Првата жена претседател во историјата на Македонија – Гордана Силјановска Давкова, на претседателските избори на 08.05.2024 освои над 500.000 гласови со што е апсолутен победник.
Својот противник Стево Пендаровски го порази со разлика од над 309 илјади гласови.
Силјановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 година во Охрид.
Таа е универзитетски професор, правник, пратеник во Собранието на Македонија.
Основно и средно образование завршила во Скопје, а дипломирала на Правниот факултет во Скопје во 1978, каде што и магистрирала.
Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local selfgovernment – between norms and reality“ во 1994.
Силјановска Давкова била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје во 1989 година, за доцент по уставно право и политички систем во 1994 година, а потоа и за редовен професор во 2004.
Била член на Уставната комисија на Собранието во период од 1990 до 1992, а потоа и министер во Владата од 1992 до 1994 година.
Таа е експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа, а исто така член е и на Венецијанската комисија.
Силјановска е авторка на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.
На парламентарните избори во 2020 година, Силјановска е носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1, а од август 2020 година, таа е пратеник во македонското Собрание.