Сутерен.мк

Лицата на успехот

Неуспехот доаѓа сам од себе, но неговото чинење е многу поскапо и не не прашува дали сакаме или не да го подмириме!

Помината е уште една бесмислена еуфорија на глобалниот празник и бесцелното трошење на пари, кои ги немаш, но мене се уште во главата ми се вртат муабетите што се верглаа покрај преполните маси со сарми, руска салата, кифлички, свинско печено и жива туршија. (Оваа година бев попрактична, па наместо да пречекувам, одев по гости. И да ви кажам право, ова не само што е покорисна опција, туку е и многу порелаксирачка. Бапни им се, не дозволувај да те нагазат! Ако се упорни, речете им дека одите семејно во Аспен. (Нема да ви веруваат секако, со оглед на вашата финансиска черга, но ете им, нека вртат по хотелите и нека докажат дека не сте биле таму. А после измонтирајте за на социјалните мрежи – секое дете постаро од четири години знае како – фотки со пожелната позадина.)

И така, курдисани фамилијарно за празниците во неколку домаќински куќи и уште подомаќински трпези, дискутираме и мозгаме не за теоријата на струната и квантната механика, ниту пак, дали е историјата здодевна, а филозофијата глупава, туку дали и колку секој од нас е успешен?!

И еве, денови потоа, јас се уште се заморувам со таа тема. Всушност, продолжувам да шмелцувам. Па до пред оваа Нова година јас си бев онака лежерно убедена дека тоа што сум била најбрзиот сперматозоид е доволен доказ за мојата успешност! Или што сум фина (!?) средовечна персона која некого јаде т.е. никој до сега не ја изел неа! Ајде и малку по „егзистенцијалистички“ – мислев дека тоа што оддамна веке не ми се важни статусните симболи и комплиментите е доволен доказ дека сум успеала во животот! Ама не било така.

Бесмислена анализа

Маркетите (да, да, големите гранапчиња, не книжарниците), се преполни книшки од типот: “12 чекори до работата од соништата“, „4 тајни на врвната фигура“, „9 принципи на успехот“… Затоа што дресирани сме да ги прифаќаме туѓите, убаво спакувани, „клуч на рака“ решенија и системи и потоа да се обидеме да ги примениме на себе. Ако не делува еден, ќе пробаме друг. Она што е неугледно, очигледно и едноставно го отфрламе зашто, мислиме дека одговорите се покомплицирани инаку, сите би биле среќни и задоволни, нели!? Вистината е всушност, дека секој од нас си ја пишува сопствената и единствена книга за успехот и среќата.

Самореализацијата, себепозиционирањето во општеството пласирано е како највисока човечка потреба, но во суштина, претставува концепт базиран на американските културолошки вредности.
Од друга страна, ширум светот, од „примитивните заедници“ до исто така модерните општества, повеќето луѓе живеат неоптоварени со апсолутното самореализирање како највисока цел. Некои ја запоставиле таа потреба, други ја задоволуваат на поинаков начин. Накусо, за еден монах би рекле дека се изолирал, исклучил од цивилизацијата т.е. сам себе си се казнил да не го реализира својот потенцијал. Но, дали е тоа баш така? Чии се овие мерила и кој е меродавниот да го утврди стандардот?

Можеме да дрндаме до бескрај за нашите потреби и која, колку ни е битна, ама она што е сигурно е дека помеѓу потребите и желбите има огромна разлика. Потребите ги имаме природно, а желбите се создаваат. Значи, потребите мора да се задоволат, а желбите не мораат или барем, не мораат онака, како што сме си замислиле. Тука е и замката: ако премногу човек се врзе за начинот како нешто треба и мора да се случи многу ќе страда. Односно, работиш на нешто упорно и посветено и замислуваш како се драстично ќе се смени на подобро само кога тоа ќе го завршиш. Нема.

Втор „проблем“ се и преголемите очекувања од другите: од семејството, пријателите, колегите, љубовниците, авторитетите… Да се разбереме, никој ништо не мора и ништо не мора да се случи како што ние очекуваме и, покрај се. Зашто и на оние кои ги имаат најдобрите предиспозиции за остварување на своите најголеми фантазии сепак, тоа не значи дека и ќе им се реализираат според нивниот план. Вистината ослободува, фантазијата анестезира.

Важноста на патувањето

Таканаречените учители на живеењето ќе потврдат дека успешните не горат само во една животна категорија, додека создаваат хаос во друга. Успешните луѓе проблемите и предизвиците во животот ги решаваат според нивната хиерархија. Не дозволуваат да работат нешто што им „излегло“, што е итно, нешто што некој друг започнал…

Бидејќи чувствувам дека забегувам со „лекцииве“, да ви кажам набрзинка што јас научив во овие мои пет децении трошење на кислородот и другите неопходни ресурси за опстојување на многу поквалитетни суштества на планетава. Што ќе рече, сето претходно кажано слободно фрлете го во вода и запомнете дека успехот речиси на било кое поле зависи повеќе од енергијата и мотивацијата на личноста отколку од неговата интелигенција. (Како поинаку може да се објасни масовноста на глупави лидери!?)

Успехот е често резултат и на погрешен чекор во вистинскиот правец. Вистинската моќ не доаѓа од логореичната игноранција, туку од поставување на точни прашања. Како на пример, кој е пак, мојот успех? Искрено, не можев да го чекам, па продолжив понатаму без него…

Бранка Н. Доневска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *