Македонската ракометна легенда Кирил Лазаров вчера го одигра последниот меч во францускиот шампионат во дресот на Нант и постигна три гола во победата против Тулуз (32-18).
Францускиот клуб Нант на спектакуларен начин го испрати во пензија нашиот најдобар ракометар на сите времиња Кире Лазаров и му се заблагодари за се што направи не само за клубот туку и за ракометот воопшто.
Лазаров се збогуваше со нивните навивачи, откако реши да ја заврши кариерата на крајот на сезоната, па му останува уште дуелот против ПСЖ во францускиот Куп на 11 јуни.
Македонскиот ракометар долги години беше дел од европскиот врв, а во Нант пристигна во 2017 година, додека синоќа имаше кралско збогување од францускиот тим.
Лазаров на паркетот го пречекаа кралска круна и стол, додека навивачите исто така имаа круни на главите и го поздравија селекторот на Македонија.