Забранетата Курдска работничка партија (ПКК) објави прекин на огнот со Турција. Тој почнува да важи од оваа сабота, соопшти ПКК, а пренесува блиската до неа новинска агенција АНФ. „Сѐ додека нема напади врз нас, нашите сили нема да вршат никакви вооружени акции“, се вели во соопштението.
ПКК со тоа одговара на апелот за мир на нејзиниот основач Абдула Оџалан. Курдскиот лидер, кој долги години е затворен во Турција, во четвртокот (27.02) ја повика ПКК да го положи оружјето и да се распушти.
„Се согласуваме со содржината на повикот и велиме дека ќе го следиме и спроведеме“, соопшти Извршниот комитет на ПКК. Оџалан е во самица на затворскиот остров Имрали од 1999 година.
Сепак, за успешно спроведување на повикот, на Оџалан мора „да му се овозможи да живее и работи под слободни услови“, нагласи ПКК. Ова е поврзано со нејзината надеж дека 75-годишниот Оџалан ќе биде ослободен за да може да го води процесот на разоружување.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го опиша апелот на Оџалан како почеток на „нова фаза“. „Имаме историска можност да постигнеме напредок кон целта за уништување на ѕидот на теророт“, рече Ердоган во петокот. Сепак, неговата влада истакна дека нема да преговара со ПКК. Во исто време, таа побара сите курдски милиции, вклучително и оние во Ирак и Сирија, да го положат оружјето.
Алијансата на сириски милиции СДФ, која Турција ја гледа како огранок на ПКК, го поздрави апелот на Оџалан. Сепак, се наведува дека повикот не се однесува на борците на СДФ.
Од 1980-тите, ПКК со вооружени сили и напади се бори за курдска држава или автономен регион во југоисточна Турција. Во конфликтот досега загинаа десетици илјади луѓе. ПКК од страна на раководството во Анкара и нејзините западни сојузници е класифицирана како терористичка организација. Нејзиното седиште е во ирачките планини Кандил.
Прекин на огнот последен пат беше прогласен во 2013 година. Но, мировниот процес пропадна во 2015 година.