Сутерен.мк

Кој лежи не бега!

Во Италија, во 1969 година, во киосците се појави нов стрип – „Алан Форд“. Во креативниот тим се сценаристот Лучано Секи (потпишан со псевдонимот Макс Бункер) и цртачот Роберто Равиола (Магнус)…

Интересно е што хуморот во оваа серија „цртанки“ најмногу ќе биде сфатен и прифатен од страна на земјите на поранешна Југославија, чии генерации растеа со ова духовито четиво, оставајќи силно влијание врз сите видови на поп – културата. Стрипот излегуваше и во Франција, Данска и Бразил, но никаде не постигна некој позначаен успех.
Шареноликата дружина ТНТ е од Њујорк, а нивното постоење е пародија на измазнетите тајни агенти опкружени со атмосфера на гламур, како Џемс Бонд, но со потсмевање и кон шпионските романи. (Наспроти шаблонизираното сфаќање на тајните агенти на оваа група седиштето и е во цвеќарница: продаваат овенато цвеќе, често импровизирано и склепано од различни материјали, сиромашни се и живеат во тотална беда.)

Од облачињата на страниците, кои излегуваат од краевите на нивните усни, трешти црн хумор додека ја критикуваат постоечката ситуација во општеството. Полураспаднатата цвеќарница во која ги чекаат инструкциите на нивниот водач, парализираниот метузалем, Број Еден, само е параван за нивните вистински детективски акции насочени кон борбата со опасните криминалци.
Додека русокосиот со пријатна надворешност со лик на помалку наивен и подводлив младич, кој се вика Алан Форд, чесно граби низ светот упаѓајќи во разни згоди (а почесто незгоди) по задача, неговиот верен сопатник Боб Рок, кого Магнус го нацртал како сопствена карикатура, е искомплексирано и пргаво човече со низок раст и голем нос. За век и веков неплатени за својата работа, со гладни очи тие се водат низ животот со своеврсна парола која за нив претставува лајт мотив: Подобро да живееш сто години како милионер, отколку седум дена во беда!“, со надеж дека еднаш и ќе се оствари. Секако, за тоа да биде можно, ја застапуваат онаа познатата: „Ако сакаш да победиш, не смееш да изгубиш“.

Дебелиот Шеф со своето милениче, глодарот Сквики, во друштво на болниот Еремија кого го боли „се и многу други нешта“, претставуваат дел од екипата која најчесто делува од позадина, ако Број Еден не ги примора на активно учество со стапот или бескрајна приказна.Тука се уште и Сир Оливер, пропаднат благородник со клептомански нагони, како и Грунф, десната рака на долгобрадестиот водач, изумител на секакви направи за малку пари, кои секогаш траат пократко од времето потрошено во производствениот процес, огласувајќи го својот крај со едно бууум! Овој последниов е и носител на маички со духовити натписи од типот: „Кој трча не оди“. „Кој лежи не бега“. „Кој лета – вреди. Кој вреди – лета. Кој не лета – не вреди“.
Освен кучето на Боб, Носко, папагалот Клодовик, како придружни членови на Групата ТНТ се и симпатичните негативци против кои се борат, како што е Суперхик – пијаниот Робин Худ со превртен систем на вредности, кој краде од сиромашните за да им даде на богатите, а чие главно оружје му е ужасниот здив.

Пред неколку дена почина цртачот Џовани Романини (74), ученикот и наследникот на Магнус, кој го продолжи стилскиот континуитет на „Алан Форд“. Добро е деновиве да се пробуричкаат таваните и подрумите и да ги пронајдете зафрлените и веќе заборавените примероци на овој легендарен стрип! Или, да позајмите од некого. Во овие тмурни времиња ептен добро доаѓаат вакви четива.

Б. Д. Н.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *