиме во Шенген додека не го кренете ветото за Северна Македонија. Ова е добар предлог и треба да се размисли. Ама тоа ли е начин, да се фокусирам на кавги наместо на заеднички прогрес?”, рече Коѕијас и повтори дека односот на ЕУ кон Северна Македонија, но и кон сопствените ветувања е недозволив и креира атмосфера во регион на големи, отворени проблеми оти нивното решавање е залудно.

На конференцијата во Атина учествуваат и ексминистерот Димитров и медијаторот за спорот во ОН Метју Нимиц.

Конференцијата во Атина ја организираа Институтот Алексис Ципрас и Фондацијата Заев, а амбасадорот Нимиц стана прв добитник на Наградата за мир, која традиционално ќе се доделува секоја година на денот кога се одбележува Преспанскиот договор.

Преспанскиот договор беше резултат на владите на Зоран Заев од СДСМ и Алексис Ципрас од левичарската Сириза и круна на преговорите за спорот што се водеше во ОН под медијаторство на Нимиц. Во 2019 на власт во Грција дојде десничарската Нова демократија на чело со Кирјакос Мицотакис, кој минатиот месец изјави дека иако тој лично не се согласувал со Договорот од Преспа, а особено со одредниците ‘македонска нација’ и ‘македонски јазик’, го прифатил во рамките на континуитетот на државата и препознал дека мора да го почитува и покрај неговото несогласување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *