Имам 70 години, а десет од нив сум вдовица. Неодамна, запознав еден фин човек исто така, вдовец, со кого многу убаво си го поминувам времето. Ќе ми се смеете, ама ние навистина, веќе сме во врска, која од ден на ден станува се поубава и поубава. Меѓутоа, таман кога решивме да ја озакониме, да не биде нели, онака тинејџерски, со криење, моите деца (неговите се во странство и се уште не знаат за нашите намери) жестоко се спротиставија! Се уште, секој празник и значаен датум одам на гробот кај мојот покоен сопруг да му оддадам почит и се уште, го споменувам во секоја погодна пригода со најпофални зборови. Тоа не го правам заради никого освен, заради самата себе. Поминав прекрасни години со него, но јас се чувствувам толку младо во овие моменти, толку живо и просто жалам што со оваа моја втора љубов не сме се сретнале порано…
Една Баба
Една Баба дарлинг, ќе се сретнете со илјадници луѓе, но препознавањето е исклучително ретко! А кога ќе се препознаете со некого е, тоа е веќе радост! Вие имате причина за радост после десет години самување и тагување. (А тие што ви се смеат, немаат ништо.)
Бидејќи вашите грижливи деца не ве закопале заедно со нивниот татко, што очекувале!? Дека ќе ве најдат еден ден мумифицирана над неговиот гроб или вампиросана во заедничката спална соба!?
Мислењето на децата секако дека е важно, но тоа не значи дека можат и да го контролираат вашиот живот.
Не треба да им објаснувате, тие мораат да знаат, дека легитимно право на секого е да бара подобро утре, поголема радост во истото, поголеми задоволства! Спомените се спомени, животот е живот. Скапоцен, чудесен, неповторлив. Затоа, мислам дека во прво време треба да им ги откажете сите оние ручеци, зимници и ненајавено чување на внуци со образложение дека вие сте стара и немате сили за такви физикалии. (Тоа е впрочем нивен став за „неспособноста и непристојноста“, нели!?)
Попатно, споменете ја и намерата за ваш престој во некој од старските домови… Не е на одмет да цитирате и новинарски напис за тоа како некој и го оставил богатството на мачката, разочаран од семејството! (Доколку и ги немате парите – измислете ги!)
Убедена сум дека вашите првични одлуки многу брзо ќе почнат да добиваат симпатии од најблиската околина…