Сутерен.мк

Ловечки правила

Ми велат дека сум убава и интелигентна. Образована сум и пристојно заработувам, читам книги, следам културни настани, ама сум сама. Искрена сум, дружељубива, духовита… И само што ќе помислам дека сум запознала човек за себе, ако не на првиот тогаш веќе на еден од следните состаноци ме откачува. Никого не можам да задржам покрај себе подолго од неколку дена?
Ариел

Ариел дарлинг, праисториското правило што секоја девојка треба да го знае е дека мажите се родени како ловци па така, за се што им се нуди на тацна веднаш губат интерес. Не дека сега вие треба да станете актерка од калибарот на една Мерил Стрип па да изигрувате нешто сосема трето од тоа што навистина сте, но можеби, барем на првите состаноци, треба да примените некаква „тактика“.

Не го барајте по првата средба и не му пишувајте. Па дури и потоа, не му ѕврцкајте постојано, а ако не ви одговори дури и на една порака – не му се обраќајте веќе. Непосредност е едно, инсистирање сосема нешто друго. Не го прашувајте секој познаник дали ве споменал, што рекол, каква гримаса направил притоа. Муабетите многу брзо се шират. Симнете се од закачалката. Нема ни трошка еротика во лесната достапност. Одложете средба, откажете ја, не одговарајте на секој повик…

Не морате баш на првото излегување да раскажете за вашата градинка, први љубови и фрустрациите на работа. Никој не сака да слуша автобиографски монолог од два часа. Натерајте го да стави во мислите прашалници за вас. Меѓутоа, не е пожелно ниту пак, да разговарате само за него – тоа ќе ве направи помалку вредна.

Плус, мажите имаат високо мислење за девојките кои се дружат со момчиња, но не сакаат машкуданки. Барем не за љубовна врска.

На прво рандеву сте, а пиете како да сте на свадбата на брат ви?! Ќе избега трчајќи како Усеин Болт. Всушност, не правете ништо премногу – не се смејте ко луди на секое негово отворање уста, не ги спомнувајте поранешните љубовници, не зборувајте само за работата или своите достигнувања…

Изгледа како да има премногу Не, но трикот е тој да не сфати веднаш дека сте невротична. Кога ќе ги пребродите тие неколку први среќавања после и ланец на вратот со бројче да му врзете, нема да забележи. И најважно: се додека не влезете во релативно надежна емотивна врска никако немојте да ги плаќате кафеанските сметки. Така е поздраво и за двајцата…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *