Овој сказновиден роман на Жарко Милениќ (издание на„Македоника литера“, превод од хрватски јазик на Елена Саздовска), е првиот од трилогија романи за деца поврзани со истиот главен лик (1. Леон, ученикот на волшебникот; 2. Леон во Стаклената шума; 3. Антадор, учителот на Леон).
Станува збор за книжевно-естетско остварување со високи вредности: според јазикот и стилот, организацијата на текстот, длабоко осмислената фабула и течната нарација, при што е карактеристичен класичниот стил на раскажување во духот на народната приказна, односно на бајката, со романизирана структура. Книгата е напишана со едноставен, лесен и убав раскажувачки јазик и стил. Реченицата е одмерена и куса, а динамиката усогласена според фабулата. Книгата, како и трилогијата, доби високи оценки од книжевната критика.
Книгата „Леон, ученикот на волшебникот“ првпат е објавена во 2004 година во Ријека – Хрватска, а потоа и во Босна и Херцеговина, Украина, Ерменија и во Бугарија.
Книгата содржи поучни приказни за растењето, наменети за децата, но и за оние коишто сè уште во душата се чувствуваат така.
Леон треба да стане крал, но тој не го сака тоа. Тој само сака да чита книги, додека пак неговиот помлад брат го интересира само владеењето со кралството. И покрај тоа што Леон своеволно се откажува од круната, неговиот брат во него гледа потенцијална опасност и го заточува во кулата. И така Леон, изолиран од сите, престојува во кулата и чита… Сè до еден ден кога одлучува да побегне и да го запознае светот за кој толку многу ќе научи и ќе спознае од книгите. Го очекуваат безброј возбудливи патешествија и средби со необични ликови, а со секоја средба тој станува побогат и поискусен… Така станува и ученик на Антадор, волшебникот со голема моќ, меѓутоа неговите намери секогаш не се добри…
Жарко Милениќ (1961, Брчко, Босна и Херцеговина) магистрирал руска книжевност и компаративистика на Националниот истражувачки универзитет во Москва каде што е докторанд. Живеел во Осиек и Риека, а сега живее во Брчко и во Подмосковје, Русија.
Автор е на повеќе од триесет прозни дела, повеќето романи, четири книги со раскази, исто толку стихозбирки, како и на две книги со критички текстови, една есеистичка, а приредувач е на антологиски и тематски избори. Автор е и на радиодрами. Некои негови дела се преведени на македонски, украински, ерменски, руски, француски и англиски јазик. На македонски јазик се објавени „Ги изеде дождот“ (роман), „Од училиште до дома“ (раскази), „Заедно“ (роман), како и Антологијата на хрватски научнофантастични раскази, чиј приредувач е тој. Се занимава и со преведување – преведува од англиски, македонски, руски, бугарски, словенечки и украински јазик. Наградуван е во Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Ирак и во Кина.