Лек за рак, потенцијално делотворен за белодробна фиброза

Пулмоналната фиброза, како неизлечива болест поврзана со стареењето, ретко се јавува пред 50-годишна возраст. Денес сѐ уште нема лек за ова смртоносно заболување, но новите истражувања покажуваат дека одредени имунотерапии што се користат за лекување рак може да помогнат и во ова третирање на оваа болест.

Кај пулмоналната фиброза, позната и како идиопатска белодробна фиброза (ИПФ), третманите само го забавуваат нејзиниот напредок, без можност за запирање или враќање на претходната состојба. Се смета за болест на стареењето којашто зафаќа над три милиони луѓе ширум светот. Ретко се среќава кај помлади луѓе. Може да напредува брзо, предизвикувајќи оштетувања на белите дробови, во облик на „лузни“ што го отежнуваат дишењето. Притоа, околу половина од пациентите ѝ подлегнуваат на болеста во рок од три години од дијагнозата.

Истражувачите од Универзитетот Тулан во Њу Орлеанс, Луизијана, САД, открија потенцијален нов начин за лекување на ИПФ. Во напис во „Журналот за клинички истражувања“ (Јоурнал оф Цлиницал Инвестигатион), се открива дека лек за рак, одобрен од надлежните власти може да му помогне на имунолошкиот систем да ги отстрани оштетените стари клетки што ги напаѓаат белите дробови.

Се работи за „Ипилимумаб“ – лек за имунотерапија којшто се користи за лекување на разни видови рак.

– Ако функционира кај белодробната фиброза, овој пристап за обновување на имунитетот би можел да биде делотворен и кај други заболувања, како што се Алцхајмеровата или срцевите болести, за коишто е познато дека акумулираат стари клетки. Дали вистинскиот лек би можел да ги активира Т-клетките за да ги отстранат старите клетки без несакана штета? Ако е така, можеби сме поблиску до борбата против болестите поврзани со стареењето, па дури и до самото стареење, истакна д-р Виктор Таникал, професор на Универзитетот.

Истражувачите откриле дека овие стари клетки се акумулираат бидејќи природната способност на имунолошкиот систем да ги отстрани е блокирана. Причината е протеинот ЦТЛА-4 што делува како вид „кочница“ на имунолошкиот систем.

Користејќи „Ипилимумаб“, научниците успеале да го блокираат ЦТЛА-4 кај глувци. Ова ги ослободило Т-клетките (т.е. лимфоцитите), коишто имаат функција да ги отстранат старите клетки. Како резултат на тоа, глувците покажале значителни подобрувања во регенерацијата на ткивото на белите дробови и намалено создавање „лузни“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *