Човекот со белегот на челото, некогашниот лидер на СССР, кој го доби прекарот „поразениот победник“, стави крај на Студената војна, ја крена Железната завеса, ги започна економските и демократски реформи – Перестројка и Гласност, не беше баш омилен во татковината
Михаил Горбачов, почина во вечерните часови на 30 август 2022 година во Москва, во 92-та година од животот.
Како што се сеќава самиот Горбачов, „долгиот процес на преосмислување на историјата на земјата“ започнал уште во неговите студентски години. Неговото доаѓање на позицијата генерален секретар на ЦК КПСС на 11 март 1985 година не беше неочекувано за советската владејачка елита. Брежнев имаше позитивен став спрема Михаил Горбачов, а го поддржуваа и други водечки личности во земјата, со оглед на тоа што добро се покажа како министер за земјоделство на СССР.
Од амбициозниот лидер кој му беше симпатичен и на Западот и на советскиот народ многумина очекуваа промени. „Во тоа време, согласувајќи се да ја добијам суштински највисоката државна функција генерален секретар на ЦК КПСС, знаев: вака понатаму не може да се живее и нема да си дозволам да останам на оваа позиција ако не добијам поддршка за спроведување на кардинални промени“, ќе рече тој 1991 година, една година откако ја прими Нобеловата награда за мир „како знак на признание за неговата водечка улога во светскиот напредок“.
Кардиналните промени ќе следат, но не сите беа прифатени и разбрани. Кампањата против алкохолот, таканаречената „битка за трезвеност“ во земја која умираше од вотка, беше првиот болен потег на генералниот секретар Горбачов на патот кон „перестројката“. Потоа ќе следи масовна кадровска чистка и подмладување на владејачката партија. А тој наскоро ќе стави крај и на повеќедеценискиот еднопартиски систем. КПСС ќе го изгуби уставниот статус на единствена владејачка сила, во земјата ќе почнат да се одржуваат избори по демократски модел и ќе запрат прогонувањата поради разликите во мислењата.
Горбачов ќе го врати академик Андреј Сахаров од прогонство и ќе продолжи со рехабилитацијата на жртвите на репресиите на Сталин кои не биле рехабилитирани за време на Никита Хрушчов.
А негова главна заслуга ќе бидат прогласувањето на гласноста (отвореноста) и укинувањето на цензурата. За време на неговото владеење, тиражите на весниците ќе надминат неколку милиони примероци, а партијата и власта за првпат ќе станат предмет на критика. Гласноста и демократизацијата сè уште не значеа слобода на говорот и демократија, но без реформите на Горбачов патот до нив ќе беше уште подолг.
Подоцна, токму воведувањето на гласноста ќе биде една од главните замерки кон Горбачов. Наводно, токму таа го разбудила вулканот на националната самосвест кој доведе до распад на СССР. Да не беше гласноста, земјата и светот веројатно немаше да дознаат за нуклеарната катастрофа во Чернобил, една од најголемите „дамки“ во политичката биографија на Горбачов. Меѓу другите „дамки“ се Нагорно-Карабах, влегувањето на војската во Азербејџан, растурањето на демонстрациите во Алма-Ата.
Но, без сомнение, светот го памети Горбачов како човекот кој стави крај на трката во вооружување и ја претвори „империјата на злото“ во сојузник во спречувањето на геополитичките и економските катаклизми. Тој беше оној кој го прогласи „новото надворешнополитичко мислење“, го започна процесот на обединување на Германија и повлекувањето на советските сили од Авганистан.
Тој беше оној кој во пресрет на 2000 година ја претстави идејата за ликвидација на нуклеарното оружје и воспоставување на систем на меѓународна безбедност која звучеше како апсолутна утопија, а потоа со САД го потпиша Договорот за намалување на нуклеарното оружје и Договорот за ликвидација на ракетите со среден и краток дострел. Неговите критичари во повеќе наврати ќе го потсетуваат на средбата во Малта, каде што беше завршена Студената војна и ќе го обвинат дека се свиткал пред Западот. Горбачов само ќе им одговори: „Сакаме да нé сфатат. Тоа не значи дека ќе станеме исти како другите, туку дека другите ќе нé сфатат.“
Откако ќе поднесе оставка ќе продолжи да го следи развојот на земјата, ќе ги основа Фондот „Горбачов“ и Меѓународниот зелен крст, ќе се обиде да се врати во високата политика, но на претседателските избори ќе добие само 0,51 отсто од гласовите ( луѓето не му го простија Советскиот Сојуз).
Единствениот претседател на СССР, како што се очекуваше, ќе стане остра опозиција на првиот претседател на Руската Федерација Борис Елцин, потоа ќе го поддржи неговиот наследник Владимир Путин (иако за кратко) и ќе се занимава со самоанализа и признавање на сопствените грешки.
„Перестројката победи! А јас како политичар изгубив“ – ја резимираше својата кариера во 2009 година. Веројатно еден од најважните заклучоци го соопшти во 1991 година: „Животот е многу побогат и покомплициран од најсовршените планови за тоа како би можел да се подобри. На крајот на краиштата, тој сурово ни се одмаздува за насилното наметнување на некои шеми, дури и ако зад нив стојат добри намери“.