Сутерен.мк

Кој е посреќен во вториот брак?

Во врска сум со човек кој зад себе веќе има еден брак и дете. Долго сме заедно, си ги познаваме пријателите, роднините па и родителите. Дел од мојата гардероба и козметика е во неговиот стан и обратно. Заеднички ни се одморите, празниците, славиме интимни јубилеи. Порано јас почесто споменував официјализирање на нашата врска, а тој избегнуваше да навлегува во посериозни разговори за тоа. Во последно време тој ми наговестува такво нешто, а кај мене се појавуваат колебања. Вљубена сум се уште силно во него, ама милион прашања имам во главата.

М.Р. (30), Скопје

М.Р. дарлинг, изгледа вашиот партнер е подолго време разведен зашто, барем од примерите во блиската околина, тазе разведените се закачуваат како крлежи за првата што ќе ја сретнат, а која не им дрнда над глава осум дена во неделата. Демек, ја женат, де!

Овој вашиов ми изгледа дека доволно одморил, си дал време да сфати што сака, од кого и кога. Веќе нема страв дека се може да се репризира. Меѓутоа, што со вашите дилеми? Не пишувате на што конкретно се однесуваат тие, но ајде, да побараме некои општи места.

Денес четири од десет озаконети врски се за едниот или и двата партнери втор брак. Сепак, статистиката е едно, а домашното воспитување друго. (Патем, таа иста статистика вели и дека мажите се посреќни во првиот, а жените во вториот брак, а и тоа, дека полесно е да се разведеш по втор отколку по прв пат! Кој може уште да ги разбере експертите!?)

Нејсе, вие во таа заедница влегувате со вечерна ташничка, а тој со голем багаж – искуство, дете и поранешна сопруга. Сето тоа, треба да се преџвака, голтне и види дали му одговара на вашиот желудник, а можеби и на нечии други. (Рековме, светот е едно, традицијата друго.)

Треба да знаете дека тој со своето поранешно семејство ќе биде поврзан целиот живот. Сеедно, дали, колку и како ќе комуницира со нив. Зашто, бракот не е само административен чин и не е јас, туку – ние, па и по неговото завршување. Кога веќе јас се прашувам: еден од факторите за ваков завет да успее е длабоко и искрено пријателство. А таква релација се случува само кога има фер плеј и рамноправна борба…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *